Фантастичен концерт на рок-легендата: Бебек со синот во Охруд

Можно ли е дека Жељко Бебек има 74 години? Со енергијата што ја носи на сцената, со ставот и со гласот, легендрниот прв пејач на „Бијело Дугме“, како да стои некаде помеѓу „Селма“ и „Има нека тајна веза“.

Бебек сношти одржа фантастичен концерт на Античкиот театар во Охрид, во организација на „Авалон“ продукција.

Фото: Емил Јовановиќ

Жељко не е првпат во Охрид, но за првпат дојде со својот син Звонимир, гитарист во неговиот бенд. Горд на својот наследник, Жељко на неколку пати му го препушти микрофонот на кратко, токму на песните на „Дугме“.

Синот Звонимир

Неверојатно е голема привилегијата да се слуша Бебек во живо пеејќи ја „Selma“, „Pristao sam biću sve što hoće“, „Laku noć svirači“, „Oprosti mi što te volim“, насловната од актуелниот албум „Onо nešto naše“ „Zaboravi ako možeš“... Ретко кој ќе може да го заборави овој концерт.


Со истиот цврст рокерски став како во седумдесетите, со истата сила во гласот, танцувајќи и скокајќи, Бебек владееше со сцената како да е повторно во седумдесетите и во осумдесетите. Го следеше избрана публика во Антички, поради протоколите за продажба на ограничен број билети, а го следеше и весела публика надвор од Антички, на терасите над него. Во некое посреќно време, сигурно дека цел театар ќе беше полн.


Чесно заработи два биса, а остана должен за една „Sanjao sam noćas da te nemam“, со чии стихови публиката се обиде да добие и трет бис, и пеејќи ја, среќна си замина.

„Привилегија е што во оваа тешка година успеавме до дојдеме овде. Носете маски и ракавици, чувајте се, за да се видиме и следната година“, порача легендарниот Бебек.


М.Џаровска