Ако го победам утрото, ќе го победам и денот: Утринско кафе со Славица Јанкуловска - Цаци

Денот го започнувам со насмевка. Зошто знам дека ако го победам утрото, ќе го победам и денот. А денот е убав само ако одлучиш да биде твој. Секој ден е чудесно патување и само си ти одговорен за неговиот квалитет. Еден од убавите почетоци на денот ми е утринското кафе со мојот сопруг.

Мојата професија е креативна. А кај секоја креативна личност мотивацијата доаѓа од желбата да се успее, а не да се биде подобар од другиот.

Кога мислам на мотивација, помислувам и на спортистите. За мене тие се синоним што значи мотивацијата во акција. И самата спортувам континуирано и знам дека ако го имате тој спортски дух во себеси, сé е возможно.

Се што посакувате може да се оствари, пред вас да имате чиста мисла и јасна визија за тоа што сакате да го направите. Исполнете го вашето тело, вашите мисли со јасна експресија, желба, мисла, јасна слика.

Доаѓа крајот на денот и сфаќаш дека не си ги направил сите работи докрај. Како атлетичар пред последниот круг кој е зацртан за завршување на трката. Дали силината на вашиот внатрешен глас ја имате ставено на најјако?
Дали живеете со полна пареа? Сигурно не сакате да го потрошите вашиот ден туку така. Секој ден треба да си го поставувате истото прашање, зошто сте тука, за што постоите.
Така што си давам поттик и го трчам и последниот зацртан круг кој ме носи до целта, буквално секој ден.
Уште еден важен детал во сето тоа е да негувате во себеси позитивен дух и да се опкружите со малку, но вистински луѓе околу себеси. Се друго е трошење непотребно на енергија.

Секој ден е поинаков и тоа е една од убавите работи во мојата професија. Ја имам и таа слобода сама да го правам мојот распоред и да го менувам. Мојот ден подразбира ред работа, ред релаксација со мојот круг на луѓе, ред работа, ред спорт, ред работа, ред време поминато во природа... во мојата работа има многу радост, еуфорија...но и рокови. Секоја колекција или секоја индивидуална нарачка е нова приказна. Не е истиот процес, од самата идеја, преку избор на материјали до реализација. Го сакам тој уникатен процес во секое ново парче облека што го создавам.

Денот го завршувам со планирање на агендата за следниот ден, со позитивна мисла, со јога вежби и медитација.

Живееме во време кога единствено нешто што се чита се кратките статуси на социјалните мрежи, нешто што со сигурност затупува. Блиските знаат дека не трошам време на социјални мрежи, ги користам минимално. Но затоа сакам книги.
Со секое превртување на нова корица, вие навлегувате во нови и нови светови кои ги рушат границите што си ги поставува човековиот ум. Анализирањето на размислувања и ставови кои не се поклопуваат со вашите, ви ја распламтува фантазијата и ви ја зголемува креативноста. Книгите се и „порок“ кој создава добра зависност. Колку повеќе читате, толку пољубопитни станувате.

Со добра книга никогаш не може да бидете сами. Сакам исто така за книги да зборувам со пријателите. Но и со непознати. Кога ќе сретнете личност која го обожава вашиот омилен автор, веднаш чувствувате поврзаност и лесно ја пуштате во вашиот пријателски круг. Но, книгите не само што создаваат нови пријателства, туку тие се и неисцрпен извор на разговори со старите пријатели.

*Славица Јанкуловска - Цаци, модна дизајнерка