Барање за развод, неверство, спонтан абортус: Љубовната приказна на Коби и Ванеса Брајант

Коби Брајант и Ванеса имаа многу препреки во животот, но никогаш не се откажаа!

Во ужасната несреќа што се случи пред точно една година во Калабасас, Калифорнија, животот го загуби еден од најдобрите кошаркари во историјата, Коби Брајант и неговата тринаесетгодишна ќерка Џиана.

Зад легендата на Лос Анџелес Лејкерс стојат неговата сопруга Ванеса и уште три ќерки, најголемата гордост на Коби Брајант, кој често истакнуваше дека и покрај сите успеси во животот, тој е најблагодарен што овие дами се во неговиот живот.

Познатиот кошаркар ја запозна Ванеса Лејн во ноември 1999 година, кога тој имаше 21 година, а таа само 17.
Коби Брајант отишол да разговара за снимањето на неговиот деби музички албум и се сретнал со младата танчерка Ванеса, која тогаш играла во спотот за хип-хоп триото „The Eastsidaz“.
Двојката брзо станала неразделна, а само шест месеци подоцна, Коби ја запросил својата девојка.

Таа изгуби важен дел од својот живот заради врската со спортската суперѕвезда: бидејќи сè уште беше средношколка, Ванеса беше принудена да ја пропушти матурската вечер и да го заврши училиштето вонредно заради вниманието што го привлече поради врската со Коби. Сепак, парот не се грижеше за ништо - единствено што им беше важно беше да бидат заедно. 

Заљубени, млади, маѓепсани еден од друг, Коби и Лејн станаа сопруг и сопруга на 18 април 2001 година, а сенката на отсуството на најблиските на Коби беше надвисната над романтичната церемонија. Како што еднаш пишуваа медиумите, на свадбата не присуствуваа неговите родители, двете сестри, долгогодишниот советник и агент Арн Телем, или соиграчи од Лејкерс. Неговиот татко Џо и мајката Памела, наводно, се спротивставиле на бракот од повеќе причини - најмногу поради тоа што кошаркарот се жени толку млад и затоа што Ванеса не е Афроамериканка.
Поради тоа, тие воопшто не комуницирале со нивниот син две години, сè додека двојката не ја доби својата прва ќерка.

Две години по венчавката, се случи уште еден случај што се закануваше да ги уништи нивните односи. Вработена во хотел во Колорадо го обвини Брајант за силување во 2003 година, а кошаркарот се појави на прес-конференцијата во друштво на неговата сопруга и ѝ рече пред целиот свет:

- Ти си мојот 'рбет. Ти си мојот благослов. Ти си дел од моето срце. Ти си воздухот што го дишам. Ти си најсилната личност што ја познавам и жал ми е што мора да се справуваш со ова и што нашето семејство минува низ ова.

Тој призна дека имал односи со споменатата девојка од хотелот, но посочи дека тоа било без присила, а случајот наскоро беше отфрлен затоа што тужителот одби да сведочи.

На почетокот на 2005 година, Ванеса повторно беше бремена, но доживеа спонтан абортус, а Коби тогаш изјави дека се обвинува самиот себеси за сè и стресот што го прави врз неговата сопруга.

- Треба да го градиме нашето семејство. Но, поради мојата грешка, поради оваа тешка година, го изгубивме бебето - беше искрен тој.

Ова не беа единствените предизвици: по десет години брак, Ванеса поднесе барање за развод во 2011 година, за наскоро да изненади со веста дека очекуваат друго дете. Како што пишуваа медиумите, иако им беа достапни најдобрите дадилки, парот се грижеше за своите три ќерки.

Во јуни 2019 година, парот беше неизмерно среќен затоа што станаа родители по четврти пат - повторно станаа родители на девојка, па семејството Брајант го сочинуваа Наталија, Џиана, Бјанка и Капри, а кошаркарот откри дека планираат да продолжат да го шират кланот Брајант затоа што Ванеса копнее по син.

- Мислам дека таа сака син повеќе од мене. Се надевам дека ќе успеам да ѝ ја исполнам желбата - еднаш низ смеа рече Коби.

На крајот на 2019 година, спортистот и жената на неговиот живот прославија 20 години од нивниот прв состанок.

- На денешен ден пред 20 години ја запознав мојата најдобра пријателка, мојата кралица Ванеса Брајант. Решив да ја однесам во Дизниленд да слави во старошколски стил. Те сакам, мамасита, засекогаш - напиша Коби на Инстаграм покрај нивната заедничка фотографија.

За само неколку недели, Ванеса премина од една од најсреќните жени во светот во жена во чија кожа никој не би сакал да биде. Во страшна несреќа, еден од најголемите играчи што ги имала кошарката во својата историја, загина во пад на хеликоптер, со неговата ќерка Џиџи, тринаесетгодишно девојче кое тргна по стапките на нејзиниот татко и од кого таа ретко се разделуваше.

По дваесет години во кои тие споделуваа и добро и лошо, се смееја, се расправаа, се разделуваа и си простуваа, заедно четири пати ја доживеаа бесконечната и најголемата радост во животот, Ванеса Брајант ги загуби сопругот и ќерката, две од петте љубови на нејзиниот живот.

извор:GLOSSY
фотографии:profimedia

Поврзани вести:

-(ФОТО) За почит: Вдовицата на Коби Брајант направи тетоважа во негова чест
-Ми недостасуваат твоите прегратки, бакнежи, гласна смеа: Ванеса Брајант емотивно за роденденот на починатиот Коби Брајант
-Сопругата на Коби Брајант најде писмо: „За љубовта на мојот живот, твојот Папи“