Атиџе и Сузана Турунџиева запеаја во дует: Иста судбина делиме, што е наше ќе ни пристигне

Добивај вести на Viber

Желба им е да заврши пандемијата и да настапат секаде каде што имааат фанови и луѓе кои се радуваат на нивната соработка и пријателство

Кога две личности ќе се сретнат и во првиот момент ќе почувствуваат енергија која ги врзува и чувство како цел живот да се познаваат, тогаш дружбата се претвора во вистинско пријателство. Тоа се случило со нашата „медена“ Атиџе Муратова и пејачката и писателка Сузана Турунџиева.

- Ние навистина имавме чувство како да се знаеме цел живот, иако мене Атиџе никогаш претходно не ме видела. Во Беќирлија нема струја, ниту електричен апарат, освен едно мало радио. Но, за мене таа слушна подоцна од луѓето во Дорфулија, кои биле воодушевени од мојот гест, дека сепак и покрај сите околности и неможност лесно да стигнеш до Беќирлија, покрај сите пречки сум успеала да стигнам до кај неа заедно со малолетно дете со ранецот на грб. Од денот кога се запознавме, силно се гушнавме, запеавме и не престанавме да комуницираме. Ништо не си ветивме, ама нема ден да не се слушнеме и да не разговараме за секоја нејзина желба, потреба или немир кој таа и брат ѝ го имаат- вели Турунџиева на почетокот од нашиот разговор. 


Постојано пееме и уживаме

Двете дами ги поврзува љубовта кон пчелите, кон животните, кон луѓето, а најмногу кон мајките.

- И јас сум голем мајкар, и мајка ми ми е цел Универзум. Всушност, во документарецот имаше неколку силни моменти каде јас на глас ја исплакав Атиџе. Но, инсерт во кој таа ме „купи“ за цел живот беше оној каде и ја чешла косата на мајка ѝ и разговараат за тоа што ќе биде со Атиџе откако ќе почине мајка ѝ – дополнува пејачката.

Нивна голема љубов е и музиката. Неодамна снимија две дует песни „Добро раѓа добрина“ и „Иста судбина“.

-Имавме идеја со Сузана да воскреснеме некои стари македонски и турски песни заедно со ансамблот Мерак Чалгии, кои се едни извонредно талентирани професионални музичари. Идејата да снимиме нови песни дојде на покана од нашиот најдобар текстописец Огнен Неделковски, поттикнат од нашето пријателство. Музиката и аранжманот се на Роберто Поп Димитров. Бескрајно сме им благодарни што создадоа две прекрасни песни за нас – вели Атиџе.


Планираме да снимиме два спота

Атиџе одлично се снашла пред микрофонот. Уживале додека ги снимале песните во студиото на Роберто Поп Димитров, во Штип. Велат дека е рано да се зборува и да се планира албум, иако тоа го посакуваат.

-Тешко е да издвојам некој стих поединечно, бидејќи сите стихови и во двете песни Огнен ги има беспрекорно спакувано, со една многу искрена емоција, во која има вметнато филигранска прецизност. Речиси секој трет стих, ти изнудува солза, па потоа насмевка, дури и грутка во грлото, од убавина! Но, сепак ако треба да издвојам еден стих, тој би бил: Добро раѓа добрина, дождот гали цвеќа... Бесценето! Или „Иста судбина делиме, што е наше ќе ни пристигне“.

Ние би сакале, да снимиме албум, многу! Особено Атиџе, која живее за да пее. Се надевам дека Универзумот е толку голем што ќе и ја услиши нејзината желба, и ќе и го исполни остатокот од животот со што повеќе песни, а што помалку солзи. Што се однесува до видео запис, во потрага сме по продукција која тоа ќе го реализира. Во план ни е да снимиме спотови на двете песни. Заслужуваат навистина, и песните и авторите да им живеат песните подолго – открива Сузана. 

Сонуваат да заврши пандемијата, да ги фрлиме маските, да можеме без грижа на совест да се гушнеме, а тие на глас, без никакви дистанци да запеат секаде каде што имааат фанови и каде што има луѓе кои се радуваат на нивната соработка и пријателство.

- Додека не заврши пандемијата, за жал нашите поголеми планови ќе мора да ги ставиме во мирување. Околностите, мерките и ограничувањата ни се огромна пречка за да можеме со леснотија да ги реализираме нашите планови. Но, веруваме дека еден ден, кога сето ова ќе помине, ќе имаме доволно време да снимиме уште многу песни и успешно да и ги претставиме на публиката – вели Атиџе, на крајот од нашиот разговор.


Соња Алексоска Неделковска


Може да ве интересира: 

Турунџиева ѝ ја оствари желбата на Дени: Девојчето запеа заедно со Атиџе (ВИДЕО)

Медената Атиџе конечно среќна: Новата ќуќа е скоро готова (ФОТО)