Болката за загубениот син ја преточи во најтажните стихови: Познатата песна на Ерик Клептон крие трагична судбина

Дали ќе го знаеш моето име ако те видам во рајот? Дали ќе бидеш ист ако те видам во рајот? Ова се стихови на една од најпознатите балади во светот, зад која стои најтажната животна приказна...

Веројатно нема некој кој барем еднаш не ја слушнал баладата на Ерик Клептон „Tears in heaven“. Песната е од 1991 година и преку ноќ стана популарна низ целата планета и беше меѓу „Топ 10 најслушани“ во дури 20 земји. Освои три „Греми“ награди- за песна на годината и албум на годината, како и за најдобар машки уметник. Тоа можеби е сон на секој музички автор и композитор, но во случајов не е баш така. Затоа што зад „Тears in heaven“ лежи тагата и несреќата што е најлошиот кошмар и примарен страв на секој родител.

За Клептон, оваа песна всушност беше начин да се ослободи од болката и страдањето што ги почувствува после трагичната смрт на неговиот четиригодишен син Конор. Песната, која опишува длабока и непоправлива загуба, силна болка и неопислив раздор во душата на родител кој ја изгубил најважната работа во животот - детето, добива една сосема нова димензија кога ја слушате, знаејќи на кого му е посветена.

Тоа трагично утро на 20-ти март 1991 година, малиот Конор во станот каде што живеел со својата мајка паднал од случајно отворениот прозорец од 53-ти кат од облакодерот. Ерик Клептон во тоа време бил во хотел и планирал да го собере Конор за да го одведе во зоолошката градина „Централ Парк“.

- Кога го примив страшниот повик, се подготвував да ја напуштам хотелската соба и да го соберам и да го одведам на ручек и во зоолошка градина. Од другата страна на телефонот беше Лори и звучеше хистерично. Постојано повторуваше „тој е мртов, тој е мртов…“, и не можев да се натерам да верувам во тоа - изјави Клептон во 1992 година во интервју за британски весник.

Музичарот додаде дека во моментот кога ја примил веста, се замрзнал и се затворил како школка. Во таа состојба на одвраќање, тој се сеќава дека трчал од хотелот до станот каде што нашол брза помош и пожарникари. Кога влегол во станот, нашол членови на службата за прва помош.

- Имав чувство во тој момент како да сум навлегол во нечиј живот и сè уште се чувствувам така и денес- додаде Клептон.

Погребот на Конор, на кој присуствуваа и Лори и Ерик, се одржа два дена подоцна во Рипли, Англија, и само неколку дена пред 46-тиот роденден на славниот уметник.

Музичарот ја опиша врската со неговиот син како многу блиска, каква никогаш претходно не постигнал во животот со никого. На Конор му ја препишува заслугата за одлуката да се откаже од алкохол засекогаш и да остане трезен.

Клептон успеа да се ослободи од зависноста од хероин до крајот на 70-тите години, но го замени хероинот со кокаин и алкохол. Раѓањето на Конор во 1986 година го охрабри пејачот да се ослободи од дрогата и алкохолот и да биде најдобрата можна верзија на самиот себе за неговиот син.

- Јас навистина го сторив тоа за Конор. Бидејќи, без оглед каква личност сум, сфатив дека не можам да стојам таков пред моето дете - напиша Клептон во своите мемоари „Клептон: автобиографија“ во 2007 година.

И покрај трагедијата што му се случи, Клептон остана чист во чест на својот син и не се врати на старите навики, иако се бореше со длабока тага и депресија.

Исто така, смртта на Конор го натерала да има поблиска врска со неговата ќерка Рут Кели Клептон, која е родена само една година пред Конор, а ја има од една од претходните врски.

- Прекрасно беше да се воспостави врска со Кели и повторно да се биде во друштво на дете - вели пејачот во своите мемоари.

- Кога ќе се осврнам наназад сега, сфаќам колку длабоко влијаеше Кели да останам на нозе, да бидам добро и да се снајдам во сè што се случи. Нејзиното присуство во мојот живот беше клучно за моето закрепнување - се зборовите со кои музичарот ја опишал врската со неговата ќерка, по смртта на неговиот син.

Извор: glossy.espesso.rs

Фото: Profimedia