Без Маријана, душата ми е на половина: Искрено со пејачката Росана Сариќ - Тодоровска
Како деца ќе излезевме пред зграда да си играме. Маријана секогаш ќе излезеше прва, ќе се искараше со некое другарче, ќе го натепаше и ќе избегаше дома. Во меѓувреме, ќе излезев јас и ни крива ни должна ќе добиев ќотек, зашто децата мислеа дека сум Маријана
За сестрата близначка, Маријана, вели дека тие две се една душа во две тела. За нивните големи хитови „Признавам“, „Едно срце имам душо“, „Стој“, „Ако не исчезнам“ народот одлучи да станат евергрини. Со својот вокал, харизматична појава, песните и скромноста, Росана Сариќ- Тодоровска важи за една од омилените фолк и поп пејачки кај публиката за сите времиња. Сестра и Маријана долги години живее во Австралија, а Росана со својата музичка кариера продолжи сама, се до пред неколку години кога реши да се повлече, најмногу поради како што вели неправдите на фестивалите.
Росана е радосна што таа и сопругот, актерот Ѓорѓи Тодоровски- Трупче станаа баба и дедо. Нејзината ќерка Ивана која минатата година се омажи за Англичанецот Џејмс стана мајка, а за синот одбра необично име - Ноа.
* Што те натера да престанеш да настапуваш и да снимаш песни, и како се случи тоа да се вработиш во трговија?
- Се повлеков од естрадата поради неправдите, особено на фестивалите, од немање на вистинско мерило на вредности, и помалку заради моите работни обврски. Јас пак ќе пеам, ќе има нови песни за мојата верна публика и за луѓето кои што ме сакаат, а пресреќна сум што ги има во голем број, навистина. Но, пеењето нема да биде со голем интензитет како некогаш. Инаку, во трговијата сум скоро 18 години. Во фирмата „Еуротрејд“ бев вработена речиси 12 години, и благодарение на таа работа стекнав огромно и непроценливо искуство за работа. Потоа бев вработена во „Стружанка“, таму останав точно 5 години, и стекнав едно малку поинакво искуство. Еве, веќе неколку месеци сум во светот на книгите, во „Култура“.
* Што ти велеа луѓето на претходното работно место во „Стружанка“ кога ќе те препознаеа, што ти велат сега?
-Одредени луѓе што ме препознаваа беа на почетокот изненадени, мислејќи дека е скриена камера, хахаха. Но, пресреќна сум што немаше негативни коментари.
* Се чувствуваше ли непријатно од љубопитните погледи или прашања од купувачите од типот: зар е можно ова да е пејачката Росана?
- Напротив, имаше позитивни коментари од типот: „Браво, и овде си одлична, позитивна, насмеана и вредна. А, во поново време ми кажуваат дека сум на вистинското место. Во човек кој е вреден, трудољубив, чесен, искрен, и професионалец, луѓето тоа и тоа како го препознаваат.
* Што ти недостасува, а што не ти недостасува од естрадата, настапите, фестивалите?
- Ми недостасуваат добри песни и фестивали, дружења и снимања со колегите кои сме ги имале во едно убаво време. А, воопшто не ми недостасуваат патувањата и тоа брзо темпо. Некако се изморив.
* Кога последен пат се видовте со сестра ти Маријана, се научи ли да живееш со тоа дека не ти е во близина?
- Со Маријана се видовме на нашата свадбена веселба за нашите деца Ивана и Џејмс. Морав некако да научам да живеам без неа, иако душата ми е на половина. Тагата и болката по неа некако ја компензирам со постоење на мојата Ивана, но страшно е тешко. Ние сме една душа во две тела.
* Кој ти е најдраг спомен од детството со Маријана?
-Спомени од детството со Маријана имаме безброј, но овој некако е најинтересен. Како деца ќе излезевме пред зграда да си играме со нашите другарчиња. Но, таа секогаш ќе излезеше прва, ќе се искараше со некое другарче, ќе го натепаше и ќе избегаше дома. Во меѓувреме, ќе излезев јас и ни крива ни должна ќе добиев ќотек, зашто децата мислеа дека сум Маријана.
* Во што сте слични, а во што различни сестра ти и ти, околу што најмногу се каравте или не се сложувавте?
- Ние две сме исти, слични, но и различни. Можеби чудно звучи но така е. Јас секогаш сум била помирна, попедантна за се, а таа попалава во секој поглед. Инаку јас сум постара 15 минути. Јас повеќе сакав и се трудев да помагам на мама, а таа секогаш се извлекуваше со изговор дека има за учење, хахаха. Но, во душата и за ред други размислувања сме исти. Таа отсекогаш била вицкастата, а јас сериозната. Јас животот би го дала за неа без размислување, но длабоко знам дека и таа истото би го направила за мене. Никогаш не сме се карале ниту пак сме имале потреба од тоа.
* Според тебе, кој беше клучот на успехот на Маријана и Росана и тоа што песните денес ви се евергрини?
- Клучот на успехот на Маријана и Росана е нашиот талент за добро пеење, интересноста како близначки, и прекрасните песни- евергрини напишани од рацете на еден од најдобрите, ако не и најдобар композитор Тоде Новачевски.
* Со твојот сопруг, Ѓорѓи- Трупче, важите за еден од најскладните бракови меѓу познатите личности, тешко ли е да се успее во тоа, што е потребно за долговечен брак?
- За долговечен брак освен љубовта и тоа како е потребно секој човек да биде спремен на компромиси, тие се неизбежни. И меѓусебното почитување и другарство.
* Што ве прави среќни и што ве исполнува кога не работите?
- Кога не работам, среќна ме прави семејството, пријателите, нашето кученце, честите посети кај моите родители, особено кога сме заедно со нашите деца. Среќна ме прават долгите разговори со сестра ми, со брат ми, среќна ме прават луѓе, искрени и со позитивна енергија. Тоа е животот.
Милица Џаровска