СЛЕДЕЊЕ И ВОЗНЕМИРУВАЊЕ, ПОНУДИ ЗА БРАК, НАВРЕДЛИВИ ПОРАКИ: Елена Ристеска за непријатните искуства

Добивај вести на Viber

Пред неколку години повозрасен човек ми пишуваше дека вселената нè предодредила да бидеме заедно и дека сум го разбудила од кома. Тој случај заврши со пријава во полиција, раскажува популарната пејачка и авторка Во рамките на кампањата #СегаКажувам (#TaniTregoj) иницирана од неколку независни активистки, а поттикната од случувањата во САД кога конечно почна гласно да се говори за сексуалното вознемирување, повеќе Македонки, меѓу кои и јавни личности, ги споделија своите искуства. По актерката Ирена Ристиќ, писателката и професорка Румена Бужаровска, дизајнерката Ивана Кнез и новинарката, авторка и активистка Ана Јовковска, својата приказна ни ја раскажа популарната пејачка и авторка Елена Ристеска. Пред неколку години таа била принудена да побара и заштита од полицијата. - Повозрасен човек ми пишуваше дека вселената нè предодредила да бидеме заедно и дека сум го разбудила од кома, па почна да ми доаѓа на врата. Тој случај заврши со пријава во МВР. Многу често фановите ги губат сетилата и почнуваат да прават нешта кои нè вознемируваат. Нè следат на улица, а тоа може да прерасне во опсесија и веќе не е поврзано со обожување, туку со пострашна форма на однесување – објаснува Ристеска. Низ годините ѝ се случиле многу невообичаени ситуации. Повеќето биле симпатични гестови, но признава дека на своја адреса добивала и навредливи пораки. На автомобилот често наидувала на пораки на кои пишува: „Елена те сакам!“ или „Елена, омажи се за мене“. - Има и луѓе со фантазијата без граници, па си замислуваат дека сме заедно и ми стигнуваат пораки од типот: „Оваа е нашата песна“ или „Те сакам, а ти не ми возвраќаш на љубовта“. Кога ќе се налутат ми пишуваат навредливи коментари. Има личности кои ми пишуваат преку триесет пораки дневно–раскажува пејачката. Без разлика на овие изолирани настани, Елена нагласува дека постои за фановите и токму поради нив има континуитет на домашната поп-сцена повеќе од петнаесет години. Сепак, овие искуства ја научиле да биде претпазлива бидејќи, како што вели, свесна е дека најчесто е тенка линијата меѓу искрени обожаватели и личности опседнати со ѕвездата. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов