Утринско кафе со Зоран Ристевски Бејбе: Одбирам да бидам лудо среќен

Поради природата на мојата работа повеќе од две децении утрата ги прескокнував и речиси на прсти се брои колку пати сум се разбудил пред 11 ч. Лани свесно решив да го сменам мојот начин на живеење и успеав во тоа. Утрата сега ми се омилен дел од денот, а појадокот вистински гурмански експлозив. Не пијам кафе дома, по утринската рутина во купатило, излетувам во Радио Бар или Винил да го испијам првото кафе.  Зелено смути ми е омилен појадок, но исто така наутро сакам и чорби и тоа најчесто во Естеле или Чамо. Ги сакам луѓето наутро одморени и позитивни, незатруени и нервозни. Околу 11 се враќам дома и најчесто работам на промоција на забавите на кои пуштам музика по социјалните мрежи или преслушувам нова музика. По ова следува мојата најголема љубов по музиката, возење со лонгборд. Ако не е влажно и воздухот загаден, не постои никој и ништо што ќе ме одвои од мојата вожња. Најчесто сум во парк кај моите другари од Вело кафе, каде нормално го пијам второто кафе. Ако не јадам нешто од ресторанот за готови јадења Шеф, тогаш сум или во Мад во Дебар Маало или во Пелистер, каде се чуствувам како дома. Бургер јадам ислучиво во Киоск, а моите омилени сендвичи ги подготвува Оли и Алјоша во Брекфаст клуб. Овие две места буквално го препородија моето маало. Вечерта служи за подготовка и одење на работа во некои од моите резидент места, кои најчесто се во Дебар маало или клубовите Епицентар и Минус 1. Многу малку време од денот поминувам дома, тоа го правам кога деновите се навистина грозни, а воздухот смртоносно загаден. Во тие денови ги отворам грамофоните и одбирам книга од купиштата, кои постојано ги купувам и чекам да им дојде ред за читање. За плочи и за книги и авангардни часописи, не жалам пари. Јас сум воспитан да во животот не се борам за статус, туку за среќа и радост. Искрено бидејќи живееме во многу тешки времиња во кои нема место за оптимизам, одбирам да бидам лудо среќен наместо свесно реален и тажен. Нели сѐ е избор.:)