АНКЕТА: Новогодишно украсување во Скопје - ДА или НЕ

фото:Град Скопје

Се ближи најубавиот период од годината - Новогодишните и Божиќните празници, период во кој нè понесува магијата на празниците, нè зближува со семејството и пријателите. 
Како најмалите, така и повозрасните особено уживаме во подготовките и еуфоријата при уредувањето на домот што допринесува за благосостојба.
Новогодишната и божиќна декорација ни создава позитивна енергија во домот, но и на улиците.

За жал, пандемијата со коронавирус годинава успеа да ни ја одземе и таа радост, да не можеме да ја почувствуваме во целост. Поради рестрикциите за заштита од ширење на вирусот, забраните за дружба и непотребни излегувања, неизвесно е како ќе ги поминеме празниците. 
Новогодишното украсување во општините е традиција која придонесува за магијата на празниците, но ова прашање е дискутабилно годинава поради огромните суми кои се трошат за украсување на плоштадите и улиците, а според дел од граѓаните тоа се пари кои би можеле да се пренаменат за покорисни цели во борбата против вирусот.

Некои од градоначалниците на општините веќе најавија дека се откажуваат од украсувањето во време на корона-кризата, а парите ќе ги искористат за други општокорисни цели.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, пак потврди дека Град Скопје нема намера да се откаже од новогодишното украсување.

Градот веќе почна со новогодишно украсување, тендерот чини 200.000 евра, а планот е до 5 декември Плоштадот Македонија и улиците во центарот на градот да светнат со новогодишни украси и светилки. Според Шилегов, празничната атмосфера не треба да биде жртва на пандемијата.

Кое е вашето мислење? Гласајте на нашата анкета со цел да го дознаеме јавното мислење.

Анкетата ќе ја најдете под секој од нашите текстови, каде и ќе можете да гласате.