Александар и Гоце Георгиевски: Бадник и Божик ќе ги прославиме кај родителите, а на „менито“ ќе има и малку спорт, малку политика
Тие се пример за сложни и успешни браќа.
Имале безгрижно детство исполнето со многу игри. Растеле во семејство кое ја
почитува традицијата и од кое ги наследиле семејните вредности – чесност,
принципиелност и човечност.
Александар Георгиевски (37) е Градоначалник на Општина Илинден. Среќно оженет е со Ана, а круна на нивната љубов е четиригодишната Михаела.
Гоце Георгиевски (34) има богата ракометна кариера. Игра за Вардар и за македонската ракометна репрезентација. Со сопругата Симона родители се на две прекрасни деца Алексеј (5) и Софија (3).
Божик е празник кој обединува повеќе генерации на празничната софра. Дали имате традиција празникот да го прославите во домот на родителите?
Александар: Да, традиција е за овој празник да сме во домот на нашите родители. Особено на Бадниковата вечер спроти Божик, во која заедно сме собрани на заедничка вечера и по традиција се крши и лепче со паричка. Овој празник посебно ме асоцира на семејство и на дом.
Гоце, со оглед на тоа што откако сте дел од македонската ракометна репрезентација, во овој период сте зафатени со подготовки за настап на европски или светски првенства, дали се случува да ја пропуштите прославата на празникот. или и за вас ракометарите важи „кај и да си, за Бадник и Божик дома да си“?
Гоце: Токму така, во овој период од годината сум зафатен со репрезентативни подготовки, но не ја пропуштам можноста да ги прославам празниците со моите најблиски дома. Само еднаш бев отсутен, пред три години, кога се подготвуваме во Словенија за Европското првенство во Австрија.
Кој се грижи за празничната софра? Дали
учествувате во подготовка на јадењата?
Александар: Вообичаено за тоа се задолжени нашите родители, особено нашата мајка, која
поседува одлични кулинарски вештини. Но, кога
станува збор само за моето семејство, нормално
заедно со сопругата се трудиме да бидеме добри домаќини.
Гоце: Сопругата го има главниот збор во кујната.
Но, се случува да помогнам и да учествувам во подготовката на софрата во домот.
Со оглед на вашиот динамичен живот, практикувате ли молитва и пост, кои се подготовки за празникот?
Александар: Се трудам барем последните денови пред Божик да бидам на пост. Исто така настојувам барем за поголемите празници, како што е и Божик да отидам во црква. Исто така, со оглед на возраста на нашите деца, посебно се подготвуваме за Коледе, интересен наш традиционален обичај, кој и мене ме потсетува на детството.
Гоце: Редовно за празникот одиме во црква. Исто така претпочитувам и пост, но не секогаш.
Нема ништо поубаво од тоа да се пренесуваат семејните и традиционални обичаи на следните генерации. Дали тие обичаи ги научивте од деца и сега ги пренесувате и на вашите поколенија?
Александар: Традицијата и семејството се столбот на општеството. Токму нашите обичаи нѐ прават посебни и уникатни како народ. Секогаш настојувам да се држам до сето она што сме го наследиле од нашите предци, баби и дедовци, истото колку можам да го практикувам и нормално да го пренесам на моето дете. Ако се држиме сите до тие вистински вредности и традиции, сигурно дека и нашите деца ќе ги направиме подобри луѓе.
Гоце: Горд сум што нашите родители нѐ научија на тие верски обичаи и адети уште во детстсвото. А сега ги пренесуваме и на нашите деца.
ДЕТСТВО ИСПОЛНЕТО СО ИГРА И ЗАБАВА
Какво детство имавте, колку бевте блиски?
Александар: Имавме убаво детство, а со оглед на малата разликата во годините, растевме заедно и бевме многу блиски како браќа. Детството ми буди само убави спомени, исполнети со многу игра и забава. Тогаш немавме интернет нели, како сегашните генерации и главно се забавувавме со оние традиционални детски игри. Дај Боже сите деца да имаат такво детство како што имавме ние.
Гоце: Не бевме само браќа, туку и најдобри другари. Поголем дел од времето го минувавме заедно. Имавме навистина прекрасно детство исполнето со безгрижност, поврзаност.
