,

Новогодишен украс од пом–пом топчиња

Добивај вести на Viber

Нешто кое многу ме расположува се волнените играчки и украси, а сега бидејќи се наближуваат празниците ми дојде идеја за мал снешко и дедо мраз од волнени пом - пом топчиња. За да ги направите потребно е бела, беж и црвена волна. Исто така ќе ви биде потребно портокалов текстил, црвена чоја, конец, лепило, црна кожа и перфоратор.

Најпрвин направете три пом - пом топчиња од белата волна во три димензии, една за главата, една за телото и една за капчето на снешкото. За дедо мразот направете две црвени топчиња за телото, едно беж топче за главата и бело топче за капата. Намотајте ја волната околу предмети со различни димензии, потоа исечете еден конец, извадете ја намотаната волна и на средината стегнете ја со конец. Потоа исечете ги краевите и со што ќе добиете бушаво топче. Израмнете ги влакненцата на топчето за на крај да добиете поцврсти топчиња. Откако ќе завршите со тоа поврзете ги големите топчиња меѓу себе.

Потоа земете ја црвената чоја и исечете парчиња за капче и шалче. Сошијте го капчето, а на врвот ставете го најмалото топче од волна. Оние кои се вешти во плетење можат да сплетат капче и шалче.

Земете го перфораторот и притиснете на кожата, со што ќе ги искористите крукчињата кои се во отпадот. Залепете ги како очи и копчиња на волнените топки. Потоа залепете ги и шалчето и капчето.

Од портокаловиот текстил сролајте едно парче и залепете го, за да направите нос. Можете и со конец од околу да го намотате. Потоа залепете или сошијте го на главата на снешкото. За на дедо мразот да направите нос, исечете парче од црвената чоја и соберете го со конец како топче. Потоа исечете иста должина конци од белата волна и поврзете ги со направениот нос, а потоа ставете ги на главата на дедо мразот.

Исечете лента од црната кожа и со помош на златниот маркер нацртајте ремен. Потоа залепете го или сошијте го на дедо мразот. Ако сакате да го закачите да виси некаде, направете врвка за закачување и ставете ја на задниот дел на украсите.

Па ако ви се допаѓа оваа идеја, обидете се и вие.

За Женски Магазин идеите ги прави Ана Јордановска-апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер