Анталија без екстра трошоци, Халкидики од навика: Кои се најпродавани летни аранжмани кај нас

Најмногу Халкидики во Грција, но и Анталија во Турција и годинава се најбарани летни аранжмани според домашните туристички агенции. Ако семејствата се одлучуваат за приватно сместување на Халкидики поради близината, навиката и најниската цена, младите избираат некој од грчките острови или Кушадаси во Турција со организиран автобуски превоз. Анталија и годинава, поради прифатливите цени, честите чартер летови и услугата сѐ вклучено се хит-семејна дестинација.

Дел од понудата на „Фибула“ е хотелот Кристал Палас во „Сиде“ Фото: Горан Бошковски 

„Фибула“: Во Анталија не давате ни евро плус 

„Најпродавани аранжамни и оваа година ни се оние за Анталија. Имаме чартер летови секој понеделник, секој петок а од 20 јуни почнуваме со чартери и секој четврток. Постои можност да се направи аранжман од 6 ,7, 8, 10, 11 или 14 ноќи. Овие аранжмани се најпродавани затоа што за неполни час и половина сте во Анталија, а хотелите нудат многу добра цена, особено за семејствата со деца. Не само што е цената е привлечна, туку и услугата која што ја нудат хотелите на база на сѐ вклучено и ултра сѐ вклучено, а тоа значи дека сите оброци, ужини и пијалоци се вклучени во цената. На плажите, лежалките се бесплатни, а за децата има аква-паркови. Во хотелите со пет ѕвезди тие аква-паркови се поголеми, а во собите има и бесплатен мини-бар. Турција е интересна и најбарана затоа што нуди најразлични типови на екскурзии: посета на аквариум, крстарење со брод, турски вечери, шопинг, посета на историски места. Постои можност, од Анталија да организираме екскурзија до Кападокија и до Израел. Кога сето ова ќе се собере, се добива една одллична понуда и задоволни клиенти на крајот. Тргнувајќи од дома, со наш ваучер и со авионскиот билет во рака, тие не мора ниту едно евро плус да потрошат“, ни изјави Сузана Зелениковска, одговорен менаџер за продажба во  туристичката агенција „Фибула“.

„Генералтурист“ : За секој уплатен аранжман, гратис викенд 

Според Аркан Керим, сопственикот на агенцијата „Генералтурист“, годинава, поради лошите  временски услови летната сезона почна подоцна.

 „Иако сезоната подоцна почна и побарувачката беше намалена, „last minute“ понудите како и секогаш се најбарани, Турција како и секогаш е најбарана во „Генералтурист“ .Редовните клиенти веќе од месец јануари до април со ран букинг кампањата си ги разрешија своите дилеми  за ова лето. Најпродавани аранжмани се секогаш тие најквалитетните во Белек како „Regnum Carya“, „Maxx Royal“ во Белек и во Кемер, „Kaya Palazzo golf resort“ и реновираниот „Titanic Mardan Palace“ . Наскоро, за секој уплатен аражнман во „Генералтурист“ ќе има дополнителни попусти и бонуси во вид на викенди на Копаоник, во Белград, во Будва и Београд летување на Сејшели“, ни изјави Аркан Керим. 

Пејачот Лозано ја преработи песната „Ова лето ќе се памти“ која е летна химна на „Савана“

„Савана“ : Сезоната е продолжена

Она што и годинава најмногу се бара во туристичката агенција „Савана“ е приватното сместување во Грција, но и хотелските аранжмани.

„Ако порано клиентите поинтензивно одеа на летување во јули и во август, сега сезоната е подолга и капацитетите се пополнуваат од мај до септември. Најбарани, како најблиски дестинации се краците на Халкидики, приватното сместување, но и индивидуалните хотелски аранжмани. Динамиката на разервации укажува дека голема побарувачка годинава имаме за Анталија и за Египет, за клиентите кои избираат одмор во ресорт со „сѐ вклучено“ варијанта, за оние кои сакаат попасивен одмор. Египет го избираат поради егзотичноста и многуте екскурзии кои ќе го збогатат нивниот одмор, а Турција масовно се продава поради многу нешта, турската гостопримливост најмногу. За Анталија, со чартер се лета за сега два пати, а наскоро ќе имаме и по четири летови во неделата. 

За помладите, хит е Кушадаси со организиран автобуски превоз, како и аранжманите за Макарска, каде што исто така нудиме пакет аранжман со организиран превоз. И Шпанија со авионски превоз си има своја публика, се продаваат и медитеранските острови, крстарења по Медитеранот и индивидуалните аранжмани на повеќе европски дестинации“, вели Ана Крстевска-Каламадевска, директор за продажба во „Савана“. 

„Нема кај не сум бил“, вели актерот Сашко Коцев кој е заштитно лице на „Игуана“ 

„Игуана“: Грција била и ќе биде најбарана 

Туристичката агенција „Игуана“ од 1996 година нуди приватно сместување во Грција, а и годинава работи на продажба на главно аранжмани за Халкидики, Амулијани, Скијатос и Лефкада. Повеќето се со приватно сместување, помалку се хотели.

„ Мој личен став е дека без дилема, Грција била, е, и ќе биде напродавана дестинација кај нашите туристи“, вели Александар Чоневски, сопственикот на „Игуана“. Тоа што имавме недоразбирања со оваа земја никогаш не влијаело на нашите клиенти. Дека е најпродавана, тоа го кажуваат бројките. Според мене, Грција е една од најегзотичните земји на светот, со убави плажи, со одлична храна, и убава клима- сѐ комплет и се наоѓа на 200-300 километри од нас. Во моментов, можам со гордост да кажам дека „Игуана“ има закупено најголем број на сместувачки капацитети во Амулијани, и таа дестинација, како и краците на Халкидики одлично се продава“, ни изјави сопственикот на „Игуана“, Александар Чоневски.

Хотелот „Candia Park Village“ на Крит кој е најбаран во „Папилон“ 

„Папилон“: Крит поради гостопримливоста 

Пелопонез и Крит се е хит-дестинации според туристичката агенција „Папилон“ за ова лето. „Крит многу го бараат годинава, затоа што луѓето таму се исклучително гостопримливи и љубезни“, ни изјави Александар Оклобџија, менаџер за продажба во „Папилон“. 

„Ги нудиме Крит, Пелопонез, Родос и Санторини со чартер летови од Солун и со опција за сопствен превоз по навистина прифатливи цени. Во „Папилон“, работиме исклучиво со хотелски смештај во Грција, и разбирлиливо е дека семејствата со помали деца се одлучуваат за Халкидики. И покрај тоа што цените на хотелите во оваа област секоја година растат, нашите редовни клиенти си ги резервираа своите аранжмани уште во јануари, и ја добија можноста за 15,20 или некаде и до 40 проценти попуст. Најголемиот проблем кај нашите туристи е што повеќето до последен момент не знаат каде ќе одат на летување. Има и такви случаи, клиент да влезе во агенција и да рече дека сака аранжман од утре, и главно според капацитетите им излегуваме во пресрет“, додаде Оклобџија. 

Милица Џаровска