Александар Масевски: Единствено што очекувам е достоинствено претставување на нашата песна и нашата татковина Македонија

Добивај вести на Viber

Нашата годинешната евровизиска претставничка Андреа, ќе се обиде да ги освои жирито и европската публика со темата „Circles“, на која автор на музиката и аранжманот е познатиот продуцент Александар Масевски, а текстот е пишуван заедно со пејачката. 

Тимот на нашата делегација е веќе во Торино, Италија каде ќе се одржи Евровизија 2022, а Андреа денес ја има првата техничка проба. Пред самиот настап, очекувањата, предвидувањата и самата еуфорија, разговараме со Александар Масевски.

*Зошто евровизискиот избор во Македонија е толку важен настан и секогаш предизвикува полемика, повеќе негативни отколку позитивни реакции?

- Па, реално Евровизија е единствениот начин за поголемиот дел од македонските артисти, автори и продуценти да излезат на голема сцена на која ќе добијат шанса да ја претстават својата музика како и себе си пред огромен аудиториум. Тоа е секако голема шанса и мислам дека во целата таа полемика и негативност поврзана со националниот избор голема улога играме и ние авторите/продуценти како и самите артисти. Ние носиме голема одговорност за лошата репутација на изборот на песна за Евровизија, како и за другите фестивали во Македонија генерално и не е фер таа одговорност секогаш да ја префрламе само на организаторот. Поради преголемата желба да бидеме избрани за претставници на земјата, со своите постапки во текот на самата манифестација (целта ги оправдува средствата нели?!) и изјави откако истата ќе заврши, ја подгреваме ваквата негативна атмосфера. Затоа после секој национален избор за песна на Евровизија останува едно неубаво чувство кое на никого не му е потребно.

Но, тоа е што е, лекциите не ги учиме, поправка нема и не очекувам никакво подобрување на оваа тема најмалку барем во наредниве педесеттина години.

*Во Торино вашата песна ќе ја отпее млада пејачка, на која ова ќе и биде прво искуство пред голем аудиториум. Одговорноста и тремата се неизбежни и кај многу поискусните изведувачи. Кој совет и го дадовте, што ја учевте?

- Точно е дека на Андреа ова ќе и биде прво искуство на голема сцена, пред огромен аудиториум и откако еуфоријата околу нашата победа на националниот избор стивна, таа се соочи со реалноста и почна секојдневно да се подготвува токму за да може на некој начин да има повеќе контрола над тремата која како што рековте е неизбежна.

Имаше и мала турнеја каде што песната ја изведуваше во живо во Букурешт, Белград, Лондон, Тел Авив и Мадрид и на секој настап како што тие последователно доаѓаа, нејзината изведба беше се подобра и подобра.

Андреа ја имаше привилегијата, на оваа тема и воопшто на тема Евровизија да разговара и да добие совети од Калиопи и од Тамара кои се извонредни вокалистки и кои безрезервно ја подржуваат неа и нашата песна.

Има тука и многу практични совети од страна на целиот тим кој работи на проектот околу тоа што се таа би можела да направи за да ја исконтролира тремата, но како тие совети ќе се рефлектираат на самата сцена останува да видиме. Ние се надеваме дека се ќе биде во најдобар ред и дека Андреа ќе ја изведе песната на едно завидно ниво.

* Правила за победничка песна нема. На Евровизија победувале и шансона и хеви метал, и убавици и чудовишта, мажи и жени. Во годинешната музичка конкуренција, какви се вашите очекувања?

- Според големото мнозинство на коментари по социјалните мрежи имаме добра песна и изведувач, но поаѓајќи од фактот дека Евровизија е непредвидлив настан и дека покрај песната и изведувачот многу други фактори на кои не можеме да влијаеме играат улога во конечниот пласман, единствено што очекувам е достоинствено претставување на нашата песна и нашата татковина Македонија.

Ако ѕвездите ни бидат наклонети можеби ќе добиеме шанса да настапиме и по втор пат, во финалето на Евровизија, а ако не, да сме живи и здрави.

* За изборот се вели дека музиката се губи меѓу светлосните ефекти, сценскиот настап и плејбекот. Но, според коментарите изминативе години особено победничките песни, го докажуваат спротивното. Кое е вашето размислување?

