Бев најмлада жена пилот во тогашна Југославија, имав сон и само 15 години: Катерина Кајсторовска - единствената жена капетан пилот и инструктор на Боинг 737 во Македонија
Да се успее да се стане капетан пилот како жена на Балканов, било и повеке од тешко, а тоа го искусила 48-годишната Катерина Кајсторовска, која денес е прва и единствена жена капетан пилот и инструктор на Боинг 737 во Македонија, и една од ретките жени во светот, во оваа професија.
За неа небото е слобода, никогаш ограничување. Од мала кај неа се родила желбата да ја искуси слободата во постоењето, тежнеела кон активности кои ѝ го овозможувале тоа чувство, да ѝ пркоси на гравитацијата.
На само четири годинки имала луда идеја, да проба како изгледа да слета од првиот кат на нивната куќа - со чадор, па за среќа била спречена од баба ѝ.
Но таа никогаш не се откажала од идејата да „работи на небото“, ниту стереотипите, предсрасудите и омаловажувањата во поглед на способноста една жена да опстане во оваа професија, и коментарите дека жената треба да седи дома да ги врши домашните работи, не ја спречиле да работи вредно на остварувањето на нејзиниот најголем сон, бидејќи од мала била воспитувана да биде борбена и независна, а пред сè да се вложува во образованието.
Родена е во Виена, Австрија, покрај тоа што е капетан пилот и инструктор за обука на тип Боинг 737, таа е и магистер по човечки ресурси и судски преведувач за англиски и српски јазик.
За животот на една жена пилотка, со сите подеми и падови зборуваме со Катерина Кајсторовска.ПОЧЕТОК НА АВАНТУРАТА НАРЕЧЕНА „ОСВОЈУВАЊЕ НА ВИСОЧИНИТЕ“
- Уште од мала, веројатно поради мојот темперамент и вродената желба да ја
искусам слободата во постоењето, тежнеев кон активности кои ми го овозможуваа
тоа чувство да ѝ пркосам на гравитацијата.
Имав луда идеја да пробам како
изгледа со чадор да слетам од првиот кат на нашата куќа. Тоа беше кога имав само
4 години и бев спречена од мојата баба, која ми објасни дека тоа е опасно и
невозможно, и секако е дел од една наивна детска фантазија. Но, подоцна во
животот возбудата од брзините во движењето ја преточив во возењето мотори. Низ
осознавањето, во подоцнежниот период на мојот живот, имав огромна желба да станам
пилот во тогашната воена академија на Југославија, што ќе беше поидеално од
брзина, висина и вештина во едно. Немаше можност за прием на жени таа година, па
исполнување на желбата се случи кога татко ми, ми предложи покрај редовното
средно образование во гимназијата, секое лето да одам на школување во Јатовата
школа за пилоти во Вршац.Тогаш почна мојата авантура во освојување на
височините и практично трасирање на патот на мојата идна професија.
„ПОЛЕТАВ, А ПОЛЕТА И МОЈАТА ДУША - СИ ГО ИСПОЛНИВ СОНОТ ДА ЛЕТАМ“
- Мојот прв самостален лет ќе го помнам цел живот по чуството на позитивна еуфорија. Дојдов на аеродром, ни дадоа распоред и требаше да одлетам пет школски круга. Влегов во авион со мојот инструктор и полетавме. После два одлетани школски кругови, ми рече излези од писта и вози кон платформата за чекање.
Искрено во тој момент пребарував во главата дали сум направила некаква грешка, зошто го менува планот - нели требаше пет круга да одлетаме.
Ми рече стави го моторот на најниски вртежи да можам да ја отворам врата и
почна да излегува од авионот велејќи: „Сега одиш сама, сè исто што правеше до
сега, само сега ќе бидеш сама, подготви се да полеташ сама.“
Полетав, а полета и мојата душа, целото мое битие леташе, а јас пеев, се смеев, очите ми беа полни со солзи радосници - си го исполнив сонот да летам. Долг пат поминав, но во тој даден момент сè имаше своја смисла, сè си дојде на свое место.
Првиот лет го опишувам како позитивна еуфорија, но таму имаше многу повеќе, имаше сè што еден човек чувствува кога е исполнет до небото и назад.
