Белгијка ја зарази мачката: Нема докази дека вирусот може да се пренесе од домашни миленици на луѓето
Жена од Белгија од покраината Лиеж, ја заразила својата мачка со коронавирус, објави Институт за јавното здравје ( FPS Public Health ) на Белгија, на прес-конференција.
„Факултетот за ветеринарна медицина во Лиеж извести дека кај мачка е утврдена инфекција со коронавирус. Мачката живеела со нејзиниот сопственик, кој започнал да покажува симптоми на вирус една недела пред мачката да покаже симптоми“, рече професорот Стивен Ван Гухт.
„Мачката имаше дијареја, постојано повраќаше и имаше потешкотии во дишењето. Истражувачите го пронајдоа вирусот во измет на мачката “, додаде тој.
Во светски рамки, досега постојат само три случаи кога миленичето е заразено од луѓе. Се работи за две кучиња во Хонг Конг, а сега и мачката во Белгија. Двете кучиња не покажале никакви знаци на болест, но мачката има респираторни и дигестивни нарушувања, според Федералната агенција за храна.
Агенцијата изготви голем број упатства насочени првенствено на заштита на домашните животни. Од ветеринарите се бара да бидат повнимателни, а пациентите со коронавирус се советуваат да ги преземат потребните хигиенски мерки при допирање на своето милениче, за да спречат миленичето да стане носител на вирусот.
Засега нема докази дека вирусот може да се пренесе од домашни миленици на луѓето.
„Сакаме да истакнеме дека ова е изолиран случај. Покрај тоа, во овој случај, ние зборуваме за пренесување од човек на животно, а не обратно “, рече Ван Гухт. „Нема индикации дека ова е вообичаено. Ризикот од пренесување од животно до човек е многу мал “, додаде тој.
„Нема причина да го напуштите вашето животно“, реагираше Националниот совет за заштита на животните (ЦНПА) после тоа. Како и да е, ги советува болните луѓе „да ги почитуваат вообичаените правила за хигиена“, да ги мијат рацете пред и откако ќе го шетаат своето милениче и „да не го тријат носот со нивните миленици“.