Билјана Велковска: „Психосоматика“ открива како емоциите разболуваат и лекуваат

Добивај вести на Viber

Мислите, чувствата и расположенијата можат да прават промени на нашето тело. Тие

можат да нè разболат или да нè излекуваат на мноштво начини, што дефинитивно не

се само „во нашата глава“. Врската помеѓу емоционалната и физичката состојба е во

фокусот на „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“ – првата книга на

авторката Билјана Велковска. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс

Ламина – публикации“, беше промовирана во

книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.

„Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“ ги осветлува двете страни на

паричката наречена човек. Од едната страна се чувствата, субјективни и тешки за

дефинирање, но многу проучувани, кои претставуваат огромен дел од човековото

искуство. Од другата страна е физичкото функционирање и здравјето, што

традиционално и погрешно се разгледува одделно од емоционалниот живот. Двете

приказни неизбежно конвергираат за да го доловат човекот, во кој на неверојатен

начин се испреплетени психичкото и физичкото. По промоцијата разговараме со

авторката Велковска.

*Кога и како настана идејата да ја напишете книгата?

–Пред десетина години, кога првпат се сретнав со идејата дека мислите, чувствата и

расположенијата можат да прават промени во нашите физички тела, се фасцинирав и

сакав да дознам повеќе. Една статија ме водеше кон друга...кон десетта, па кон некоја

книга со слична проблематика... Кога се обидував да разговарам со луѓето на оваа

тема, беа скептични или воопшто не беа запознаени. Секако, некои едноставно беа

незаинтересирани.Затоа, решив сите сознанија да ги склопам во едно издание и ете,

се случи „Психосоматика...“.

*Како течеше соработката со издавачот „Арс Ламина“, колку сте задоволни од

финалниот производ?

–Книгата е готова веќе две години, но немаше добиено печатено издание

благодарение на мојата, веројатно, неамбициозност. Потоа, речиси и случајно, се

случи средбата со луѓето од „Арс Ламина“, а тие се амбициозни, стручни и посветени.

Бев многу среќна кога моите прекрасни уреднички решија дека не се потребни

значајни интервенции во изданието. И, ете го сега, и ете ме мене – презадоволна.

*Дали ова е книга за самопомош, дали таа едуцира, лекува или одговара на

прашања? Како Вие би ја опишале „Психосоматика, емоции што разболуваат и

лекуваат“?

–На шега кажувам дека книгава нема да ве направи поздрави, поубави или посреќни,

што во суштина и е точно, бидејќи не спаѓа во групата книги за самопомош (иако не

сум сигурна ни колку книгите од таа категорија помагаат на овој начин). Жанровски

припаѓа во популарна наука, а научната дисциплина што се обидува да ја приближи до

пошироката читателска публика е – психосоматиката. Се обидов да ги опфатам сите

аспекти поврзани со темата: што се емоциите и преку кои механизми можат да не

разболат или излекуваат, постои ли профил на психосоматски пациент, дали

психосоматските болести се наследни, кои се начините на кои може да се чувствуваме

подобро и поздраво, кога да се побара стручна помош од терапевт, како да се побара

соодветна помош итн. Ако треба да ја дефинирам книгава, тогаш би рекла дека е

приказна за стресот во најширока смисла на зборот.

*Кога ќе се спомене зборот – психосоматика повеќето можеби ги асоцира на

замислена болест. Како Вие ја дефинирате психосоматиката во книгата?

–Психосоматиката веќе си има дефиниција, така што немаше потреба јас да давам

нова. Како автор, само ги склопив досегашните научни сознанија од ова поле (иако

откако е завршена, постојано излегуваат нови истражувања). Мојот печат, пораката

што сакам да ја пренесам со книгава, е дека човекот има неверојатен дизајн и дека е

потполно погрешно да се разгледува само како физичко битие, само како емотивно

битие или само како духовно битие. Човекот е целина на сево ова и вистинската

благосостојба (физичка, духовна или емотивна) произлегува единствено од

целовитоста.

*Во книгата тврдите дека чувствата и мислите можат да нè разболат или да нè

излекуваат на многу начини, што дефинитивно не се само „во нашата глава“. Какво е

Вашето искуство и досегашно истражување на оваа тема?

–Обемно. На оваа тема навистина не недостигаат научни студии и истражувања,

иако ретко стасуваат до пошироката јавност и тоа најчесто во премногу

симплифицирана форма. Всушност, има толку многу што пред да почнам со

„склопување“ на книгава, морав да си забранам да продолжам со читање нови и нови

студии зашто инаку никогаш немаше да имам време осознаеното да го преточам во

книга. А за синтагмата „во нашата глава“... Фигуративно би значела дека чувствата и

мислите можат да нè разболат или да нè излекуваат на многу начини што не се

измислени, замислени или нереални. Вистината е дека можат да нè разболат или да

нè излекуваат на многу начини, што се во нашите глави и во нашите тела.

*Дали поврзаноста помеѓу здравјето на телото и умот е доволно истражена тема и

како може да се објасни со медицинска терминологија?

–Оваа тема активно се истражува речиси еден век. Иницијална каписла е работата на

Волтер Канон, кој вршел експерименти на животни, кои за жал морале да бидат

плашени и доведувани во состојба на бес, за да им се мерат телесните реакции.

Просто кажано, за да се испита кои се нивните телесни промени кога се исплашени

или бесни. Продолжува со работата на Ханс Сели, човекот кој прв го употребил

терминот „стрес“ (надвор од физиката зашто овој термин се користи и таму) и кој

покажал дека оптоварувањето на организмот (меѓу другото и психичкото

оптоварување) води до дисбаланс и болест. Оттаму продолжуваат многу научници, а

стручниот журнал „Психосоматика“ активно објавува нови студии од триесеттите

години на минатиот век, па до денес. Така што, да, темата е многу истражувана и уште

се истражува, но за жал е многу малку популаризирана.

*Имате дипломирано на Катедрата за општа и компаративна книжевност на

Филолошкиот факултет, но прецизно и со стручна покрепа пишувате книга за

психологија. Од каде интересот за психологијата?

–Љубопитен човек сум по природа. Сакам да учам нови работи, да се надградувам и

да „растам“, емоционално, интелектуално, духовно. Пред десетина години почнав да

соработувам со Здружението за психотерапија и едукација „Амигдала“ и да учам за

психологијата, но и за себе. Сфатив дека психологијата е многу моќна алатка за

себеподобрување и подобрување на својот, но и на туѓите животи. Особено ме

интересираат допирните точки на оваа наука со други области, како што се на пример

психосоматиката, психолингвистиката, психо(невро)акустиката.

*Колку искуствата од вашите работни ангажмани како уредничка на книжевни

изданија, авторка на книжевни критики, преводи и рецензии, како и новинарскиот

ангажман во некогашниот дневен весник „Вест“ ви помогнаа во подготовката на

книгата?

–Секое искуство во животот е добредојдено, колку и да се чини мало и безначајно.

Пишувањето книги, сепак, е специфичен занает. Дури и да се работи за белетристика и

за преточување на инспирацијата на хартија (или во „ворд“ документ ), за да излезе

добро книжевно дело потребно е да се знаат многу нешта, почнувајќи од добро

познавање на јазикот, преку конвенциите на жанрот, до структурата итн.

*Kнигата, покрај тоа што влече референци од повеќе стручни книги, и самата помина

низ стручна рецензија од м-р Ана Карапејоска и психолог/психотерапевт Мирјана

Јовановска Стојановска. Колку советите од нив Ви помогнаа во кристализирање на

тезите и идејата за книгата. Какви беа нивните насоки и поддршка?

–Тие ја добија првата верзија на книгата, ми беа сигурносен вентил за да се осигурам

дека немам дезинформации или нејаснотии во писанието. Во неколку наврати ме

поправија, имаа неколку сугестии што со задоволство ги прифатив. Без нив книгата

немаше да биде ваква каква што е. Двете се жени за почит и длабоко им благодарам.

Ана ја загубивме оваа година и не е веќе меѓу нас, за што длабоко жалам, па

изданиево ѝ е посветено нејзе.


*За која публика е наменета книгата?

– Книгава е за луѓе кои се љубопитни, отворени, интелигентни, подготвени да учат и да

се подобруваат.

Книгата „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“ е достапна во сите

книжарници на „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн, на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13586