СО СИЛЕН ДУХ И ВОЛЈА ПРОТИВ СТРЕСОТ ДА СЕ ЛЕТА ВО ЛОШИ ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ, МОБИНГ, ЗАКАНИ, МНОГУ СУЕТА, ПРЕДРАСУДИ И СТЕРЕОТИПИ
- Да се успее да се достигне таа цел како жена на Балканов беше и повеке од тешко. Константно се судрувате со стереотипите и предрасудите во поглед на способноста една жена да опстане во оваа професија. За среќа имаше и луѓе со широчина во погледите и со големо срце кои ме подржаа, и ми помогнаа во одредени чекори кои беа пресудни во одредени точки на моето напредување како пилот. Но генерално и во оваа професија има многу суета. Многу пати сум била на граница на издржливост.
Во моментите кога намерно ме држеле на минимална плата и не ми давале да полагам испит за копилот, моментите кога морав да работам две работи да можам да покријам часови на летање, и полагања за дозволи и овластувања, од свој џеб.
Стресот да се работи во временски услови со монсуни во Виетнам, мобинг во Катар Ервејс од страна на колега капетан од Пакистан кој имаше проблем да лета Боинг 777 со жена копилот, и многу други предизвици - од неисплатени плати до притисок од менаџмент да се кршат меѓународни авио закони, со закани од ароганција и основно непознавање на професијата... Но, им благодарам на сите мои и пријатели и членови на семејството кои веруваа во мене кои ме подржуваа во сите критични ситуации да издржам со дух и волја.
„МОЈОТ УСПЕХ Е ДОКАЗ ДЕКА АКО САКА И РЕШИ, ЖЕНАТА МОЖЕ ДА БИДЕ УСПЕШНА НА МНОГУ ПОЛИЊА“
- Главните коментари во поглед на тоа беа дека една жена треба да седи дома и
да се грижи за домашните работи. Тука беше мојот предизвик. Ние не сме биле
воспитувани во тој дух. Од мала ме учеа да бидам самостална и независна и да
верувам во себе. Многу се вложуваше во моето образование. И тоа се покажа како
најисправен пат. Јас одсекогаш сум била борбена, правична и исполнителна. Јас им
бев потпора и двигател на многу мои колеги со кои заедно бевме на
едукација, поради тоа тие што вистински ме познаваа, никогаш не се сомневаа во
мене, во мојата стручност, знаење и вештини, на кои работев постојано и
упорно. Тие луге и ми помогнаа да напредувам како професионалец, и со нивни
препораки успеав да работам низ целиот свет, да се школувам и за Боинг 777, да
станам капетан, но и инструктор и да допринесам во школување и унапредување на
кадарот во летачката фела.
Што се однесува на неколегијалноста, ја има секаде, но научив наместо да се борам со оговарања и сопки, да
ги победувам со квалитет, интегритет и знаење. Мислам дека со тоа што успеав, со сопствен труд и со мојата професија да си
обезбедам дом, автомобил и сопствен животен стил кој ме исполнува, им докажав
дека и тоа како може една жена да биде успешна на многу полиња, ако реши.
ЦЕЛ ЖИВОТ КОМПРОМИСИ ЗА СМЕТКА НА РАБОТАТА, НО НА КРАЈОТ СФАЌАТЕ - ОНА КОЕ ВРЕДИ, ОПСТАНУВА
- Во одредени периоди правев компромис во однос на слободното време - да се едуцирам и да си обезбедам средства за живот. Во друг период, компромис со начинот на живот - на пат, по хотели. Во периоди - жртви на емотивно поле - кога ви се распаѓаат врски, љубовни и другарски поради физичка разделеност. На крајот, како созревате разбирате дека како и да било, она што вреди опстанува, така да сега имам мал круг на луѓе кои се со мене и кога сме физички разделени и кои се вистински скапоцени.
ГОРИВО ЗА УШТЕ ЧЕТИРИ МИНУТИ И ЕДЕН ЧАС ЛЕТАЊЕ НАД ВАЉЕВО
- Се случи додека летавме од островот Крит за една грчка компанија, летот
беше Хераклион-Белград-Хераклион.
Ги направивме сите неопходни подготовки пред лет, документација, сè по редот на нешата предвидени по правилниците во компанијата.
Полетавме од Херклион кон Белград и
кога нè префрлија на контролата на летање над Атина, нè прашаа дали сакаме
да слетаме во Атина. Со колегата прв офицер се погледнавме и се прашавме што се
случува, па одговоривме дека ќе продолжиме накај Белград. Но и следната контрола
на летање нè праша дали сакаме да слетаме во Тирана, па во Подгорица и така сè до контролата на летање на Белград.
Сите контроли на летање ги прашавме што се
случува, а само добивавме одговор дека аеродромот во Белград е затворен и толку.
Потоа контролата на аеродромот во Белград ни кажа дека имале инцидент во текот на
ноќта и дека во моментот чекаат инспектори да ја проверат пистата.
Тогаш влеговме во патека за чекање над Ваљево и чекавме скоро еден час, но во
тоа време и покрај информациите што ги соопштуваа нашите колешки стјуардеси, патниците
беа вознемирени.
Конечно ни се јави контролата за летање во Белград дека се при крај со инспекцијата, а ние имавме гориво за уште 4 минути чекање, па ќе бевме принудени да тргнеме за Софија и да слетаме таму.
На третата минута, конечно добивме одобрување и слетавме во Белград - тоа беше олеснување за нас, а и патниците се смирија кога слушнаа дека имало инцидент на самата писта и дека заради тоа сме чекале.
Во Белград ја земавме кошаркарската репрезентација на Србија и слетавме во Хераклион токму на време пред да почне кошаркарскиот натпревар за квалификациите на Европско првенство.
ЛЕТАЊЕТО БАРА ПОСВЕТЕНОСТ
- Голема вештина во животот е да научите да бидете во моментот и да му се
посветите комплетно.
Кога сте на работа фокусот е исклучително битен. Ова е
сериозно одговорна работа која има многу сегменти кои патникот не ги гледа, бара
концентрација од планирањето на летот кој почнува многу пред самиот лет. Има
многу релеватни параметри, од временска прогноза, до припрема за многу различни сценарија
на лет, до математички пресметки за гориво, тежини, брзини, итн. Кога сум на работа
сум максимално посветена, така што немам време да ми недостига ништо. Во принцип
ако нешто ми недостига, во вистинско време и во вистински околности знам да се
вложам да постигнам и достигнам сè.
Летањето го сакам како целост, омилено ми е сè што е поврзано со авионите и летањето, тоа бара посветеност, претставува вештина која треба да се одржува и иако сè повеќе се пренасочуваме на автоматизација, секогаш сум повеќе од среќна кога можам да летам мануелно без автопилот и визуелно без помош на додатни инструменти.
А ДАЛИ НЕБОТО Е ГРАНИЦА?
- Зависи по која филозофија го живеете животот, но генерално умот е тој кој
ограничува.
Така да, ако ѝ дозволите на имагинацијата да ве води и инспирира, не
постојат граници. Кога сте горе времето тече поинаку, сите проблеми на земјата
ви изгледаат ирелевантни и просто решливи. Се чувствува мир и возбуда
истовремено. Има некое волшебно единство на различностите. Можеби уште од
првиот самостоен лет расчистив со стравот и сомнежот во себе, па имав сила да се
соочам со сите препреки по патот кој го одев професионално. Ако не си поставите
граници во умот - небото е слобода, никогаш ограничување.
КАТЕРИНА КАЈСТОРОВСКА СО ПОРАКА ДО СИТЕ ДЕВОЈКИ КОИ СОНУВААТ ДА БИДАТ ПИЛОТКИ
- Бев
најмлада жена пилот во тогашната Југославија, имав сон и само 15 години. Верував
во себе, и покрај сите искушенија, не се откажав. По мене дојдоа и други мои
колешки на кои се трудев да им помогнам со искуство и поддршка. а и низ светот запознав исклучителни колешки кои ми беа подршка и инспирација. Бидете свои, бидете храбри и одважни, борете се за она што ве прави среќни и не дозволувајте
никој да си игра со вашиот живот и вашите избори. Можете да постигнете сè што ќе замислите, со
знаење, упорност, интегритет и воља.
Љубица Иванова