Aна Бунтеска: чоек без љубов, љубов моја е како јас без тебе

Чоек без љубов е како река без вода

со суво корито кое одумрено зјае

и како облак без капка дожд за земја да навади

и коритото речно со живот да го наполни

како небо без ѕвезди нанижани

за патот ноќум да го покажи

за да не се изгуби

чоек без љубов е како лушпа без плод

кој в земја гние и се распаѓа

без на убост да замириса

како жена без пород

која со очи насолзени туѓите деца кришум ги гледа

и утробата до бол си ја стиска

како тетерав старец без бастун кинисан

кој не знае кога нозете ќе му откажат

за да се струполи среде пат

како млада невеста без момчето останата

која никогаш повеќе друг со очи не ќе види

и која невестинскиот фустан за погреб го чува

чоек без љубов е како дете без мајка останато

без раката нејзина врз главчето да ја осети

без нежноста од збор мајчински

како маж кој жена си изгубил

и во секоја друга нејзе ја бара

за ноќите со сликата нејна да ги минува

како пиле без крошна во која ќе преспие

со крила уморни од бесцелно летање

и песна која повеќе никој не ја слуша

ех

чоек без љубов е пустина

или пустош ако повеќе така милувате

без сегашност и иднина

останат со минато

кое го преживува одново и одново

со јалови спомени и горчливи солзи

без смеа

без радост

без душата од убост да му заигра

ко без сенка останат

како од него да се одлепила и кај друг да заминала

како школка без бисер останата

ко полжав без куќарка

ко пеперутка без крила

ко ѕуница без жолтата во себе

и не го бива

ниту за себе го бива

ниту за другите арен е

болежлив и тажен

молчелив и сам

ко хартија без зборој

ко платно без бои

ко песна без ноти

чоек без љубов

чоек без љубов, љубов моја

е како јас без тебе

а ти без песна моја

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска