Болдеринг – животна приказна полна со авантури

Тројца битолчани, сите членови на Спортско качувачкиот клуб Вертикал, беа прогласени за најдобри на ниво на Македонија од страна на Македонската спортско качувачка федерација.

Имено за најдобар спортски качувач ветеран за 2020, е прогласен Влатко Деловски, покрај него за најдобар качувач е прогласен Марио Минчевски, а најдобра качувачка Наталија Ристевска.

„Од сите награди, дипломи, признанија, сертификати, успеси, медали, оваа ми е најдрага, оти некако ги заокружи моите 40 години“-вели Деловски.

Покрај ова доделување на награди беше организиран и Dry tooling натпревар -Демир Капија, на кој Влатко го освои второто место, првото место го освои Јован од Штип, третото место Горан Кузмановски и во женска конкуренција-Кети Талевска прво место, двајцата членови на СКК. Вертикал Битола.


 Убави информации поврзани со спортот ни доаѓаат од Битола. Нашиот соговорник Влатко Деловски ја освои наградата за спортски качувач - ветеран 2020. Што оваа награда значи за тебе?  


В.Д. Оваа награда за мене значи признание и заокружување на еден процес, на една посветеност која траеше околу година и половина. Намерата беше да се покаже еден друг менталитет, кој, за жал, ние како народ слабо го развиваме. Едноставно, можни се подвизите и личните победи доколку искрено, со љубов ги посакуваме и одано работиме во тој правец.

 Да проговориме нешто повеќе за самиот натпревар, колку учесници имаше, од каде, кои категории беа опфатени?  

 В.Д. Всушност, тоа не беше само натпревар, главен белег на настанот беше доделувањето, од страна на Македонската спортско качувачка федерација, на годишните награди за најдобрите спортски качувачи. Инаку, конкретно овој „Dry-tooling“ натпревар, кој е вонстандарден за спортското качување, беше само за сениори, а имаше околу 20 тина учесници во машка и женска конкуренција.


Како се одвиваат подготовките и тренинзите за ваквите натпревари?    

В.Д. Подготовките за спортското качување во двете унифицирани дисциплини: болдер и водство/тежинско се прават на најразличен начин и методологија на тренинг на природна и вештачка карпа. Станува збор за различни тренинзи за сила, силова изгржливост, издржливост и кардио тренинг, активен одмор и сл.

 На Dry-tooling натпреварот го освои второто место. За каков вид на натпревар се работи ?

В.Д. На овој натпревар, задолжителна опрема при искачување на некоја насока на сува карпа се чизмите со „дерези“ и „бајли“ за рацете. Ваквиот тип на натпревари е сродно поврзан со Ice-climbing натпреварите кои, главно, не се дел од спортското качување, односно од неговите две клучни натпреварувачки дисциплини: болдер и водство, кои се одржуваат на затворено, на вештачка карпа во сала. Меѓутоа, заради ковид кризата, на еден начин, оваа година бевме приморани сите натпревари од националната лига при МСКФ да ги организираме на отворено, на природна карпа.

Влатко со качување на карпи започнува во 2015 година.

В.Д. За мене ова е многу повеќе од спорт, ми стана секојдневие и култура на живеење. Качувањето на карпи „раскажува“ една љубовна животна приказна непосредно поврзана со природата, полна со авантури, лични подвизи, надминувања и предизвици. 

Покрај искачувањето на капри, Влатко го препознаваат и како вљубеник во планинарењето. Секако кога е “дете” од градот под Пелистер, тоа и не не изненадува, затоа што Баба планина и тоа како има што да понуди за сите вљубеници во планините.

В.Д. Баба планина, со највисокиот врв Пелистер, за мене е „самовилата“ која подолго време ја чекав во мојот живот, за сега активно да се дружиме, во сите поволни и неповолни услови - лето и зима, во атарот на нејзините убавини. Во нејзиниот зимско-летен „самовилски танц“ исполнет со природни убавини и реткости, многу зајдисонца и изгрејсонца, го пронаоѓам духовното просветление, уживање и релаксација.


Кога сме веќе кај Баба планина, и Новата година ја започна токму со искачување до врвот. Кажи ни нешто повеќе за тоа?  

В.Д.  Претходно, многу го пофалив Пелистер, а кога некого или нешто фалите, убаво е да го почитувате и барем, да присуствувате и да го обележите неговиот роденден. Роденденот на Баба планина е на 1 ви јануари, токму за Нова година. Се шегувам.

А веднаш следниот ден, следуваше искачување на една насока во Демир Капија.

В.Д. Тоа веќе беше неколку неделен проект кој успешно го завршив со качување на насоката. До сега, таа насока е со највисока оцена, за мене, искачена – 7ц+ (француска скала). Насоката се вика „Поросенок“, што во слободен превод од руски значи прасе. Интересно име, нели? 

Кои насоки ти биле најголем предизвик за искачување, а кои сакаш да ги искачиш оваа година? 

В.Д. Ете, да речеме таа што ја спомнав претходно, потоа, една друга насока со смешно име „Калабастер“. Но, секако најголем предизвик ми биле насоките во Јорданската пустина кои не се од спортски тип. Членови на СКК Вертикал и МСКФ бевме на експедиција во Јордан во 2020 год. непосредно пред да започне Корона вирусот. Се работи за друг стил на качување - традиционално качување, без претходно поставени сигурносни клинови, туку се обезбедуваме со сопствени алатки за осигурување. Тоа е веќе друго, различно од спортското качување, си бара други подготовки, а за разлика од спортското качување, може и да биде опасно. 

Колку време си член на спортскиот качувачки клуб Вертикал?

В.Д. Вертикал ми е особено драг клуб во кој владее вистински дух на соработка и другарство. Чинам, сите членови, а ги има повеќе од 20 тина, подеднакво се вложуваат во градењето на тимскиот карактер на клубот. Од неодамна, членството ме избра за нов претседател, што за мене претставува голем предизвик, оти досегашниот основач и претседател Горан Кузмановски – Кузе го беше изградил клубот на цврсти основи и поставил вистински вредности. Не знам дали има друг клуб во Македонија кој има таков силен карактер: „еден за сите, сите за еден“. Вертикалци како колектив секаде се присутни и постигнуваат големи тимски успеси. Да не зборувам дека без замерки користиме целосно заедничка опрема: од комплети, алатки за осигурување, јажиња, френдови, чокови, крешпади и сл., што не е случај со другите клубови во Македонија. Нема што друго да кажам за Вертикал, освен пофални зборови. Нас ни останува обврската добро започнатата традиција да ја продолжиме. Инаку, член сум на клубот од 2015 година. 

Си учествувал ли на натпревари или искачувања надвор од Македонија?  

В.Д. На натпревари надвор од Македонија сум учествувал во Босна, во Мостар. Инаку, редовно одиме на качувачки локалитети надвор од Македонија, особено околу Балканот. Би ги издвоил: Олимп, Вихрен, Метеора. Големо искуство за нас секако беше Јорданската пустина и Вади Рум во Јордан. Вертикалци биле и низ Европа, Мароко и сл.


 Кои места во Македонија нудат услови за овој спорт?  

В.Д. Баш насекаде низ Македонија има услови за развој на овој спорт. Како пример, ќе го издвојам Прилеп, кој е еден од најубавите и најдобрите качувачки локалитети од гранит во Европа за болдеринг. Инаку, тука секако е Демир Капија, Маврово, Кадина река, Бислимска клисура, Матка и многу други локалитети.

Кој би бил твојот совет до оние кои сакаат да започнат со овој спорт?  

В.Д. Да почнат што поскоро со качување. Никогаш не е касно, ниту е невозвожно како што навидум можеби изгледа.

Кои се ризиците, а кои придобивките од истиот?    

В.Д. Ризици скоро и да нема во спортското качување, доколку се запазат сите безбедносни мерки и се почитуваат строгите правила кои ги содржи овој спорт. Спортското качување е релативно сигурен спорт обезбеден со претходно поставени сигурносни клинови, а безбедноста во најголема мера зависи од нас самите. Треба да се прави разлика меѓу спортско качување, кој што е веќе олимписки спорт со сите „нишани“ - регулиран со сите сигурносни и безбедносни норми, и останатите типови на качувања кои може и да бидат опасни. Ако во спортското качување се придржуваме до правилата, тогаш опасностите се сведуваат на минимум. Во тој случај, можам да кажам дека скијањето, на пример, е поопасен спорт, во однос на повреди, од спортското качување. Што се однесува до придобивките тие се огромни, особено за психо-физичкиот развој на децата. Испитувањата покажале дека децата кои се занимавале со качување полесно се справиле со повеќе фобии и стравови, страв од паѓање, висина и сл. Затоа, во некои европски земји, спортското качување е задолжително, односно вметнато во образовните програми поврзани со физичката култура и образование.

Пред новата година Деловски беше добитник на уште една награда во организација на македонската спортско качувачка федерација. За што се работи? 

В.Д. Тоа беше редовен натпревар од националната лига при Македонската спортско качувачка федерација. Го освоив првото место во сениорска конкуренција во дисциплината „водство“. Не само за ветерани. Се шегувам. (хаха)

Колку овој спорт е поддржан во Македонија?  

