Што останува по љубовта?

Дали тоа е се што останува од љубовта? И што воопшто останува по неа? Телефонскиот број кој бледнее во сеќавањата. Чаши со гравирани монограми кои се украдени. По љубовта останува обичајот белото вино да се тури во две чаши, па двете линии да бидат на иста висина. По љубовта останува една маса во кафеана и зачудениот поглед на стариот келнер што не гледа со некој друг. По љубовта останува реченицата: „Убаво изгледаш, не си се изменила воопшто…“ и „Јави се понекогаш, го имаш мојот број“. И некои броеви од студентските соби во кои спиевме заедно по љубовта. По љубовта остануваат темните улици по кои се враќавме. По љубовта остануваат песните од радио кои не се веќе модерни. Остануваат љубовните шифри: „Ако ме сакаш, почни го утрешното предавање со трите букви со кои почнува моето име.“ Влезе во амфитеатар и рече: „Во нашата авангарда…“ И ми прати бакнеж. По љубовта, останува твојата страна од креветот и стравот дека некој ќе дојде изненадувачки. Клик-спуштена слушалка кога ќе се јави туѓ глас. Илјада и една лага. По љубовта останува реченицата која лута како дух низ собата: „Јас ќе одам прва во бања“ и прашањето: „Нема да одиме заедно?“ Сега не. По љубовта остануваат соучесниците: чуварите на тајната која веќе не е тајна. Полни пепеларници и празно срце. Навиката да се палат две цигари, во исто време, иако нема никој во близина. Фотографиите снимени во автоматот, таксистите кои никогаш не нè сакаа, По љубовта останува повредената суета. Металниот вкус на промашеност во устата. По љубовта остануваат други луѓе и други жени. По љубовта не останува ништо. Катастрофа! Момо Капор