Ана Бунтеска: Оттука до вечноста

Добивај вести на Viber

Патот по кој заедно ќе зачекорат

Без итање и вртење назад

Кроце, многу кроце

И со сета милост внатре внесена

Чиниш секоја стапалка нивна

Своја приказна плети и расплетува

Та за едни двајца млади раскажува

Кои се ќердосале, кои срцата си ги капарисале

За неа

Чија љубов до небо стасува

Угоре колку што само жена да љуби знае

И удолу никогаш не се враќа

За него

Со аманет да ја чува

Како зеница во окото свое

За бело видело да му даде

Патот по кој заедно тргнале

По кој срцето ги води

Без да се двоумат на каде да кинисаат

Оти дур заедно се

Каде и да бидат, дома им е

Та и каменот тогаш мека перница е

И небото јорган мек

Водата изворска како вино е

А корката леб како погача топла

Тој пат

Ах

Тој пат по кој сам не се оди

Туку само со оној кој сродна душа твоја е

Чиј грб силен е кога ветрови дуваат

За да не го изгаси огништето

Кое нивното име ќе го носи

И во светлината еден со друг ќе се пулат

И жедно од убоста на другиот ќе пијат

По тој пат никојпат не се брза

И низ него не се протрчува

Ами со лезет се врви

И секој ден со по еден спомен се закитува

За да им свети живеачката

Во која еден без друг не ги бива

Оти едно се и едно ќе останат

И во арно и во лошо тука ќе се

Без грб да си завртат

Без поган збор да си кажат

Без мисла која чекорот ќе им го забави

Без ноќ во која намуртени ќе си легнат

Патот по кој заедно ќе зачекорат

Овие луди- млади, од Бога благословени

Под нозете нека им спие

Нека биде долг

Нека трае

Од овој миг кога чашите за здравица кренати се

Оттука

Оттука...до вечноста

За Женски Магазин, Ана Бунтеска