БОЛКАТА ИМА ИМЕ
Дали и вас ве лазеа морници кога читавте за силувањата во српската угледна школа по глума на Мирослав Мика Алексиќ? Такви молци во стамакот одамна не сум осетила. Минатата недела бевме бомбардирани со скандалот за сексуална злоупотреба на познатиот српски професор по глума, Мика Алексиќ откако неговата поранешна ученичка, познатата глумица Милена Радуловиќ сведочеше за неговото злодело направено од позиција на моќ. Колку ли Милени доживеале слична траума и молчеле од страв да не бидат повторно (секундарно) виктимизирани?! Колку наши сестри, другарки и ќерки поминале низ тркалото на маскулинистичката демонстрација на моќ? Колку малолетни девојчиња се чувствувале виновни и збунети што некој возрасен маж ги допрел по телото?
Толку ми беше лошо кога ги читав потресните сведоштва, што таа вечер решив да се опуштам со филм, а веќе следниот ден да се солидаризирам со ранливите девојки кои биле жртви на предатори, на сите можни начини на кои би можела да помогнам овие садистички, шовинистички појави да бидат препознаени и процесирани низ системот на правдата. И кога се одлучив за филм (се разбира Тарковски и Пују не се во игра кога ти треба малку „розова утеха“) изборот падна на романтична комедија - Бриџит Џонс по третти пат. Но, овој пат филмот го видов низ една поинаква призма. Кога ќе го извадиш пердето од очите ги гледаш и ситните детали што праќаат порака и прават промена. Не дека не ги забележав прекрасните сатирични коментари за родовите стереотипи, за односот кон женското тело, идеалот за љубовта, митот за „сингл“-девојките и биолошкиот часовник... туку декодирав и некои поинакви значења кои не легнаа баш добро на феминистичкото конто.
Силен впечаток ми остави сцената кога главната јунакиња доаѓа на ново работно место како новинарка-репотерка во телевизија. Јас, како жена која 20 години ги помина во телевизија, лесно се накострешувам од темите поврзани со оваа „ѓаволска кутија“ зад која стојат бројни сексуални вознемирувања и женски трауми. Некако брзо резонираше со мене тоа што шефот на Бриџит Џонс ѝ предлага да облече мини-здолниште и да стави шминка на лицето за да биде поатрактивна пред камерите... Имав само 18 години кога паралелно со штотуку запишаните интердисциплинарни студии по новинарство почнав да работам авторска емисија во една национална телевизија. Кукла, „лепотица“ и слични комплименти добивав секој ден од моите повозрасни машки колеги кои играа на картата на ласкањето, често замижувајќи пред мојот интелектуален и професионален капацитет. Веројатно оваа моја лична приказна ќе продолжеше во сексистички манир и во наредните седум години колку што работев во таа телевизија, ако случајно не се погодеше и моето тогашно момче да работи во истата телевизија. На некој начин, индиректно, бев заштитена.
Но, што прават девојките кои немаат „принц на бел коњ“ да биде покрај нив кога на предаторите им р‘жат хормоните?! И дали ни се потребни принцови за да нè спасат?! И Џонс знае дека да се биде добра на екранот не значи исто со тоа да се биде убава на екранот, но таа премолчено ја прифаќа сугестијата од нејзиниот претпоставен да кокетира со физичкиот изглед. Јас, баш за инает никогаш не ставив деколте кога бев пред камери. Ниту еднаш во тие 20 години. Денес, сфаќам дека мојот потсвесен страв во комбинација со маскулинистичката нападност ме ограничувале во слободниот избор како ќе се облекувам. Но, да се вратам на Бриџит… Кај неа, во ниту еден момент, експлицитно не забележуваме отпор кон сексистичкиот третман што го добива, напротив целата работа се доживува како вообичаена за светот на медиумите. Ова ги отвора прашањата за критериумите кои владеат во новинарската професија, особено во телевизијата и го провоцира прашањето - дали жените треба да бидат убави за око, а лесни за употреба?!
Ви текнува ли на сцената во која Бриџит се спушта по пожарникарска шипка додека го прави новинарскиот прилог? Истата нè потсетува на инсистирањето на спектаклурано и сензационалистичко новинарско известување како еден од начините да се задржи вниманието на публиката по секоја цена, што пак се должи на профитната ориентација на медиумите, односно инсистирање на поголема гледаност заради поголем профит. За императивот да се задржи вниманието на публиката по секоја цена пишуваше уште Олдос Хаксли во неговиот култен дистописки роман „Храбриот нов свет“ („Brave New World“) објавен во 1932 година, кога предвидуваше дека ќе се соочиме со опасноста да се забавуваме или, пак, да се плашиме до смрт! Дека главниот мотив на моќниците е да понудат хипнотизирачка забава, за луѓето да се исклучат од сериозните политички прашања.
Горчлив зачин на оваа сензационалистичка и консумеристичка логика му дава разголениот задник на Бриџит кој случајно се отскрива под мини-здолништето во моментот кога таа се лизга надолу по пожарникарската шипка, известувајќи во програма во живо. Во оваа сцена кулминира чувството дека Бриџит постојано се бламира низ нејзината професионална динамика, за набрзо потоа да посведочиме на ситуација во која Џонс конечно му се спротиставува на својот шеф, изборувајќи се за себе и за своите права. Оваа особина на асертивност се протежира под родовата рамка за еднаквост. Тоа значи дека конечно излегуваме од репрезентацијата на жената како премногу толерантна, субмисивна, пасивна и зависна.
Но, кога на ред за анализа ми дојде и второто филмско продолжение „Бриџит Џонс: На работ на разумот„ („Bridget Jones – The Edge of the Reason“) (2004) одново се отворија битките против предрасудите, битките за еманципација и слобода. Во една од првите сцени на втората романтична комедија, пријателот на родителите на Бриџит, возрасен маж по име Џефри, на прославата која се случува токму во куќата на нејзините родителите, ја допира, односно ја потчукнува по задникот, навидум безопасно, додека Бриџит ги превртува очите со одбивност. Превртувањето на очите како единствена реација на Бриџит, имплицитно покажува помирување со навидум бенигното сексуално вознемирување без никакви други санкциони реперкусии. Со појавата на движењето #MeeToo од октомври 2017 година, коешто под заедничкиот глобален хаштаг #MeToo направи големо размрдување и шок на социјалните мрежи против сексуалното вознемирување и злоупотреба на жените и девојчињата, ваквите сцени конечно се толкуваат на поинаков начин.
Глобалното движење MeeToo претставува силен крик против сексуалното насилство и истото успеа да расветли голем број на премолчени случаи особено во филмската индустрија во Холивуд. Во октомври 2017 година, актерката Алиса Милано на Твитер ја поттикна употребата на #metoo за да се открие вистинската големина на проблемот. Со етаблирањето на движењето во јавноста се изменија критериумите и законските регулативи по кои се реагира на одредени ситуации на сексуално вознемирување. Моќното глобално движење доби и свој македонскиот пандан #СегаКажувам, а албанската верзија е #ТaniTregoj.
За неговиот придонес се изјасни и теоретичарката на родовиот идентитет, Џудит Батлер чие критичко дело за феминистичката мисла и психоанализата, заедно со нејзините читања на Жак Дерида и Мишел Фуко ја направија интелектуална референтна точка ширум светот. И додека Сигмунд Фројд тврдеше дека „биологијата е наша судбина“, познатата феминистка Џудит Батлер нè постети дека „културата е наша судбина“. Затоа, неопходно е да се де-нормализираат микроагресиите кои се случуваат врз девојчињата и жените за да се стави крај на токсичното машко однесување.
Еден таков тип на машко „фраерско“ однесување се протегнува низ целото сценарио на филмот за Бриџит Џонс преку улогата на Даниел Кливер, шефот во издавачката куќа во која работи. Тоа го потврдуваат бројните сцени во кои тој, од позиција на моќ, ја задева секогаш кога таа доаѓа со мини-здолниште на работа. Бриџит ова го доживува симпатично и ласкаво и со самото тоа што е вљубена во нејзиниот шеф, како да се амнестираат сите негови сексуални конотации од позиција на авторитет во рамки на работниот процес.
Недостаток од гневна реакција или тивко помирување забележуваме и во други сцени од филмот. За жал, овој вид на сексизам не се третира сериозно, туку се пародира на начин на кој, всушност, сексуалното вознемирување се легитимира како нешто вообичаено во светот на издаваштвото, медиумската продукција и шоубизнисот. Но, реалноста ни покажа дека ваките секојдневни микроагресии од моќни мажи врз жени, од луѓе од позиција на авторитет, предизвикуваат трауматски искуства кои се далеку од бенигни. Гласот на замолчените и уплашени жени кои низ минатото биле жртви на агресори конечно доби своја артикулација и преку новата актуелна фејсбук платформа „Nisam trazila“.
Ваквите платформи освен што овозможуваат емпатија и солидаризирња со жртвите, имаат и сериозни политички и бизнис импликации. Залагањето за сексуално образование коешто ќе ги обучи децата да препознаат и пријават каков било обид за сексуално предаторство е исто така едно од барањата на движењето. Истото направи сериозно тектонско поместување! Наше е да признаеме и да препознаеме. Искрено се надевам дека секој еден/една од нас што ќе ја осуди храброста на девојките конечно да проговорат за своите болки и трауми ќе се замисли како би реагирал ако какво било сексуално насилство се случи на неговата/нејзината малолетна ќерка. Болката има име!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој