Амбасадор на мирот- една од најдобрите жени менаџерки кај нас: Интервју со Д-р Билјана Максимовска
Таа е една од најуспешните жени менаџерки кај нас. Со фантастична прецизност и знаење секојдневно создава трајни вредности за државата, цврсто решена да придонесе, а сето тоа да не биде наметливо, туку видливо.
Д-р Билјана Максимовска е невролог, научник и фармацевтски експерт. Жена лидерка која успешно балансира во сите набројани професии. Наградувана е за својата работа, а оваа година доби и престижно признание АМБАСАДОР ЗА МИР од меѓународна организација подржана од Европската Комисија, која се залага за мир, за надминување на разликите во регионот и приближување на регионот до Евопската Унија.
* Г-ѓа Максимовска, драго ни е што го прифативте нашиот повик да ни дадете интервју бидејќи ве цениме како една од најуспешните жени менаџери во државата и пошироко. Ако може да ни објасните накратко за почетоците...
- Јас сум родена во Скопје, каде ги завршив основното и средното Медицинско училиште, со највисоки оценки. Паралелно, бев доста активна во голем број секции, учествував на натпревари, за кои имам добиено бројни награди, а посебно драги, кои би сакала да ги истакнам ми се наградите по предметите од математика, физика и хемија. Времето ми беше исполнето со учење или со дополнителни активности, како атлетика, латино танци, играорна, а учествував и во музичка секција. Кога дојдов до моментот кога требаше да ја изберам мојата професионална насока, бев во голема дилема за изборот на факултетот. Со оглед на интересот и големите успеси кои ги постигнав во областа на математиката, физиката и хемијата, многу ми беше тешко да се одлучам дали да продолжам во таа насока, и да го искористам вродениот талент, да се одлучам за машински или електро инжинерство, или пак информатика. Но, сепак, ја избрав медицината, затоа што сметав дека можам да направам поголем чекор за човештвото, односно тоа си го поставив како предизвик пред себе. Го завршив Медицинскиот факултет, со висок просек, потоа продолжив со усовршување, завршив специјализација од областа на неврологијата, со што го заокружив моето стручно усовршување. Но, искрена да бидам не бев многу задоволна од ситуацијата и условите со кои се сретнав во нашето здравство од секаков аспект, и организационо и технички. Јас постојано ги следев светските трендови и влегов во судир со тоа што го имав зацртано како цел. Сметам дека тоа беше клучен момент да се одлучам да се занимавам со наука. Се појави фирма чија дејност е спроведување клинички истражувања, која ми понуди да бидам дел од нивниот тим. Интересно е што оваа фирма е основана од фамилијата на еден од најпознатите научници на регионот, кој е иноватор на бројни патенти, од кој најпознат е диазепам.
* Дали од денешна перспектива сметате дека направивте правилен избор и дали може да ни објасните поконкретно од што се состојат Вашите активности, всушност што точно работите, затоа што Вашата работа не е доволно позната за пошироката јавност?
- Да, од денешна перспектива сметам дека направив правилен избор и многу сум задоволна, работам за многу успешна меѓународна Хрватска компанија Клинрес фармација. Спроведуваме клинички истражувања на лекови, воглавно лекови кои сеуште не се одобрени од FDA или Европската Медицинска Агенција, за разни интернационалните фармацевтски компании. Работиме според точно утврдени меѓународни правила, прописи и протоколи, работиме на високо ниво, со висока стручност и професионалнот. Станува збор за професија која во последните дваесетина години е водечка и како бизнис и како професија и се смета за една од најатрактивни и најперсепктивните бизнис во светот. Јас менаџирам неколку држави, во кои имаме отворено наши претставништва (комапнии) и тоа : Македонија, Бугарија, Албанија, Косово и Грузија. Ние сме тим составен од високо професионали, стручни и обучени фармацевти и доктори, постојано напредуваме со едукација и стручно усовршување, а имаме и постојан раст и проширување на тимот и услугите. Да објаснам за јавноста дека нашата работа и процеси се безбедни и строго контролирани.
* Од горе наведното може да се заклучи дека имате огромно меѓународно искуство, дали може да направите некаква споредба на другите држави со нашата држава?
- Да се успее во овој регион е далеку од лесно. Влијанието на различните културни ставови, обичаи, јазици и системи на комуникација не смее да се потцени кога се планира мултицентрично испитуавање. И кај нас и во другите држави се работи по точно утврдени закони и регулативи, генерално има одговорно тело за издавање на одобрувања за спроведување на клинички испитувања, како и врши контрола и надзор на истите. Кај нас тоа е МАЛМЕД, а исто и во другите држави каде што сме активни се работи по истите стандарди кои се компатибилни со светските регулативи. Само за споредба да напоменам дека во моментов бројот на активни испитувања е: во Хрватска 278, Грузија 201, Словенија 223, а во Македонија има само 25. Ова не треба да не обесхрабрува, туку напротив, да не потикне да се направи нешто за да се приклучиме кон светскиот тренд. Тоа секако подразбира дека се потребни и одредени промени во нашите регулативи. За Вашиот магазин да ви кажам дека пред три-четири години превземав иницијатива заедно со еден светски познат амерички експерт за промена на регулативата, за да се овозможи поедноставен пристап, спроведување на што поголем број истражувања и влез на најголемите светски компании. Тоа би овозможило поволности за пациентите, да примаат најсовремени лекови, бесплатно, постојано да бидат мониторирани; здравствениот персонал би имал можност за дополнителен приход, со што би се намалило иселувањето на стручните кадри од државата; а државата би имала значаен прилив на девизни средства. Да бидам појасна нашата професија се води со општото начело PRIMUM NON NOCERE (најпрво да не се наштети). Со моето занење и работа, спремна сум да помогнам на државата во интегрирање со Европската Унија и подобрување на регулативата во областа на здравството.
* Како се снајдовте за време на пандемијата и дали Вашиот бизнис имаше негативен тренд или успеавте успешно да ги извршувате Вашите редовни задачи?
- За време на COVID-19 пандемијата работењето беше потешко, ограничено беше нашето движење, како и движењето на пациентите, клиниките беа под режим, се судривме со одредени технички проблеми, но ние не престанавме со работење, сите чувствуваме огромна одговорност и потреба што повеќе да се вклучиме во процесите на истражување на нови активни супстанции и лекови кои ќе го подобрат здравјето на човекот и со таа мисла, мислам дека сите дадовме дополнителен придонес. Ќе нагласам дека наши колешки се вклучија и активно во центрите кои згрижуваа и третираа заболени со COVID-19, кое истакнувам дека е голем хуман чекор. За среќа сега тоа е надминато, но мораме да бидеме спремни и за такви вонредни услови, тоа пред се е и наша задача, ние секогаш ќе бидеме на прва линија за што и да е потребно во здравстевниот систем, ако можеме да придонесеме, да помогнеме и дополниме. Сакам да истакнам дека за време на пандемијата, еден центар (клиника) од нашата држава кој учествуваше во едно меѓународно истражување беше прогласен за најдобар и најпрофесионален на светско ниво. Ова покажува декаме имаме можност да се постигнат добри резултати, но треба да се потрудиме ние, но и државата да интервенира со регулативи и со тоа да отвори можност на овој сектор.
* Кои се Вашите следни планови и кажете ни нешто интерсено за Вас?
- Во однос на мојата професија секако имам планови за дополнителен развој и активности. Јас многу често добивам понуди од светски реномирани компании да преминам во друг тим, но за сега не сум го направила тоа, од причина што јас професионалец и лојален човек, бележиме успеси и сакам уште повеќе да ја развиеме работата. Не напоменав дека сум обучувана од врвен амерички експерт за меѓународен одит односно инспекција на клинички испитувања, кое е највисоко ценето во нашата професија. Имаме фамилијарна приватни бизниси, јас имам бензинска станица, која во овој турбулентен период успева да биде позитивна бидејќи свесни сме што се случува со енергенсите. Еве ексклузивна информација за Вашиот магазин, сакам да споделам дека со една од најдобрите светски компании CloudCart за креирање на електронски продавници и web страници потпишав договор за ексклузивно претставување во нашата држава и од Јануари 2023 ќе почнеме да ги нудиме услугите на нашиот пазар бидејќи нашата држава се наоѓа на последните места во е-трговијата во ЕУ.
* За крај што ве прави среќна и дали имате некои дополнителни активности?
- Морам да напоменам дека моето опкружување, мојот сопруг и мојата семејство се етаблирани, успешни луѓе во своите професии и бизниси, и привилегија ми е што имам можност да се советувам со нив секојдневно.
Како секоја жена се трудам да бидам во тренд со случувањата на модата, секогаш сум расположена за добар shopping, а некогаш ми е и тешко да ја исконтролирам таа желба.
Со оглед на обврските, немам многу слободното време, но кога имам можност се дружам со моите пријателки, а кога и мојот сопруг има можност одиме на концерти и претстави, посетуваме интересни дестинации и патуваме во светот.
Ќе споменам дека земам учество во еколошки акции, хумани активности, а оваа година добив и престижно признание АМБАСАДОР ЗА МИР од меѓународна организација подржана од Европската Комисија, која се залага за мир, за надминување на разликите во регионот и приближување на регионот до Евопската Унија.
За крај Ви благодарам за интервјуто, би сакала да ви посакам Вам, на Вашиот тим и читателите добро здравје, успешна 2023 година.