Бевте мирни деца или некој од вас посебно се издвојуваше правејќи поголем неред?
Александар: Генерално бевме мирни деца, но ако некој треба да се издвои како понемирно дете, тогаш сигурно е Гоце. Тој беше поголем бељаџија, а јас како повозрасен секогаш бев „совесниот“. Родителите тоа и го очекуваа од мене, а нему како помал му се прогледуваше „низ прсти“.
Гоце: Бевме добро воспитани деца и затоа сум им благодарен на моите родители. Сепак, јас бев тој кој правеше поголем неред по дома.
Кога се јави желбата за спорт, ракометот, дали двајцата почнавте да тренирате или Александар вие уште од дете знаевте дека ќе се посветите на друга професија и ќе остварите трага во друга дејност?
Александар: Гоце како дете беше
мултиталентиран за спорт, почнувајќи
од фудбал, кошарка,па сѐ до ракомет. Мислам дека и да се одлучеше за друг спорт, ќе успееше и таму. Јас исто така го сакам
спортот и како дете уште во основно училиште започнав да тренирам ракомет, бев дел од школската екипа. Кога бев во средно училиште тренирав кратко
време во младинскиот тим на еден суперлигаш. Но, со оглед на училишните обврски, престанав и веќе со запишувањето на факултет, знаев дека мојата професионална кариера ќе оди
во друг правец.
Гоце: Можам да кажам дека јас израснав со
топка во раце, ме привлекуваше уште од дете. Живееме во куќа со голем двор и
цел ден игравме ракомет, кошарка, фудбал. Следствено на тоа, уште од дете бев
преориентиран на спорт, но прво тренирав фудбал. Желбата за ракомет ми се
појави малку подоцна, во основно училиште, каде што се натпреварував на меѓу
училишните игри. Но, паралелно тренирав и фудбал. Кога станав средношколец,
морав да се одлучам за еден спорт и го избрав ракометот.
БРАТСКА ПОДДРШКА
Александар, дали и на кој начин го поддржувавте Гоце во ракометот? Одите ли често на трибините да навивате?
Александар: Се трудам да бидам секогаш на трибините, освен во исклучителни ситуации кога сум објективно спречен, па тогаш следам преку ТВ. Инаку отсекогаш сум настојувал да му дадам секаков вид на поддршка, морална пред сѐ, особено на неговите професионални почетоци, кога повеќе му била потребна. И денес често знаеме да поразговараме, да споделиме мислење за многу работи поврзани со ракометот и неговата кариера.
Гоце како ја прифативте одлуката на вашиот брат да влезе во политика? На што сте посебно горд?
Гоце: Со оглед на тоа дека неговото завршено образование е политички науки и дека половина од неговиот живот е посветен со проблематиките на оваа професија, одлуката ја прифатив како нормална и навистина сум горд на мојот брат. Сега зборувам за него не како брат, туку како човек кој си ја знае својата работа, кој е доста чесен, отворен за сите и подготвен секому да помогне. Од друга страна е стручен, трпелив, дисциплиниран, особини што се неопходни за политиката. Многу ја сака својата работа и не се сомневам дека ќе направи добри дела и работи.
Спортот и политиката немаат допирни точки. Како
вие ги спојувате во вашите разговори?
Александар: Вообичаено, се трудам политиката да биде помалку застапена
во нашите разговори. Со Гоце сакам да
разговарам за спортот, затоа што во слободно време следам
спорт. Но, секако и
политиката е неизбежна, не само од причина дека се занимавам со неа. Генерално политиката во нашево општество е тема
која предизвикува внимание.
Гоце: Морам да кажам дека имаме многу теми на разговор. Некогаш и спортот и политиката се на менито, со оглед на тоа дека тоа ни се животни професии и неминовно е да ни бидат тема на нашите разговори.
Што си посакавте да ви се оствари во Новата година?
Александар: Пред сѐ и над сѐ здравје и лично и на најблиските и секако успех на семеен и професионален план.
Гоце: Здравје за мене и за семејството во овие тешки времиња на пандемија. Годината да ми биде исполнета со многу успеси, како на професионален, така и на приватен план. И нормално посакувам уште од почетокот на годината да ја израдуваме цела македонска јавност со успешен настап на Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Соња Алексоска Неделковска