Ангела Ѓоргоска од А1: Работа од дома со четири деца е вистински предизвик

Прогласената состојба на пандемија поради корона вирусот наметна привикнување на новото секојдневие. Откако училиштата и градинките се затворија, се заострија мерките за социјализација, голем број од вработените на А1 Македониа веќе работат од дома , а една од нив е и Ангела Ѓоргоска, експерт за сметководство од Одделот за финансии.

Нејзиниот најголем предизвик овие денови е да ги усогласи работните обврски со потребите на нејзините најмили, Зора, Исидора, Стојан и Сара.

Не е воопшто едноставно, а понекогаш може да биде и многу стресно, вели Ангела, која по речиси две недела привикнување на новиот дневен ритам, вели дека за работа од дома е потребна координација и добра организација на обврските, односно баланс помеѓу домашните и работните задачи.

Во виртуелен разговор со Ангела дознаваме за нејзините предизвици во организација на работа од дома.


1.  Како успеваш да го организираш твојот работен ден од дома?

Уште пред да започне работниот ден, додека го пијам утринското кафе и подготвувам брз доручек за децата, ги договараме активностите кои ќе ги имаме во текот на денот. Појадуваме, а потоа секој со своите обврски по распоред, децата се посветуваат на учење, а јас се посветувам на работата. Уште од првиот ден се потрудив да им ја објаснам ситуацијата, и среќна сум што имам разбирање од нив. Навистина е тешко да се организираш со четири деца, но додека јас работам трите поголеми дечиња (12,10 и 8 години) се трудат да му посветат внимание на најмалото (4 години) и со тоа да ми дадат простор за работа. Кога ќе дојде 9 часот, веќе сум на координација со тимот, поставуваме приоритети и се координираме за работните задачи за тој ден. По завршување во 5 часот, се приклучувам кон играта на децата и се трудам да им посветам повеќе внимание.


2.  Кој е најголемиот предизвик за работа од дома кога и децата се дома?

Најголемиот предизвик дефинитивно е да се остане сконцентриран и прецизен во работењето, додека паралелно одговараш на еден куп други прашања на децата.Затоа, сфатив дека најважно е воспоставувањето дневна рутина која важи за сите нас. Дневниот ред самите го креираме, а морам да признаам дека минативе денови и најмногу ги согледав придобивките од дигиталните алатки и можноста за online учење. Заедничкиот договор, да не се вознемируваме додека имаме обврски, засега добро функционира.


3.  Дали успешно ги завршуваш сите работни задачи кои ги имаш поставено за тој работен ден?

Да, прво почнувам со приоритетните задачикои ги имам поставено за тој ден, а потоа ги завршувам и останатите и во оваа прилика голема благодарност до моите колеги кои имаат разбирање за гужвата во мојот дом што понекогаш ја слушаат во позадина при нашите дневни Skype состаноци.


4.  Совет за колегите, како да бидат продуктивни додека работат од дома?

Добрата координација и организација се клучни. Правилен распоред на обврски уште од рано сабајле според мене се важни за да бидеме продуктивни на секое поле во овие услови. Фокусирајте се на работата, побарајте разбирање и чувајте го вашето здравје и здравјето на вашите најблиски.


5.  Кои активности за дружење и едукација ги практикувате додека сте дома со децата?

Со оглед на тоа дека децата се на различна возраст, бараме активности кои ќе бидат интересни за сите. Уживаме во гатанки, брзозборки, на буква на буква, игра на меморија, крстозбор, наоѓање на скриени предмети, карти и друштвени игри како монопол, не лути се човече. Поголемите деца сега се посветуваат на изучување на инсекти, животни, изучување на човековото тело, а дури правиме и различни лесни и безопасни експерименти во домашни услови. Секако не заостануваме и со креативните активности, цртање, боење, создавање уметност од различни предмети по дома. Обично учествуваат во готвењето на десертот, а денот го завршуваме со домашно кино, најчесто со анимирани филмови или забавни интернет видеа.