Инсулин земам од 9 години: Приказната на новинарката Рената Јакимовиќ

Добивај вести на Viber

Новинарката во ТВ „Сител“, Рената Јакимовиќ боледува од дијабетес од својата деветта година. Нејзината динамична професија бара многу посветеност, но истовремено е важна и посветеноста на борбата со болеста. Оваа храбра млада жена, отворено раскажува како живее со дијабетес, каков начин на исхрана применува и колку е важна отвореноста и едукацијата во нејзиниот случај. 

- Од кога точно боледувате од дијабетес, кога и како ги забележавте првите симптоми?

- Дијабетесот ми е дијагностициран на 9 годишна возраст, во 2003 година.Симтомите беа драматични и навистина видиливи. Пиев по 4 до 5 литри вода на ден, уринирав пречесто, ја губевв својата тежина и имав главоболки. Симпомите ги имав некое време па моите родители ми направија крвна слика која резултираше со превисок шеќер во крвта. Тоа значеше итна хоспитализација во оделот за ендокринологија при детската клиника и финалната дијагноза, дијабетес мелитус, тип 1.

- Дали примате инсулин и внимавате ли на начинот на исхрана?

- Од самиот старт јас сум на инсулинска терапија, мојот тип на дијабетес е инсулински зависен. Во првите 6 години користев инсулински пенкала, минимум 4 боцкања на ден, а потоа преминав на инсулинска пумпа, уред кој делува како надворешен панкреас.

Правилната исхрана е задолжителна за мене, а тоа значи 5 оброка на ден по можност со сложени и бавно разградливи шеќери. Секое излегување од овој начин на исхрана за мене значи нарушени добри вредности кои резултираат со промени во расположението и способноста да функционирам нормално, па затоа се трудам да внимавам на начинот на исхрана максимално што можам.

- Со оглед на вашата динамична, новинарска работа, можете ли соодветно да придржувате на режим на исхрана и терапија? 

- Морам да признаам дека новинарската работа е стресна и динамична па тоа некогаш ми предизвикува проблеми во одржувањето на балансот. Постојат денови кога навистина немам време да го земам оброкот во точниот час, па го прескокнувам, но никогаш не дозволувам да немам време за проверка на шеќерот во крвта и давање на корекција со инсулин доколку е потребно.

Кога ќе влезам во бубањот на работниот ден некогаш се чуствувам како акробат кој жонглира чекорејќи по јаже, но давам сѐ од себе таквите денови да се реткост.

- Ви се случило ли да сте на терен, на програма, и ненадејно да огладните? Што правите во тие моменти? 

- Во оваа една година како што активно работам како новинар не ми се случило да не можам да ја завршам работата поради дијабетесот и се надевам дека тоа така ќе остане. Секогаш се трудам да бидам добро најадена пред да излезам на терен со цел да спречам паѓање на шеќерот, но доколку тоа се случи со мене секогаш имам шеќерчиња или сок кои најбргу делуваат. Си давам себе си 20 минути за стабилизација и продолжувам со работните обврски. Се трудам да не се оптоварувам со тоа „што би било, ако би било“ бидејќи тоа ќе влее само страв кој нема да резултира позитивно. Се разбира дека сѐ е возможно и сум размислувала за неубавите исходи, па затоа можеби давам дополнителен труд да ги спречам несаканите ситуации како паѓање на шеќерот во крвта и губење на свеста.

- Како млада жена, колку дијабетесот ви пречи во секојдневните активности?

- Јас мојот живот го имам така наштелувано па дијабетесот не ми претставува никаква пречка во секојдневието. Баш напротив јас ја користам мојата здравствена состојба во секоја подадена прилика да ги едуцирам луѓето околу себе, да ги охрабрам оние кои имаат дијабетес или живеат со лице кое ја имаа оваа состојба и да бидам пример за останатите дека оваа состојба и покрај своите неубави страни може да се контролира и со истата да живеете долг и исполнет живот.

- Вие сте претседател на здружението Алегриа, како најчесто го обележувате Светскиот ден на дијабетесот?

- Како членови на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ) организираме прес за новинари, обраќање на стручната фела до граѓаните и медиумите и дебата се со цел покревање на јавната свест за оваа состојба како и за нејзина превенција. Соработката со државните институции се надеваме дека наскоро ќе не однесе до креирање на Национална Дијабетес Стратегија и национален регистер кој ќе ни овозможи да се фокусираме на конкретни групи и најважно едукација бидејќи никогаш не е доволна.

Милица Џаровска