Аки Рахимовски утре требаше да дојде во Скопје: Каролина, Тавитјан и Харе се сеќаваат на пријателот

Браќата Тавитјан со неверување и огромен шок ја примија веста за прераното заминување на Аки Рахимовски, легендарниот фронтмен на „Парни ваљак“, кој почина денеска во Ново место во Словенија.

-Тој требаше утре да допатува во Скопје да се видиме, а во план беше и нова музика. Нема зборови со кои би ја опишале тагата. Тој беше искрен, голем пријател и добар човек и покрај фактот дека беше најмаркантната рок икона, огромна легенда и гласот на најубавите песни со кои живеат генерации на Балканот и пошироко во своите најубави и тажни моменти. Го започна својот музички пат во Скопје каде и беше роден, со музичката група „Тор“ заедно со Гаро, Црногорец и Ани, за подоцна да замине во Хрватска каде стана вокал на легендарните рок гиганти „Парни Ваљак“, а останатото е историја. Беше крал и авторитет на големите сцени и арени“, изјави за Женски магазин музичарот Диран Тавитјан, евоцирајќи спомени од нивната семејна дружба со Аки, брат му Гаро и татко му Гарабет.

-Тој знаеше да дојде во студио и спонтано да уживаме музицирајќи до раните утрински часови, а така настанаа и некои песни. Редовно ги посетуваше пријателите и семејството во Македонија и се дружеше и сите го сакаа. Ни беше вистинска чест и привилегија неговото долгогодишно пријателство и соработка, а во вечно сеќавање преубавите дружења, концерти и моменти со него. Искрено сочуство до неговото семејство и бенд. Аки, те сакаме, вечен си, фала ти за се’!“, ни раскажа Дики Тавитјан.

Една од најубавите песни од проектот „Македонското срце чука во 7/8“, преработката на македонската народна „Сношти сакав да ти дојдам“ во која гитара свири Горан Бреговиќ, Тавитјан ја отсвиреа со Аки. Рахимовски беше гостин на повеќето нивни конецрти во Скопје, како и на најголемиот на 8 септември во 2012 година, на Градскиот стадион. Аки исто така беше чест гостин на „Златна Бубамара на популарноста“ и пријател со радио „Буба мара“. На него, со тага се присети и Каролна Гочева која ни ја раскажа нивната последна средба.

-Имам куп сеќавања со Аки од времето на нашата верзија на „Бела песна” која беше дел од кампања за борба против дрога во Хрватска, па тој период 2006/2007 постојано патував со него на различни концерти по регионов. Беше татковски поставен према мене и се’ нешто ме советуваше, ме караше. Тоа ми беше толку симпатично зашто во суштина беше мек, добар човек, а на сцена пак еден од најенергичните изведувачи кои овие простори ги паметат. Последно го сретнав лани, пролетта, на Максим Горки, со новата сопруга и бебенцето во количка. Едвај се препознавме маскирани…жал ми е што не се гушнавме ради пандемискиве правила. На заминување си рековме “ајде, па се гледаме некаде наскоро” но ете, толку било“, ни рече Каролина.

Аки често знаеше да ги пее „Зошто си ме мајко родила“, и „Битола, мој роден крај“, која ја испеа на концертот во Битола, со Битолскиот камерен оркестар изминатово лето. За Женски магазин, Рахимовски тогаш изјави дека Битола го вратила во живот. Една од поубавите песни кои ги има испеано на македонски е „Мајко“, во која му гостува на познатиот музичар Игор Атанасовски- Харе. 

-Уште сум во шок....не можам да поверувам. Не стигнавме ни да се поздравиме. Она по што ќе го паметам е неговата скромност и едноставност, својствена за најголемите! Мирно небо легендо! Огромна чест е таква легенда да отпее твоја песна!“, ни изјави Гуру Харе за својот пријател.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива