Ана Бунтеска: Ме скокотка самракот

Ме скокотка самракот,

како скриена мисла за дамнешен љубовник,

ме скокотка кога ноќта го нагризува денот,

тогаш кога почнува магијата,

кога немирот во гради ми се вгнездува,

а мирисите и боите се испреплетуваат во копнеж.

Ме скокотка самракот,

како зборовите кои на хартија ги крварам,

со надеж дека еден ден сите ќе ги изарчам,

дека ниту еден во мене не ќе остане,

за да здивнам, да одморам малку,

од сиот нивни товар во мене да се ослободам.

Ме скокотка самракот,

скоро исто како твоето присуство до мене,

како кога во мене ти пулсира страста,

како твојата воздишка во косава дур покорена ме држиш,

небаре телово знае и умее без тебе,

небаре јас би сакала да сум некаде на друго место.

Ме скокотка самракот,

во сета моја питомост и кроткост продира,

ме збеснува, ме прави да сум своја и храбра,

чиниш ноќта со себе вистината ја носи,

та во неа можам да те љубам без страв,

без ниту една мисла за заминување.

Ме скокотка самракот,

оној кој во мене воскреснува со секое зајдисонце,

ми дава сила на смртта во очи да и’ се потсмевам,

иако знам дека времето полека ми доаѓа,

дека самракот во мене води љубов со оној надвор,

дур не изгрее сонцето, дур не осамне денот.

Ме скокотка самракот,

ми дава утеха, топлина и засолниште,

во него и со него безбедна сум,

тој е мојот дом и спас од сама себе,

пред потполно ноќта да падне, да го убие денот,

пред потполно самракот во мене да заживее.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска