Биди промената што сакаш да ја видиш

Добивај вести на Viber

Не е до нас, до светот е. Отсекогаш било, секогаш ќе биде, мора да има лошо за да валидираме добро, утопија постои само во имагинација на изместени уметници од моја крвна група. Мора да има алчни политичари за да има револуција, мора да има инертни крвопијци, за да има активни сонувачи. Мора да се прејадеш од брза храна, да ти се качи холестерол, притисок, пола срце да ти откаже, да се предрогираш, да се препиеш, за да ти се згади, за да посакаш нов почеток базиран на брокула.

Мора да умреш еднаш, за да почнеш вистински да живееш. И не се сите како тебе, не очекувај луѓето со кои го делиш времето, да реагираат исто на животот како што реагираш ти. Нема да работат како тебе, нема да сакаат како тебе, нема да почитуваат како тебе, нема да се борат како тебе, нема да сослушуваат, нема да вреднуваат, нема да бидат храбри, нема да сакаат да продолжат напред.

Но, ти ќе им покажеш дека знаеш. Дека си свесен колку е нивниот, а колку твојот капацитет, не со цел потценување, туку издигнување на другите, не се плашиш да им го дадеш сето твое знаење и искуство само за тие околу тебе да станат еден чекор подобри за себе. Пара на пара се лепи, една позитивна мисла влече друга и еден позитивен потег влече цел синџир на позитивни реакции. Не за џабе компании како Кока Кола направија милиони со позитивен маркетинг, не за џабе историски убавината на позитивното секогаш го надјачува негативното, не за џабе во секоја можна бајка доброто секогаш победува. И во животот е така, секоја промена носи бранови, а наназад во многу мои текстови знам да напоменам дека нема кислород во устоена бара, таму само сомови и крапови може да се товат. За да си индивидуалец во здрава средина, мораш сам да си ја создадеш, да испливаш од водата во која упорно си болен, да излезеш од сопствената комфор зона, стакленото ѕвоно во кое веројатно твоите родители те научиле како се дише на шкрги, и да допливаш до првиот поток на свежина, кој сам ќе го пронајдеш. А ако го нема, најди филтер ако треба и исчисти ја барата што те труе, само не потклекнувај и не се труј со истите отрови повторно и повторно, во заробен временски магичен круг на патња и мизерија. Не подлегнувај на туѓите очекувања, никогаш нема да си доволно добар за сите, и не треба да бидеш.

Еден мој пријател во една прилика измината недела ми рече, Ивана многу бараме од универзумов, а не му даваме ништо назад. На дел од вас ви е познато она, Господе дај бе да ми се падне лото.. Епа важи бе нема проблем, ама оди купи ливче прво.

Не повторувајте колку се не чини, така и ќе остане. Не го колнете светот за вашата несреќа, ваша е, единствено и само вие сте виновни за вашиот живот. Карма враќа на ваше дело, за едно добро ви се враќа со две и на секое лошо, макар дури и зајадлива мисла, ви се труе една клетка во телото неповратно.

Стани свесен за себе, за повисоката причина на постоење на светов, која вклучува многу повеќе од дремење по кафани, на социјални медиуми и страв од вистински вредности. Надмини ги сопствените очекувања, биди сама своја конкуренција и не прифаќај не може, не постои тоа. Биди гласен, не на фејсбук, туку во секојдневниот живот, барај ги твоите права, ги имаш, секоја единка на светов без разлика дали е човек или животно има право на мир и спокојна состојба, но додека е жив, затоа што во оној момент кога си одиш од светов за да завземеш нова животна форма, многу е важно како ќе го напуштиш овој свет. Важно е да оставиш здраво тело позади себе, мирно срце и спокојна душа, за да и помогнеш на цела таа позитивна карма да те однесе на следно подобро место.

Биди промената што сакаш да ја видиш, наметни квалитет, не прифаќај компромис ниту во љубов ниту во бизнис, биди свесен дека секогаш може подобро и биди гладен за исполнет, комплетен, целосен живот. Се се менува, емоциите се привремени, не се врзувајте за прашина. Годинава ќе затворам еден циклус од десет години, вреден за сто, и ќе му дадам на универзумот причина да ја живеам промената што сакам да ја видам.

Јас сум Ивана Кнез, ми велат сум се сменила. Па зар не е тоа целта, раст, развој и промена. 

Се читаме следната недела.

П.С. Тргнете се малку од локалниов турбофолк експресионизам, направете баланс на добро и лошо, дајте ѝ шанса на музика од 90тите како на пример U2, Red Hot Chilli Peppers, Annie Lenox и еден куп на музичари кои не тресеа задници во танги и не пееја за евра и моети, туку имаат вистински што да ви кажат. Намасте.