Ана Бунтеска: Има песни кои болат

Добивај вести на Viber

Има песни кои никогаш

Ама баш никогаш

Не смеат да бидат напишани

Ниту прочитани од оној

За кого биле наменети

Оти се болка

Оти се отров за тој што ги пишал

Ама и за тој што ќе знае...

Ете во себе ќе знае

Дека за него биле наменети

Има песни кои дробат однатре

Како стакло да си соџвакал

И полека го голташ

Парче по парче

Лажејќи си го умот оти така

Не ќе ти ја разранат душата

Или барем дека штетата помала ќе е

Има песни кои се сечии

Не само на оној кој ги нашкрабал

Оти секој од нас има љубов

Која спие во минатото

Барем една таква љубов минал

Од која се родил

Од која умрел

Од која воскреснал

Ама никогаш повеќе не е ист

Та стојат како сведоци на поразот

Или како потсетник, аманет

Оти и такви љубови има

За жал или за среќа, ете, ги има

И дека е поарно да не се живеат

Има песни кои треба да се преспијат

Има песни кои мора да се заборават

Оти после нив никој ист не е

Ниту тој кој во ноќи неспани

Седел над хартијата и тажачки редел

Ниту тој кој утредента

Со грутка во срцето ги чита

Има песни

Има едно чудо песни

Во кои молбата тивко гувее

И во кои плачот е скоро нечуен

Има песни во кои зборовите се одвишок

За да раскажат љубов која веќе ја нема

Имам една песна

Која никогаш нема да ја стокмам

Ниту за себе

Ниту за тебе

А која секојдневно ја дишам

И за која знам

Дека нема никому да зборува за среќата

Имам песна

Само една и единствена

Во која те има и ме има

И која никогаш нема да заврши

Со “живееја среќно до крајот на животот”

За Женски Магазин, Ана Бунтеска