Ана Бунтеска: Главата горе

Знае тешко да биде
Чиниш сиот свет на рамена ти стежнал
И како да не ќе додржиш
Ноќта да мине и да зазори
Знае
Знае тешко да биде
Некојпат без причина
Или нешто се собрало во душата
Та ќе излези тогаш кога не се надеваш
И како земјотрес ќе те измести
Како силно невреме ќе те погоди
Како бура
Како молња
Како небото непријател да ти е
Ете знае
Некогаш знае тешко да биде
И тогаш ти иди од кожата да си излезиш
И од сенката да си избегаш
Да не знаеш кој пат да го фатиш
И на каде да кинисаш
Та ти иди да врескаш
И се’ околу да здробиш
Денот прашина да го сториш
Како утеха, како бегство
Знае
Ех колку знае некогаш тешко да е
Без најава
Без причина
Ама па и тогаш чоек мудар треба да е
Или барем да се труди со ум да остани
Да го истурка и тој миг
Да успее и во сивото, боја да тури
Во студеното, топлина да сети
И да му мине
Да преживее
Со насмев и кога до смеа не му е
Со надеж и кога во црнилото загризува
И кураж да си даде оти ќе помине
И оти поарно ќе биде
Со главата горе
И без кревање бело знаме
Да знае
Да умее
Да истрае
Со верба
И со главата горе
Со главата угоре кон светлината
За Женски Магазин, Ана Бунтеска