Романот „И чоек и пес“ на реномираниот македонски писател Владо Димовски откако беше преведен на бугарски, деновиве е објавен и на украински јазик.„И чоек и пес“ во кој се поместени два романи - „Било-поминало, јас и Бошко личниот“ и „Таа година, јас, тој, таа и мажето“, го објави украинската издавачка куќа Тврдина.
Ова е втор превод на овој роман на Димовски, откако минатата година издавачката куќа Изида го објави на бугарски јазик.„И чоек и пес“ е роман за животните приказни, за апсурдите што ги носат љубовта и социјалните лавиринти.
Авторот со вдахновен, поетичен и згуснат исказ ја `разголува` душата на нараторот – главниот јунак и покажува колку убавините на љубовта може да донесат неубавини. Она што може да се најде на страниците на овој роман не е едноставна животна приказна, ни две приказни, ни само роман, туку распослана душа. Прозата на Димовски е искрена, наместа болно искрена оти болно е да им се погледне в очи на животот и вистината. А она што го чува од патетика овој роман со силен емотивен набој е иронијата. Некои романи се читаат, некои се доживуваат и се чувствуваат.
Овој роман, сосема релаксиран од тенденциозните структурни егзибиции, спаѓа во редот на овие вториве.Владо Димовски е македонски писател за деца и возрасни, автор на радиодрами, сценарист на телевизиски играни серии. Член е на ДПМ од 2000 година.
Добитник е на голем број награди и признанија, меѓу кои се и „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца на ДПМ во 2004 година за делото „Во срцето на птицата“.Романот „И чоек и пес“ на македонски го објави Македоника литера.