Балансираниот и здрав начин на исхрана овозможува добро здравје: Нутриционист Емилија Спасовска за Женски магазин
Здравата исхрана е секогаш добра цел, а со совет од нутриционист можете да научите да го балансирате вашиот оброк и да спречите зголемување на телесната тежина. Нашата исхрана многу влијае на нашето здравје и енергија, па затоа вреди да се потрудиме да се храниме поразновидно и промислено. Кога ги планирате вашите оброци, многу е важно да знаете како да ја комбинирате храната и да му обезбедите на телото најмногу сила и хранливи материи.
За трендовите во исхраната, зошто воопшто ни требаат нутриционисти и кој може да си го дозволи тоа, разговараме со нутриционистката Емилија Спасовска во редовите подолу.
Емилија Спасовска е генерален менаџер на „Нутри Ем“ - компанија која нуди услуги и советување во областа на нутриционизмот, здрав начин на исхрана и здрави навики.
*Раскажете ни од кога постои вашата компанија „Нутри Ем“ – какви услуги нудите и во кои области?
Нутри Ем ДООЕЛ Скопје е компанија за услуги и советување во областа на нутриционизмот, здрав начин на исхрана и здрави навики.
Нашата мисија е преку индивидуален пристап и изработка на персонални програми на исхрана да воспоставиме здрав животен стил и здрави навики а со тоа да ја постигнеме и посакуваната цел во однос на превенција, подобрување на здравствената состојба и третман кај хронично незаразни болести (ко-морбидитети) како дијабет, висок крвен притисок, гојазност, анемија, холестерол во крвта, проблеми со тироидна жлезда, хпв-инфекции, хелико бактер во желудник како и достигнување и одржување на идеална телесна тежина кај лица од сите возрасти, истовремено и да ја подигнеме колективната свест за придобивките од здравиот начин на исхрана и примена на здрави навики и здрава исхрана во секојдневното живеење.
Покрај персонални програми на исхрана дел од нашите услуги се колективни програми наменети за деца во интензивен раст и развој во предучилишна и училишна возраст, програми за спортисти и програми за лица од трета доба.
*Како влеговте во сферата на нутриционизмот?
Здравиот начин на живот, бенефитите од здравата исхрана, неисцрпната и секогаш интересна наука за исхраната и потрагата по здрав и природен начин да бидеме поздрави ме доведе до професијата Нутриционист која ја работам со задоволство.
Можноста за напредок и професионална надоградба ја насочив кон моите Пост дипломски студии каде Магистрирав со просек 9.5.
Учеството на многу домашни и меѓународни семинари и симпозиуми во областа на Нутриционизмот и исхраната ми даваат можност со колеги од целиот свет да споделуваме меѓусебно искуство и новости кои допринесуваат за подобрување и поголеми и подобри ефекти од програмите на исхрана и искористување на бенефитите од храната.
*Како се справуваше и сè уште се справува Вашиот бизнис во време на корона, ограничувања на движење и слично? Како успевате да ги анимирате потенцијаните клиенти?
-Од почетокот на пандемијата се повеќе ги користиме предностите на модерното време во однос на технологијата и во секоја смисла ја искорисуваме за комуникација со актуелните и потенцијлни клиенти.
Секојдневна комуникација, размена на искуства, рецепти, подготовка на оброци и резултати постигнати со мојот програм на исхрана споделуваме заедно со клиентите на социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук.
Директната комуникација за подготовка на програм на исхрана најчесто ја правиме преку достапните платформи за комуникација.
*Која група граѓани се најчесто клиенти на нутриционистите, а кој пак нутриционистите би сакале често да го гледаат во своите „ординации“ ?
-Барањата и потребите се различни кај секој клиент. Со подигнување на свеста за придобивките од здравиот начин на исхрана покрај потребите за намалување на килограмите се почесто во последно време се барањата преку индивидуален програм на исхрана да се подобри целокупната здравствена состојба, па така и Мојата работа е насочена кон искористување на поволностите од здрава и избалансирана исхрана во превенција и подобрување на здравствената состојба и третман кај хронично незаразни болести како и достигнување и одржување на идеална телесна тежина кај лица од сите возрасти, а во последно време се поактуелно е барањето за програм на исхрана по прележување на Ковид и по примање на антибиотска терапија.
*Со кои предрасуди и проблеми најчесто се соочувате како нутриционист?
-Во последно време голема е свесноста и луѓето одлично знаат кои се придобивките од здравиот и избалансиран начин на исхрана па така се помалку предрасуди се присутни, иако постојат.
*Може ли да го разбиеме митот дека обраќањето и барањето помош од нутриционист е „скап спорт“ или тоа навистина не може да си го дозволи секој?
-Свесноста кај луѓето за потребата од стручен совет во однос на исхраната во последните години се повеќе се зголемува и потребата и барањата на помош од нутриционист станува се почесто особено за состојби кои се поврзани со здравјето.
Последните години создавањето на образован кадар во областа допринесува за подостапнен одговор на проблемите поврзани со храна и подигнување на свеста за важноста на исхраната а воедно и елиминирање на последиците предизвикани од неправилна исхрана. Со тоа и достапноста на нутриционистите е поголема.
*Последица од претерано конзумирање храна за празниците, неретко е добивање вишок килограми, со пратечко чувство на вина. Како со истото да се бориме?
-Моја препорака е пред се умереност да биде главната водечка нишка. Да се задржи балансот во исхрана во текот на празниците и по празниците, покрај храната да не се заборава и хидрирањето на организмот, конзумирање на доволно количина на вода и течности, исто така и присуство на свежи сезонски салати, вклучување на свежо цедени сокови, ферментирана храна, и храна која воспоставува ацидо базна рамнотежа.
*Сведоци сме и на „поплавите“ од диети кои подразбираат исфрлање на јаглехидрати од исхраната. Колку ова е погрешно?
-Јаглехидратите се примарен извор на енергија во нашето тело. Верувањата и тврдењата за јаглехидратите се поделени и различни, но како и останатите нутриенти и тие се подеднакво важни во исхраната.
Зеленчукот, овошјето, интегралните житарки и гравот, легуминозните култури се здрави природни извори на јаглехидрати. Оваа храна покрај јаглехидраитте на телото му ги обезбедува изобилство од витамини, минерали, растителни влакна и фитонутриенти. Многу од нив делуваат антиоксидативно и го штитат здравјето на клетките.
* Што според вас значи добро избалансирана и здрава исхрана?
-Секој организам има потреба од хранливи материи за да го одржи организмот во здрава витална форма, со вклучување на сите групи на храна во исхраната и да ги задоволи нутритивните потреби. Балансираниот и здрав начин на исхрана овозможува добро здравје, намалување на ризик од појава на болести, за воспоставување на баланс покрај здравата и балансирана исхрана поребна е физичката активност како и доволно часови на сон за да имаме една целина во поглед на баланс на целиот организам.
*Сведоци сме дека се поголем број луѓе имаат проблеми со вишок килограми. Кога работите со нив, на кои цели се фокусирате?
-Вишокот на килограми не e само естетски проблем, многу често со оваа состојба зголемен е ризикот од појава на сериозни здравствени проблеми.
Здравствената состојба најчесто е најголем мотив за размислување да се започне со процес на намалување на килограмите. Со персонализиран програм на исхрана направен од стручно лице според здравствената состојба на клиентот резултатите се видливи и се чувствуваат за многу кратко време, па како постепено се намалуваат килограмите така мотивот и желбата се зголемуваат. Уште поголем мотив имаме по направената прва контрола на крвта, кога резултатите од крвната слика се значително подобрени.
Преку индивидуален пристап кон секој клиент се фокусираме пред се на создавање здрави навики кон исхраната, подобрување на целокупното здравје и постигнување на посакуваната цел на клиентите.
*Што е она што Ве мотивира, и Ве води напред?
-Во текот на работењето со секој постигнат успех љубовта и желбата да помогнам со моите совети и преку моите програми на исхрана во подобрување на здравствената состојба, намалување, зголемување на телесна тежина или создавање на здрави навики сѐ се поголеми.
Успешните приказни кои ги испишуваме заедно со моите клиенти и заедничкиот успех кој го постигнуваме со моите совети и програми на исхрана се мојот најголем мотив и водилка кои ме водат напред.
Од секојдневните успешни приказни секоја поединечно има големо значење како за мене така и за клиентите но би ги издвоила оние кои се во насока на подобрување на здравствената состојба на клиентите.
*Вие сте зафатена жена, мајка и сопруга. Како успевате да ја комбинирате кариерата на нутриционист и домашни обврски?
-Секоја „улога„ носи подеднакво голема одговорност, и во односот со семејството и во односот со работата но со добра организација, со заедничка поддршка, добро воспоставната комуникација , трпение, посветеност и истрајност успеваме заеднички да најдеме баланс помеѓу семејството, домот и работата.
*Тежок ли беше вашиот пат до успехот, што сметате дека е клучно во Вашиот живот за жената која сте денес?
-Секој чекор во секоја област кога се оди кон одредена цел е помалку или повеќе тежок, но достигнувањето на посакуваните цели се најголемата награда и олеснување на секој поминат чекор.
Во постигнувањето на моите цели кон кои секојдневно чекорам важни се повеќе аспекти, искреноста, отвореноста, секојдневното учење и надградување и упорноста сметам дека се неколкуте поважни елеменити кои секојдневно ме водат низ работата а и низ животот.
*Како гледате на женското претприемништво во државата? Дали жените имаат еднакви шанси – и како сопственички на бизниси и како менаџери на тие бизниси?
-Со вклучувањето на се повеќе жени во сферата на бизнисот покажуваме дека излегуваме од перцепција која владееше за жените и нивната улога во општеството. Потенцијалот е голем, и потребно е да се искористи во активностите.
Жените сѐ се повеќе присутни како менаџерки или сопственички, со тоа се подигнува и свесноста за значајната улога на жените во секоја сфера од живеењето. Со самото влегување во пазарот на трудот и претпиемништвото како лидери, менаџери и сопственици шансите ги создаваме сами и потребно е да ги искористиме со тоа да го зголемиме потенцијалот и да се вклучиме се повеќе со значаен придонес во економијата.
Ирена Ставрова