,

Обетки со ресички

За денес една нова идеја, нешто кул, нешто разиграно, а воедно и елегантно. Оние кои обожаваат ресички, можат да се обидат да направат обетки со ресички. За изработка на овие обетки искористив: мазен тенок конец, конусна монистра, алки, закачувачи, метална гравирана монистра, провидна монистра. Ќе ви бидат потребни и ножички, мали клешти и запалка. На некаков рамен предмет намотајте од конецот, според тоа колку густи ресички ќе сакате да имате ќе зависи дебелината на намотаниот сноп. На едниот крај исечете го снопот, а потоа со прстите притиснете го горниот неисечен сноп и со помало парче конец намотајте околу снопчето, па врзете го. Металната гравирана монистра, протнете ја на парче конец. Можете да ставите три монистри на еден конец, така што на краевите и на одредено растојание ќе врзете чвор и со помош на запалка можете да го зацврстите. Кога ќе биде спремно врзете го на местото каде ги стегнавте ресичките. Можете да ги оставите само со металната монистра, но доколку сте љубители на кристалчиња можете да додадете и провидна монистра на истиот начин. На крајот, врзете ја околу стегнатите ресички. Следен чекор е да ги протнете ресичките низ конусната монистра. Потоа земете или направете алки од жица, така што ќе ги протнете на краевите од конусчето, стегнувајќи го и конецот. На алките прикачете ги закачувачите и со тоа обетките се спремни.   За Женски Магазин идеите ги прави Ана Јордановска-апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер