Ален Исламовиќ за Женски магазин: Семејната куќа ја претворив во вила со базен за туристи

Добивај вести на Viber

Ален Исламовиќ, легендарниот пејач на „Бијело Дугме“ и на „Дивље јагоде“ , откако послабо настапува поради пандемијата со коронавирусот, реши да се занимава со повеќе други бизниси, а еден од нив е угостителството.

Исламовиќ својата куќа во родниот Бихаќ во Босна и Херцеговина реши да ја претвори во туристички објект, и преку Женски магазин ги покани и неговите фанови од Македонија да го посетат.

-Поради недостаток на концертите и пандемијата, морав да започнам со други деловни активности, па решив да се занимавам со туризам.  Во Бихаќ, заедно со моите ќерки решивме да ја измајмуваме мојата семејна куќа. Го реновиравме просторот околу неа, направивме базен, и им овозможивме на туристите сепак малку поинаква понуда во Бихаќ, а не само ќебапчиња и лепиња“, ни раскажа Исламовиќ за својата вила „Сансет“ од 450 метри квадратни.


-Нашиот објект е за семејства со мали деца и деца до 14 години кои можат да се забавуваат таму. Родителите можат да го посетат стариот дел на Бихаќ, кој е оддалечен 250 метри, да прошетаат до реката Уна која е на 100 метри од вилата, да се рекреираат во нашиот тениски клуб „Унагем“ на 50 метри, значи да го паркираат својот автомобил и да уживаат од „нога на нога“, ни раскажа Ален кој со ентузијазам го започнал новиот бизнис. Ова не е прв угостителски обид на Исламовиќ, тој претходно беше сопственик на кафе-слаткарница исто така во неговиот роден град.

-Немам концерти и морам да работам нешто, основав дискографска куќа со неколку деловни партнери и ќе правиме ТВ-емисии во Бихаќ со разни гостувања. Туризмот во Бихаќ е гранка која сè уште се открива, реката Уна е изворот на сите можности. Вилата „Сансет“ со своите 450м2 им овозможува на гостите сè за најдобар одмор. Идеална е за оние кои сакаат да се релаксираат, да си прават скара и да уживаат во добрата и вкусна босанска кујна“, раскажа Ален за Женски магазин.


Освен во семејната вила, познатиот пејач наоѓа мир на уште едно место, а тоа се неговите плантажи со лешници, кои се близу реката Уна кај неговиот роден Бихаќ. Таму најмногу ужива, затоа што вели дека го наоѓа својот мир на ова место каде што свири тишината.

Во 2019 година кога заедно со Горан Бреговиќ настапи во Скопје со најголемите хитови на „Бијело Дугме“, Ален ни ја раскажа својата љубовна приказна со сопругата Маријана.

„Јас иако имав 22 години кога се запознавме и веќе бев вратен од војска, таа чекаше да наполни 18 години. По две години криење, им кажа на родителите дека е во врска со мене, и од тогаш ни тргна среќно. Еве, и ден сме заедно, имаме две прекрасни ќерки, Лара и Уна, кои се омажија и кои ни донесоа два прекрасни внука. Сега веќе уживаме во тие денови како баба и дедо. Тоа е една неопислива љубов спрема нашите внуци. Секој оној што ќе стане дедо, дури кога ќе го доживее тоа искуство ќе сфати што значи да се биде дедо“, ни изјави Ален тогаш.


Неговиот постар внук Дин, од ќерката Уна има седум години, а гордиот дедо вели дека го наследил неговиот музички талент. Помалиот Давид, од ќерката Лара има неполни две години. Исламовиќ често изјавува дека токму кога станал пејач на „Бијело Дугме“ во 1986 година, доживеал голема среќа. Неговата сопруга тогаш останала бремена, и додека биле на турнеја со бендот ја родила ќерката Уна.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива, Вангел Тануровски