Клиничката болница Аџибадем Систина сo свои активности се приклучи кон глобалното хуманитарно движење Pay It Forward. Како дел од овие активности, во четврток и во петок, на 26-ти и 27-ми април, ќе се доделат 100 бесплатни прегледи, по случаен избор, за пациенти кои што во овие два дена ќе ја посетат Аџибадем Систина.
Во движењето Pay It Forward ќе се вклучат и сите вработени во Аџибадем Систина, кои што ќе бидат мотивирани да придонесат за ширење на позитивна енергија и правењето на едно или повеќе добри дела еден на друг.
Движењето Pay It Forward својата завршна активност ќе ја одржи во Скопје, во Градскиот парк, кај Школка, во сабота, на 28-ми април, со почеток од 10:30 часот. За време на настанот, сите присутни кај Школка ќе можат да се обратат до пултот на Аџибадем Систина од каде што ќе можат да се информираат за сите здравствени услуги од нивен интерес.
Pay It Forward – Продолжи понатаму, е една од најголемите глобални хуманитарни акции, која е проширена во 81 земја ширум светот. Целта на акцијата е да промовира и да шири позитивна енергија, како и да развива чувство на заедништво и сплотеност меѓу луѓето. Во Македонија, Pay It Forward се спроведува втора година, а е на иницијатива и во организација на женската хуманитарна организација Inner Wheel Club Skopje, Europe. Целта на движењето, чиј почеток датира од 2007 година, е да се поттикнат повеќе од 10 милиони чинови на добрина во светски рамки. Аџибадем Систина со свој скромен придонес, безрезервно се приклучи кон ова глобално движење на добра воља.