Bella одблизу со Натали Наумова: Модните „грешки“ може да Ве издвојат од толпата
Модниот бренд „Bella“ веќе повеќе од 25 години неуморно верува во силата на секоја жена и нејзиниот префинет стил. Од една скопска кројачница омилена меѓу дамите, „Bella“ стана бренд фирма која го одразува стилот на модерната и деловна жена.
Натали Наумова е 25-годишна девојка, дипломиран инженер и технолог по дизајн и инженеринг на облека. Таа своите модни соништа ги остварува заедно со „Bella“, како моделар и CAD дизајнер.
Оваа млада и надежна девојка која во слободно време ужива во читање книги, цртање и дизајнирање, сака да изработува парчиња облека, а себеси се опишува како неконвенционална. Во ова интервју за Женски Магазин раскажа за својата љубов кон модата и своето работно место во тимот кој ја симболизира убавината и моќта на современата, префинета жена.
* Како една млада девојка стана дел од успешен тим како „Bella“?
- Станав дел од „Bella“ по завршувањето на академијата за моден дизајн во „Seavus Education & development“ ценатрот. Најпрво посетував пракса и обука во времетраење од еден месец, а по понудата за вработување одлучив да останам бидејќи навистина ми се допадна како функционира целата компанија. Најголемиот дел од мојата работа е на компјутер, но не е воопшто здодевна бидејќи секое ново парче облека носи нов предизвик кој треба да се совлада. Работата ја сакам бидејќи секојдневно учам нови нешта во областа која најмногу ја сакам, а тоа е модата и конструкција и моделирање на облека. На работа функционираме како тим, постојано комуницираме и заедно донесуваме одлуки, а се тоа е придружено со убава работна атмосфера, огромна динамичност и позитивна енергија.
* Колку време е потребно од цртеж до реализација?
- Во „Bella“ целиот процес се одвива многу брзо, започнува со избор на материјали и дефинирање на дизајнот, изработка на шаблони, потоа изработка на пробен модел, на кој што се прават модификации за да се добие конечниот дизајн кој соодветно лежи на телото и има соодветна големина, градирање во неколку величини, изработка на кројни слики, кроење и шиење. Времетраењето на овој процес е различно за секој нов модел, но секогаш се стреми кон тоа да биде што пократко бидејќи процесот на производство мора да се одвива непрекинато, а готовите парчиња на време да стигнат до рацете на купувачите.
* Зошто ја сакате модата, што претставува модата за Вас?
- Модата за мене е начин на изразување на личен карактер, некој одреден став и пренесување порака. Баш поради овие причини одлучив да и се посветам максимално и да се обидам да ја искомуницирам мојата порака преку парчињата облека кои ги дизајнирам.
* Како би го дефинирале Вашиот стил на облекување и дали „Bella“ влијае и го надополнува истиот ?
- Мојот стил на облекување преку ден е прилично лежерен, бидејќи сакам да се чувствувам удобно додека ги извршувам обврските, но за вечерни излегувања посветувам доста внимание на изборот на облека. Секогаш средена коса и шминка се неизбежни во мојот секојдневен изглед, без разлика на парчињата облека кои ги носам. Морам да спомнам дека работењето во „Bella“ влијае и допринесува за созревање на мојот личен стил во позитивна смисла.
* Дали можеби се забележува Ваш печат во моделите?
- Сега штотуку почнувам да учествувам во дел од процесот на дизајнирање, така што се надевам во иднина ќе биде произведена облека во која и јас ќе замешам прсти во делот за дизајн.
* Омилено парче облека? Во што се чувствувате најудобно?
- Секогаш сакам на себе да носам убав капут, конкретно „Марбел“ од колекцијата есен/зима 2018-та, но и палто или јакна, тие ми се омилени. Најудобно се чувствувам во впечатливи парчиња облека и во облека изработена од природни материјали.
* Што треба да поседува една жена за да биде успешна и убава?
- Желбата за учење и усовршување се едни од најважните нешта на патот кон успехот. Успешна жена за мене е жена која има огромно знаење и искуство и тоа го споделува несебично со луѓето околу неа. Убава е секоја жена која се грижи за себеси, која е амбициозна, храбра и несебична.
* Кои безвременски парчиња мора да се најдат во гардероберот на секоја жена?
- Палто со убав крој, кое лежи совршено на телото, квалитетен и впечатлив капут како што е капутот „Натали" или моето второ омилено парче од колекцијата есен/зима 2018-та. Понатаму кошула во бела или пак црна боја и секако никаде без пар панталони кои се неизоставен дел од секоја комбинација
* Како млада дама која изгледа модерно и ги следи трендовите, кои се Вашите предлози за нашите читателки ? Што мора да имааат, какви грешки не смеат да направат?
- Би им препорачала да експериментираат со стилот и да не се држат строго до некои модни правила кои често ги слушаме бидејќи некогаш и така наречените „грешки“ може да изгледаат интересно и впечатливо и да Ве издвојат од топлата.
* Што Ве мотивира низ животот?
- Успешно реализиран производ ме мотивира за понатамошно креирање и усовршување, ме мотивира желбата за учење и стремежот за совршенство.
Даница Караташова