В.Д.  Има премногу услови за развој на овој спорт, а поддршката е помалку од скромна. Жалам, но тоа е реалноста.

Покрај сето ова Влатко пишува и колумни за страната на Бигорски манастир, кои се вистинско задоволство да се читаат и читателот да потоне во писанијата. За што најчесто пишуваш?

В.Д. Ти благодарам за убавите зборови испратени до мене, а особено ми е драго што стално нѐ поддржуваш и ги следиш сите наши успеси во качувањето и планинарството. Секогаш си на вистинското место, а ние како заедница ти сме стално во фокусот на вниманието. Верувам, затоа што си дел од таа заедница, но и затоа што како успешен новинар имаш чувство кон вистински вредности. Инаку, да, пишувам колумни за сајтот на Бигорскиот манастир. По занимање сум магистер по културолошки студии и дипломиран етнолог, а тесна специјалност ми е христијанската антропологија. Пишувам за љубовта, убавината, слободата, хуманизмот, уметноста, теантропологијата, естетскиот лик на човечкото битие и сл. Накрај, му благодарам на Бога и семејството. Ним им ги препишувам сите мои успеси. 

И за Наталија и Марио овој спорт е животна приказна, а наградите додатна мотивација.

     - И покрај тоа што веќе неколку години со ред се здобивам со наградата најдобар качувач на годината во женска категорија, овогодинешната награда има многу посебно значење за мене, станувајќи прва девојка од Македонија која има искачено болдер со тежина 7б, но она што ја прави оваа награда посебна за мене е целиот процес на качување на проекти на природна карпа, проблемите со кои се соочуваш и задоволството после нивното решавање.-вели Наталија а Марио додава- И покрај тоа што сум учествувал на голем број на натпревари на вештачка карпа,  мене од секогаш многу повеќе ме привлекуваше качувањето на природна карпа. Според мене движењата, атмосферата и решавањето проблеми со кои се соочуваш на насоките во природа даваат многу поинаква убавина. Тоа ја прави оваа награда особено драга за мене бидејќи е за нешто што навистина ме привлекува и го правам со огромно задоволство и нормално е еден од повеќето показатели дека целиот труд кој е вложен на крајот не е залуден. 

  

Најчесто тренираат во болдер просторијата во Техничкото училиште во Битола, но последнава година со целата Ковид ситуација, голем дел од нивните тренинзи се одвиваа во домашни услови или на природна карпа. 

   

Од кога започнавте да се занимавате со овој спорт?

Н.Р. - Со качување започнав да се занимавам во 2016-та година, и иако тоа не е многу долг период, од моментот кога почнав да качувам, па се до денес можам да кажам дека качувањето е многу битен фактор во мојот живот. 

М.М. - Прв пат бев запознаен со овај спорт на 12 годишна возраст. Единствено нешто што знаев за спортот беше преку некои филмови што случајно ги имав видено на телевизија. Кога дознав дека тоа го има и кај нас, со огромна возбуда и еуфорија сакав да го пробам уште истиот ден. Може да се каже дека од тогаш па се до денес освен поради некои причини за кои било неопходно да правам паузи, јас константно се занимавам со спортско качување. 

 

Кои се ваши најголеми поминати предизвици во искачувањата?

Н.Р.- Целата измината 2020 година беше еден голем предизвик за качувачката заедница во нашата држава. И покрај големите ограничувања и неможноста за тренинг во болдер просторијата, беше уште потешко да се најде мотивација за тренинг во домашни услови.

Единствена позитивна страна беше можноста за постојано качување на природна карпа, па си поставив предизвик да ја завршам годината со поместување на мојата граница во качувањето. Качување на 7б болдер беше и тоа како предизивик, колку физички толку и психички.

Трпеливоста, истрајноста и посветеноста се клучни за вакви предизвици,а чувството после качувањето е неописливо.

М.М.- Такви ги има навистина многу, но би сакал да го издвојам болдер проблемот “Imaginarium“. Тој е лоциран на најновиот болдеринг локалитет во областа на Јоргов камен. Од првиот пат кога ја забележав линијата, знаев дека ќе биде класика на таа локација и дека еден ден мора да ја искачам. За тоа да се реализира беше потребно доста време, што не ме изненади со оглед дека испадна најтешкиот болдер проблем што сум го искачил. Дефинитивно имаше тешки моменти, но крајниот резултат, задоволството, болдер проблемот и се околу него беше перфектно.

Неда Маретиќ

 Фото: приватна архива Влатко Деловски