Начинот на кој луѓето готват и јадат храна, игра огромна улога во културниот и личниот идентитет : Валентина Вања Тодоровска, автор на текстовите на „Слоу Фуд гостилници“ првиот прирачник за вкусна и автентична храна

Неодамна во кафе книжарницата „Литература“ беше промовиран првиот водич на Слоу фуд Македонија, прирачник за вкусна и автентична храна во гурмански објекти во нашата земја насловен како „Слоу Фуд гостилници“.

Водичот го претставува гурманското богатство на 17. интересни гостилници во нашата земја, што ја промовираат регионалнaта кујна, локалните вкусови и нашиот гастрономски идентитет. 

„Слоу фуд гостилници“ ја пресликува традицијата и ги применува принципите на современата  кујна, го почитува старото што го сервира во новото, правејќи вкусна симбиоза на минатото и иднината.

На овој проект работеше цел тим на стручни соработници на Слоу фуд Македонија, а автор на текстовите за гостилниците е новинарката Валентина Вања Тодоровска.

-- Целта на овој „вкусен“ водич е средбата на најубавите работи кои се создаваат со јадењата втиснати во нашиот код, раскажува Вања и дополнува:

. -Минатата година со Марјан Костадиновски тргнавме на Слоу фуд експедиција, и уште од првата гостилница во глава ги складирав сликите, миризбите, вкусовите, и при пишувањето само нурнував во тие ментални фајлови. Патем, сакам кога пишувам за храна затоа што јадењето, сепак, е привилегија за оние што се сакаат! Плус, гастрономијата, традицијата е еден од начините на кои се сака татковината. 

Начин на кој луѓето одгледуваат, готват и јадат храна игра огромна улога во  културниот и личниот идентитет а во Македонија, поради сонцето, гостопримството, амбиентот и пред се, вкусната храна, навистина добро се јаде вели Тодоровска.

Со Слоу фуд водичот за гостилниците ќе дознаете каде се прави золеник, тас ќебап, каурдисана туршија со ориз и праз, реканската пита, „Преспав чомлек“, мераклиски лукајнци, годивска салата.

-Всушност, „Слоу фуд гостилници“ треба да е верен придружник на туристите- странски и домашни, на авантуристите, сите што сакаат да истражуваат и да се нагостуваат со помалку заборавени домашни специјалитети. Така доаѓаме до плезирот од храната. Готвењето, гастро-уживањето и хедонијата се работи што не ги разбираат сите: едните се хранат попатно, набрзина, не гледајќи ниту што јадат ниту со кого јадат, другите колку да „помине редот“. Денес вистинските хедонисти ги надминаа бесмислиците што е привлечно и пригодно – дали на лицето имаат сос или устата им е мрсна, не се обидуваат да ги импресионираат келнерите, затоа што домаќините ги отвараат вратите на гостилниците како да го отвараат своето срце –посочува авторката.

Според неа, токму Слоу фуд гостилници ќе ве научат да уживате во домашната храна и амбиентот каде ќе се слави животот.

-И уште нешто за крај: како ќе препознаете Слоу Фуд гостилница? Знак на распознавање е црвеното полжавче што се наоѓа на вратите на локалите а тоа потврдува дека потеклото на храната е локално, квалитетно и произведено од малите фармери и занаетчии. Полжавчето е патоказ кон местата каде добро се јаде и пие – вели Тодоровска..

(С.А.Н)