- Има некоја промена во концептот на Евровизија изминативе години во смисол на тоа дека се враќа музиката, но се уште е многу рано да се смири топката и да се обрне повеќе внимание на самата песна и изведба, без толку многу да се става акцентот на сценскиот настап и на светлосните ефекти. Всушност Евровизијата е телевизиско шоу и со цел ова шоу да се направи поатрактивно за гледачот, акцентот се фрла повеќе на фасадата (на тоа како изгледа песната) отколку на суштината (квалитетот на самата песна). Имено тоа што се зборува за Македонија е дека и кога сме имале добри песни, сценскиот настап не бил на очекуваното ниво и дека најчесто таму потфрлуваме.

Но, исто така  да не забораваме дека сега во ова “време на социјалните мрежи” меѓу евровизиските фанови имаме “експерти” за музика, текст, продукција, сценски настап, вокални техники и какви уште не “експерти” кои имаат толку многу “познавање” од секоја сфера што е просто невозможно да се фокусираш на песната без да бидеш подучен што се уште би требало таа песна да содржи.

Полека светот почнува да ми заличува на нас Македонците... сите се знаеме и тоа подобро од било кој друг.


* Автор на текстовите на некои ваши песни е вашата сопруга, балерината Билјана Пашариковска. Како се случи да биде и ваш професионален соработник, со оглед на тоа што е автор на повеќе текстови на ваша музика?

- Па, Билјана е многу креативна и има повеќе таленти, а еден од тие таленти е и пишувањето текстови. Има напишано текстови за песни на Сања Лефкова, Нина Јанева, Наде Талевска, Игор Митровиќ, Даниел Дан, за дуото Џемини и уште 40-ттина текстови за песнички за деца изведувани на познатиот детски фестивал Супер Ѕвезда.

Случајно тргнавме со таа соработка откако увидов дека поседува и таков талент. Направивме една проба и откако видовме дека напишаното навистина има смисол и одредена сериозност, го повторивме процесот 50-ттина пати (хаха).

Таа го познава мојот сензибилитет, знае како сакам да ги наместам зборовите на мелодиските фрази и соработката генерално течеше без проблем.

* Го наследивте музичкиот ген на вашиот татко Димитар. Колку вашиот син покажува интерес кон музиката?

- Син ми Димитар посетува часови по солфеж и пијано во Илија Николовски Луј и оваа учебна година го завршува шестото одделение. Покажува интерес кон музиката, но се уште не би можел да отценам дали таа ќе биде негова животна професија. Во секој случај ако има желба и голема љубов кон музиката (зошто само тогаш е оправдан изборот музиката да биде нечиј животен повик), јас ќе го поддржам и ќе му помогнам при иницијалното насочување и зачекорување во раскошниот свет на уметноста.

Сега за сега неговиот најголем интерес се компјутерските игри, социјалните мрежи, фудбалот и дружењето со неговите другари.

*Кој е клучниот совет што го добивте од татко ви, а ќе го пренесете на синот?

-Татко ми не беше човек кој даваше совети.

Во текот на моето живеење со него спонтано научив многу, поаѓајќи од тоа како треба да се грижиш за своето семејство, како треба да се ужива во слободното време со гитара, песни и дружби со своите пријатели, па до тоа со каква ревносност и сериозност  треба еден вистински професионалец да приоѓа кон работните обврски. Најважно ми беше неговото постоење, а јас бев доволно умен да извлечам заклучоци и да се насочам во правец кој денес го карактеризира мојот начин на живеење. Се надевам дека мојот однос кон луѓето, светот и животот, ќе му даде инспирација на мојот син, да постави здрави темели за сопственото животно патешествие.

- Како изгледа секојдневието на семејството Масевски?

Веројатно како и секојдневието на поголемиот дел од луѓето... полно со професионални и приватни обврски каде што на крајот од денот кога Димитар се повлекува во својата соба, јас и Билјана остануваме пред тв приемникот опкружени со домашните миленичиња: мачорот Мацан, мачката Лола и кучето Балдер.

Соња Алексоска Неделковска