Борбата за правда е дел од мојата природа: Интервју со активистката Ана Глигорова
Жените, всушност, најмногу ми пишуваат, што е крајно
симптоматично. Запознав на пример, мајка со две деца, вдовица, на која скопски
извршител цела година ѝ ја стопира целата плата, раскажува Глигорова
Ана Глигорова е активиска која неколку години води жестока битка со криминалната спрега на чие чело се извршителите, којашто доведе до питачки стап голем број граѓани. Глигорова која својата борба ја води многу храбро и без влакна на јазикот е магистриран културолог, а професионално се занимава со режија и видеоуметност. Како што вели, и во својата професија е мотивирана од тоа да пренесе хумана порака и да ја поттикне солидарноста кај луѓето.
* Кога и како решивте да му се посветите на овој вид на активизам?
- Прво на своја кожа почувствував ужасна неправда од виртуелен долг, кој не можев да го платам. Тогаш уште не бев свесна дека илјадници луѓе се во слична очајна состојба, блокирани, заборавени, со напумпани долгови. Кога лично запознав некои од нив, сфатив дека треба заедно да се бориме против криминалната спрега која ни го загрозува животот. Така се роди идејата за здружението „Човекот над профитот“.
Постојаното одење на протести, грижата за моето малолетно дете, борбата за сопствената егзистенција, беа дел од мојот живот последниве десет години. На мигови сум била очајна, сум помислувала засекогаш да ја напуштам државава, но повторно ѝ се навраќав на борбата, бидејќи сметам дека тоа е дел од мојата природа. Борбата за правда ме исполнува.
Битката која ја водиме неколку граѓански здруженија, трае веќе неколку години, со наши предлог закони, со протести, учество на собраниски комисии и е насочена кон решавање на еден голем општествен проблем - осиромашувањето на луѓето преку наплаќањето на виртуелните, лихварски долгови кон извршители, доверители, банки, корумпирани судии, кои тоа го спроведуваат легално, а добива епидемиски размери. Околу 130.000 трансакциски сметки во државава се блокирани, што значи дека половина милион луѓе живеат на работ на егзистенција поради натрупани камати и лихварски награди. Застарувањето на долг во Македонија легално постои, но со низа други членови, подзаконски акти, исто како да не постои и не се применува. Замислете, ви наплаќаат долг стар повеќе од 20 години! Ако главницата била 1.000 денари, сега долгот е десет, дваесет пати поголем. Ова се коси со човековите права, луѓе живеат во тешка сиромаштија без струја и вода со години. Нашата борба е да ги укинеме извршителите, да ја укинеме казнената камата.
* Кои Ви беа најголемите сопки и пречки на патот на таа борба?
- Сфативме дека се соочуваме со добро организирана мафија, доверители - нотари - судиии - извршители - банки, кои работат во спрега повеќе од една деценија. Непријателите се тие кои немаат намера да го променат својот начин на стекнување на екстра профит. Голем дел од нив работеле спротовно на законите, на Уставот и тие не ми се непријатели само мене, туку на целиот народ. Иначе, со сопки се сретнуваме секојдневно, со опструкции, извртување на тези.. Тешко е да излезеш на крај со мафија.
* Кои се најстрашните случаи со кои сте се соочувале?
- Навистина ми е тешко да изберам случаи кои се најтешки, бидејќи толку многу луѓе се во очајна сосотојба, оставени сами на себе во еден суров и неправичен сиситем. Вусшност жените најмногу ми пишуваат, што е крајно симптоматично. Запознав на пример, мајка со две деца, вдовица, на која скопски извршител цела година ѝ ја стопира целата плата...
Најтешкиот случај го видов пред неколку години кога цело семејство беше избркано на улица сред зима, пред Нова година, на минус 20 степени, од својата семејна куќа. Замислете, се работеше за некаков потрошувачки кредит од неколку илјади евра, но злосторничкото здружение со напумпани виртуелни долгови успеа да ја обезвредни куќата и да ја доближи до висината на виртуелниот долг. На улица се најдоа - слеп човек од 70 години, кој набргу по извршувањето почина, сопругот на жената која ми се јави кој беше штотуку опериран од канцер и двата малолетни сина. Сопружниците не само што ја изгубија куќата, туку сега живеат во импровизирано живеалиште во шума. А синовите во меѓувреме станаа полнолетни и ја напуштија државата, но лузните се многу длабоки. Илјадици луѓе поради овој социјален геноцоид бараат излез надвор од државата.
* Дали во оваа борба си навлековте непријатели и кој Ви беше најтешкиот момент?
- Во август минатата година, ние четири граѓански организаци на Собранието му поденсовме предлог закон за ослободување од виртуелните долгови на граѓаните кон комуналните претпријатија. Најтешкото од се` за мене беше што не добивме речиси никаков одговор од страна на пратениците. Се запрашав, дали пратениците воопшто се заинтересирани за маката на народот? Зошто се нарекуваат народни пратеници?
Па не може монполите да бидат над народот! Банките над народот! Кон што би се стремеле тогаш? Само кон слугување на елитата - грст луѓе кои се пребогати и дел од нив крајно безмилосни. Собранието молчејќи како да застана зад нив. Можеби звучи необично, но за мене ова е најтешкиот момент - незаинтресираноста на народните избраници за маса луѓе блокирани, исклучени од струја и вода.
* Како гледате на животот на обичниот граѓанин во земјава во моментов?Има ли светла точка на крајот од тунелов?
- Во држава во која просечната плата не надминува 250 евра, каде што секое трето семејство живее на работ на егзистенција, најмногу се зборува за т.н висока политика. Од друга страна, ова е опшетството во кое луѓе со низок морал судат, носат закони, симулираат етничка нетрпеливост, темпираат контролиран национализам, си поигруваат со судбината на стотици илјади луѓе.
Во сенката на нивните злосторнички потези е длабоката класна поделеност и апатијата. За да се подобри животот, потребни се радикални промени. Да престане со монополот на двете доминантни партии кои влегоа како канцер во општеството потполно деформирајќи го со корупција, непотизам, злосторничко здружување. Можеби ќе звучам југоносталгично, но во суштина проектот соцјализам и братство и единство беше една добра прагма на подигање и вреднување на трудот на човекот, модел кој до сега не е надминат на балканските, а можеби и на европските простори. Најверојатно, тоа е моето светло во тунелот.
* Како да станеме социјално правна држава?
- Македонија е социјална држава само на хартија. Во реалноста обесправеноста и неправдата царува. Сигурна сум дека патот до социјална држава започнува со образовниот процес, уште во градинките. Децата на Исланд уште од претшколска возраст ги учат да ги почитуваат правилата на заедничкиот живот, на солидарноста пред се'. Ако ги сфатиш туѓите проблеми, пред се егзистенцијални, кога ќе сфатиш дека бедата демне тука, дека и тебе може да ти се случи, понатаму во животот ќе се бориш за социјална првада. Ние имаме стотици илјади неосвестени возрасни луѓе кои во раната младост биле учени само на борба за опстанок, на прилагодување на новите ситуации, колу и тие да бидат неподносливи.
* Што како мајка и активист си поскаувате за себе во една ваква Македонија?
- Моето дете е родено и расте во еден систем во кој моралните приоритети се исмеани, згазени, фрлени на буниште. Се' повеќе луѓе ми пишуваат за социјализмот, за убавината на тој сиситем. За некако ново утре каде што јас и мојот син, и сите наши луѓе ќе живеат во општествен систем најблиску до социјалистичкиот. Тоа се моите соништа кои, верувам, можат да станат реалност.
Мимоза Петревска Георгиева