Ана Бунтеска: Човекот од моите соништа

Човекот од моите соништа е доволно луд

за да го разбере моево лудило, потребата за самотија,

желбата за шаренило и утехата во црното,

доволно смирен и мудар

за да ме врати кога ќе навлезам во темнината,

да ми ја пофати раката како на дете

и да ме однесе на сигурно.

Човекот од моите соништа не е убав,

нема лик, но душа има широка,

со чисто срце полно топлина и нежност,

со поглед во кој ќе можам себе да се видам,

токму таква каква што навистина сум,

да си го видам сјајот во очите,

насмевката на усниве во неговиот поглед да ја најдам.

Човекот од моите соништа, сон ќе ми дари,

ќе знае да ме притисне до себе кога кошмари ќе ме мачат,

да ме погали и да ми рече дека се’ ќе биде во ред,

дека е тоа само еден обичен лош сон,

ќе ми раскажува бесмислици дур не заспијам повторно,

со своето дишење покрај мене, ќе го воедначи и моето,

а сабајлината ќе ме разбуди со бакнеж втиснат на дланката.

Човекот од моите соништа нема ниту име,

впрочем љубовта е име сама по себе,

тој ќе е моето утро и самрак,

мојата инспирација и утеха,

ќе биде доволно силен за да ме скроти,

нежен за да ме љуби и чува,

стрплив да ме почека дур лутам низ мисливе како низ лавиринт.

Човекот од моите соништа е тука некаде,

можеби и тој размислува за жена без лик и име,

за жена која е дете и старица истовремено,

некоја која ќе е негова инспирација,

доволно луда за да води љубов на дожд,

доволно обична за да истера еден живот заедно со неа,

некоја, која можеби ќе сум јас.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска