Болките не ме спречија да успеам: Климентина Тунтева за планинарските авантури
Откако знае за себеси, Климентина Тунтева вели дека сакала рекреативно да се занимава со некој спорт. „Кога повеќе, кога помалку. Дали е пливање, ролшуи/ролерки, скијање, точак, пинг понг, трчање - а најмногу планинарење“, вели оваа интересна дама која повеќе од 25 години работи во Македонски телеком, а последниве години е дел и од менаџерскиот тим на компанијата.
Својата голема страст, планинарењето, ја негува и денес, почнувајќи од качувањето на Титов Врв до остварување на една од нејзините цели, Хималаите. „Сакам многу и фотографија и аматерски се занимавам и со тоа - па ако некоја планинарска тура резултира со добра фотографија - тоа е полн погодок“, раскажува Климентина за „Женски магазин“.
Во моментов, таа го води делот за Корисничка поддршка, за што вели дека посебно ѝ лежи затоа што сака корисниците да бидат задоволни од тоа што нејзината компанија го дава како услуга.
Нејзината постојана желба за одење напред и усовршување не се гледа само во планинарските предизвици и достигнувања. Климентина има две магистерски и вели постојаното учење и откривање нови работи ја води низ животот на секој план, професионален и личен. За неа, планинарењето се вклопува во ова - зошто дава постојана можност да открива нови предели, а воедно да открива повеќе и за себе.
* Колку време активно се занимавате со планинарство? Кога за првпат се искачивте на некој врв, какви сеќавања Ви буди тоа прво искачување?
- Планинарам неполни десет години. Почнав на покана и по препорака на колега и пријател, кој воедно е и активен водич во планинарското друштво „Макпетрол“. Првиот врв кој го искачив беше Титов Врв. Тој е втор по височина Македононски врв, по Кораб, а за мене и ден денес најубава тура во било кое време од годината. Ми беше доста напорно како за првпат (болни колена, скината патика, мокри чорапи и смрзнати нозе), ама и покрај тоа, тој ден се запечати љубовта кон планинарењето. Потоа следеа многу врвови низ Македонија и соседните земји. Нешто повеќе од една година по првото искачување, го искачив и Мон Блан. Денес, за планинарењето не сакам да зборувам како за хоби, туку како за начин на живот. Не планинарам за да го исполнам слободното време, туку свесно планирам и креирам слободно време и прилики за да можам да го поминам во природа.
* Неодамна се искачивте на Хималаите. Раскажете ни го подетално целиот пат, од идејата до моментот кога стасавте?
- Желбата да одам на Хималаи веројатно се роди на самиот почеток. Кога ќе се качите на Мон Блан и пред вас се простираат низи и низи алпски врвови кои ви го наметнуваат чувството дека цела Европа е наоколу и под вас, следи прашањето „Што е следно?“. На Хималаи има повеќе од 1.300 врвови со над 6.000 м.н.в.,од кои четвртина може да се искачат. Првично размислував да одам до Базниот камп на Еверест, од каде што поаѓаат експедициите за Монт Еверест. Тоа веројатно би било и наједноставниот и најкомерцијалниот избор. Кампот се наоѓа на 5.600 м.н.в, па сметав дека ќе биде убав трекинг, полн со убави погледи, а и би почуствувала што значи да сум на толкава висина. Сепак, на предлог на Горан (истиот пријател со којшто почнав да планинарам) одлучивме да го искачиме врвот Мера.
Искачувањето го реализиравме во периодот од 24 Април до 6 Мај лани. Почнавме од Лукла (aеродромот на Тензинг-Хилари) од кадешто почнуваат најголемиот дел од експедиции на Хималаите. Според некои рангирања, овој аеродром се смета за најопасен во светот последните 20 години, првенствено заради кусата и тесна писта. Само неколку дена пред нашето поаѓање имаше несреќа во која авион при слетување удрил во еден, па уште еден хеликоптер и притоа имало три жртви. Од Македонија бевме тројца планинари, а во Непал имавме најмено локален водич и двајца носачи. Лукла се наоѓа на 2.864 м.н.в, што е повисоко од нашиот највисок врв Кораб, па самата помисла дека тргнуваме од толку висока точка беше возбудлива. Сѐ наоколу е толку многу поголемо споредено со нашите планини. По некое време пешачење сфаќате дека веќе сте го подесиле „размерот“ на гледање на околината на 1:3. Рутата што ја одбравме беше кружна, со цел постепено да се качуваме и да се аклиматизираме на висината. Оваа патека сѐ уште не е искомерцијализирана и првите неколку дена бевме речиси сами, не сретнувајќи никој друг освен локалните луѓе што ги водеа планинарските домови. Се менуваа пејсажи на бујна вегетација на рододендрони, бамбуси и скалести фарми. Интересно беше што бујната вегетација што кај нас веќе ја нема над 2.000 м.н.в, таму ја имаше и над 3.000. Посебен печат на целиот трекинг оставија локалните луѓе што ги среќававме по домовите или во малкуте села што ги поминавме. Мало богатство е да имате прилика да видите како други луѓе, некаде на друго место во светот водат сосема поинаков начина на живот од вашиот.
Правата Хималајска слика (барем според моите очекувања креирана од Discovery и Youtube) се појави на 4.000 м.н.в., кога наеднаш се отвараат до недоглед околните врвови. Пешачењето беше долж река формирана од топење на глечери и водеше од домот Коте на 3.800 (каде го прославивме и мојот роденден), преку Тангнам на 4.500, до домот Каре на 4.800. За жал, во текот на тие 2-3 дена имав прилично силни главоболки како резултат на високата надморска висина и реткиот воздух. Секој ден меревме ниво на кислород во крвта, кое беше јасно дека континуирано паѓа – кај мене од od 98% на почетокот, до под 80%, на моменти и 70% за што веќе знаев дека станува опасно. Само како споредба – на врвот Мера, концентрацијата на кислород е двапати пониска отколку онаа на нулто ниво надморска височина. На 4.500 метри и обично врзување врвки веќе бараше повеќе напор – особено ако се заборавите каде сте и наеднаш се наведнете и сакате набзрина да го извршите дејството како што вообичаено го правите. Во Каре имавме дополнителен ден за аклиматизација, па утредента продолживме кон Високиот Камп на Мера, каде што требаше да спиеме во шатори и по полноќ да тргнеме во освојување на врвот. Некаде над 5000 метри веќе имаше и снег. Спиењето на 5.800 беше вистинско доживување. Всушност не можам да кажам дека воопшто тоа можеше да се нарече спиење. Повеќе беше постојано прекинуван сон заради краток здив измешан со возбуда од претстојното искачување. Секогаш, без оглед на која висина се наоѓа врвот, Времето (со големо В) е тоа што пресудува дали имате воопшто можност да се искачите. Нас Времето не’ послужи и на денот на искачување. Секако, беше прилично студено, но бевме добро опремени од глава до пети. Тргнавме околу два часот сабајлето и од кампот до врвот ни требаа околу 6 часа. Некаде на половина пат изгреа сонцето и од тој момент мислам дека сѐ беше полесно. Кога стигнавме на врвот ни се отвори поглед на Еверест и другите врвови на над осум илјади метри надморска висина. Ние се наоѓавме на 6.500 н.в со развиорено македонско знаме! На 6.500. Уште еднаш поблиску до врвот на светот! Во тој момент го заборавате целиот напор што сте го направиле дотогаш.
Враќањето назад беше исто толку егзотично како и качувањето, а како што напоменав на почетокот - со оглед на тоа што избравме кружна тура, враќањето беше по друга патека која водеше низ други места.
За дванаесет дена испешачивме 101 километар, и направивме дури 10.000 метри качување-симнување. Тоа доаѓа како да сме ги искачиле Монт Еверест и Водно заедно.
* Што прво си помисливте кога се искачивте на врвот?
- “I did it!”. Се чувствувате и моќно и понизно во исто време. Моќно - затоа што сте направиле таков потфат, сте поместиле уште една граница. Понизно - затоа што на таква висина и во таков амбиент повторно ја осознавате сопствената минијатурност во однос на природата. Се чувствувате и благодарно кон сопственото тело и мозок што не ве издадале, туку успешно го комплетираа предизвикот.
* Ви беше ли тешко, помисливте ли да се откажете?
- Па, имаше моменти кога беше напорно. Но, во ниту еден момент не помислив да се откажам. Единствено во моментите на силни главоболки - се прашував како/дали може тоа трајно да влијае на моето здравје и дали вреди да сум таму, а се чувствувам лошо. Ама тоа беше само „мала криза и што сѐ нема да ми падне на памет“. Секако дека вредеше да бидам таму!
Имав и мала криза на денот на самото искачување - пред самиот врв. Тоа беше пред да се врземе во наврска и беше како во рекламата на „Сникерс“ - „ти не си ти...“- буквално си клекнав и ако не ми беше при рака малото чоколатце, не знам дали ќе можев да продолжам.
* Како планинар, кои се места сте ги посетиле, од каде носите најубави спомени?
- Јас всушност и не сакам себеси да се нарекувам планинар. Повеќе сметам дека сум вљубеник во природата и сакам да бидам физички активна. Ако не одам на планина, веројатно ќе свртам некој круг со точак (околу Охридско езеро или од Скопје до Лешок или Козјак) или добро ќе се испливам, или малку и ќе истрчам. Но - да, најчесто планинарам. Од помаркантните места би ги издвоила трекинзите под Фиц Рој и Торес дел Паине во Аргентина и Чиле. Потоа Мон Блан, па Грос Глокнер во Австрија. Многу убави искачувања и ферати имав на Доломитетите и Јулиските Алпи. Ги сакам и Дурмитор и Проклетие, како и бугарските Рила и Пирин.
Ќе се радувам на денот кога и во Македонија ќе видам реки од луѓе упатени кон некој врв. На Вихрен (Пирин) и Мусала (Рила), особено на пролет од толку народ ќе се запрашате дали сте на планина или на Широк Сокак во Битола. Кај нас сѐ уште не е така, иако имам чувство дека полека но сигурно се зголемува бројот на оние кои сакаат да избегаат од градската гужва на планина. Ги сакам и сите македонски врвови, а мислам дека сум била на речиси сите познати врвови, а и на помалку познати. Сепак, покрај Титов Врв, ќе го издвојам и Магаро на Галичица. По потекло сум од Охрид, и речиси секое одење таму, го користам за качување на Магаро. А ако качувањето заврши со спиење на 2.200 метри во шатор под ѕвездено небо, а потоа со капење во езеро! Е, тоа е ТОА!
* По сите овие возбудливи доживувања, која Ви е следна планинарска цел?
- Размислувам за искачување на Килиманџаро или Атлас, или можеби трекинг на Тибет. Сѐ уште немам целосно утврден план. Ги сакам и урбаните тури (особено ако се искомбинирани со престој во природа), па имам и такви планови за претстојниот период. Важно е да се има некоја цел, некој предизвик пред себе ...
Милица Џаровска