Белите влакна и брчките се секојдневие: Татјана Стојановска наполни 45 години

ТВ-презентерката и поранешна Мис Татјана Стојановска, завчера наполни 45 години. Со забава на која беа поканети најблиските пријатели и нејзиниот партнер Михаил, Тања го рослави роденденот.

„Ова е ден на кој секогаш се потсетуваме на можностите што ни ги дава животот, на кој се радуваме на убавините и си посакуваме да се множат уште многу родендени и уште убави моменти во животот со нашите најблиски. Годините се само бројка и зголемување на  зрелоста и мудроста кои доаѓаат со нив. 45, убав јубилеј, а чувството е исто како и на 35 со плус 10 години искуство. Сметам дека жената во ова доба веќе знае што сака, и е посигурна во носењето одлуки. Она што и било важно некогаш станува неважно, а некои други работи стануваат приоритети. Се свртува повеќе кон себе и цврсто гази кон предизвиците. Грижата за семејството и работните обврски веќе ги менаџира искусно и не се плаши затоа што знае како. Се радува на мали нешта и нема преголеми и нереални очекувања. Почнува да се грижи за здравјето повеќе. И белите влакна и брчките ѝ се секојдневие на кое не дава многу значење и ги прифаќа како нормално и очекувано, затоа што тоа е мудрост и плус искуство, нели“, ни изјави Татјана за својот јубилеј. 

Таа додаде дека се радува на роденденот како ден и го прославува со своите најблиски. „Јубилејите се како заокружување на еден период што завршува со 0 или 5, но важно е внатрешното чувство и задоволство. Подарок ми се луѓето околу мене и вниманието и љубовта која си ја даваме секојдневно", одговори таа на прашањето што добила на подарок од партнерот. 

„Ете, така си го поминав и овој јубилеен 45-ти. Да сме си живи, здрави и задоволни со тоа што ни го дава животот. Да се носиме гордо со предизвиците и можностите затоа што ова е наш живот кој се случува сега, овде и еднаш", ни раскажа Татјана. 

За својот партнер, со кој е шест години во врска, претходно изјави дека ја освоил со шармот и со интелектот. Тања е горда мајка на Матеј кој има 21 година. 

(М.Џ.)