ПЕТ МИНУТИ СЛАВА: Со месеци се докажуваа, преку ноќ ги заборавија

Продуцентите на музичките шоуа ги користат младите за да заработат, а потоа ги прекршуваат договорите. Тоа е една од причините поради која повеќето од нив експресно исчезнуваат од сцената Ударните термини на нашите телевизии со години се резервирани за регионални шоуа за таленти. Во секое од нив има македонски кандидати кои често се пласираат меѓу најдобрите, а некои од нив дури и победуваат. Даниел Кајмакоски кој триумфираше во „Х-фактор“ донекаде успеа паметно да ги искористи минутите на популарност, но повеќето пејачи кои со месеци се докажуваа на српски, но и домашни музички натпревари се профилираа во ѕвезди со краток рок и преку ноќ го изгубија медиумското внимание. Веројатно малкумина се сеќаваат на Евгенија Чанчалова, талентираната кумановка која победи во шоуто „Сите наши песни“ кое го продуцираше националниот сервис. Овој триумф требаше да биде трета среќа за младата пејачка која претходно беше финалистка на „М2-потрага по ѕвезда“, а се натпреваруваше и во „Македонски идол“. Во тој период даде неколку интервјуа, освои и награда на „Скопски фестивал“, но еуфоријата спласна, а таа експресно беше заборавена. Чанчалова студираше на Факултетот за музичка уметност, на отсек соло пеење – популарни жанрови. Во една прилика изјави дека сол, џез и блуз е она што најмногу ја исполнува, но и дека се надева дека ќе успее конечно да се реализира на домашната поп-сцена. За жал, не успеа во намерата. Пред осум години Иван Раденов победи на „Македонски идол“ на тогашната „А1 телевизија“. По овој триумф, со неговиот брат-близнак се натпреваруваше и во регионалниот „Х-фактор“. Му предвидува голема кариера, но тој се повлече од медиумите. Веќе подолго време живее и настапува во Белград. Во едно интервју призна дека естрадната кариера никогаш не ја доживувал помпезно. - Никогаш не сум сакал кариера од типот на програмирана ѕвезда која има сè, освен сопствен живот. Не жалам за ништо. Имам реален живот, исполнет со љубов и искреност. Уживам во тоа што го работам, да пеам и да свирам. Кога човек ќе ги спознае вистинските вредности на животот нема за што да жали – објасни познатиот пејач. Струмичанецот Мите Стоилков победи во втората сезона на „Пинкови ѕвезди“. Во маратонско суперфинале кое траеше до три часот по полноќ (!), македонскиот претставник освои најмногу гласови од публиката. Освен победничка статуетка, под капата на телевизија „Пинк“ требаше да добие албум во кој ќе партиципираат звучни автори од целиот регион. Во исчекување на тој материјал, извиканата продукција продолжи да испорачува нови лица, а Мите сè помалку го препознаваат на улица. Во интервју за „Женски Магазин“ Боби Мојсовски пред два месеца ни призна дека е посветен на  Моделирање и анимација и дека песните ги чува за подобри времиња. Младиот охриѓанец имаше одличен пласман во „Х-фактор“, а во 2013 година победи и на реномираниот интернационален фестивал „Славјански базар“ во Белорусија. Сепак, Боби одлучи соло-кариерата да ја стави во мирување, а по потреба соработува со хрватскиот хитмејкер Тончи Хуљиќ и неговиот бенд „Мадре Бадеса“. - Доколку константно не се работи, фокусот на популарноста ќе се префрли на новите натпреварувачи од наредните сезони на шоуто. Треба паметно да се искористат „петте минути“. Тоа подразбира гостувања по емисии, интервјуа, објавување на нови синглови, добар маркетинг, настапи и концерти. Само така може да се задржи медиумското внимание, а тоа е голем притисок кој не може секој да го издржи – изјави Мојсовски во една прилика. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов