Ботаничка градина, план за следење на големи месојади и ренџерска служба: Интервју со Пеце Цветановски од НП Пелистер

Велат, кој еднаш бил на Пелистер, сигурно ќе дојде пак... 

Најстариот Национален парк во земјава, НП Пелистер неодамна доживеа свое ново руво, преку грант во рамки на „Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, финансирана од Европската унија, што ја спроведува УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање“.

Знаеме дека планината Баба изобилува со уникатни природни богатства и претставува дом на ретки и ендемични животински и растителни видови, а за да ги видите и доживеете сите нејзини убавини, сега на располагање ви стојат бројни пешачки патеки, за кои не ви е потребна посебна физичка кондиција, туку само добра волја.

Заштитен знак на Пелистер се бистрите изворски води во кои ќе ја забележите пелистерската и пелагониската пастрмка, водопадите, и  планинските езера, неклку сезонски и двете леднички – Големо и Мало езеро, познати уште како и Пелистерски Очи.

За сите новитети во НП Пелистер разговараме со Пеце Цветановски, раководител на административното одделение и задолжен за Односи со јавноста во националниот парк.

* Како започна приказната за правење на проектот Национален парк Пелистер? 

- После подолго време и разговори со Министерството за животна средина и просторно планирање, и сознанијата кои Министерството ги стекна за потребите на националните паркови, тие пред ЕУ успеаја да издејствуваат проект „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, во кој ќе бидат помогнати заштитените подрачја, особено со средства и техничка помош, за остварување на повисоки дострели во секојдневното работење.

Недостатокот од средства се однесуваше на неколку вида потреби, особено кај националните паркови: недостаток од моторни возила за обавување на теренската работа и чување на заштитеното подрачје, потреба од набавка на униформи на персоналот, кој на терен врши заштита на природата, опременост со технички средства за следење и мониторинг на видовите и сл. Тука, покрај анализата на растителните видови, исто така беа потенцирани и потребите за следење на животините, со поставување на камери за евидентирање на бројноста и разновидноста на животинскиот свет.

Нашето задоволство од идејата, пред се од нејзината реализација, е повеќекратно. Покрај добиените технички средства,  беше организирана и обука за персоналот, како за ракување со техничките средства (пред се дроновите и комјутерската опрема), исто така и за користење на ГИС системот.

Но, ова беше само еден дел од помошта. Ние како национален парк Пелистер, преку друг проект, на фондацијата ПОНТ, спроведувавме и Студија за валиризација/ревалоризација на вредностите на НП Пелистер, и студија за Натура 2000 вредностите на НП Пелистер. И за двата проекти, беше неопходна помошта од средствата на ЕУ, реализирани преку УНДП, за дополнување на истражувањата, со ангажирање на домашни експерти за утврдување на локалното и регионалното значење на ендемичните и ретки видови на растенија и животни кои постојат во НП Пелистер. Токму таа помош за целосно дооформување на Студијата за валоризација/ревалоризација на вредностите на НП Пелистер беше големиот придонес на овој проект за утврдување на целосните природни вредности на НП Пелистер.

Од аспект на наша вклученост во проектот за „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, треба да се каже дека сите активности на експертите, теренските истражувања и утврдените сознанија беа правени со взаемна соработка на експертите, проектниот тим и тимовите на НП Пелистер, при што претставниците на НП Пелистер беа и постојано едуцирани за различни форми на реализација на мониторинг и конзервација на проучуваните видови, и примена во идната практика.

Инфоцентар

* Кои се најважни видови и живеалиште на Националниот парк?

- НП Пелистер поседува значајни вредности од аспект на биолошката разновидност со идентификуван голем број на меѓународно, регионално и локално значајни видови од флората и фауната кои имаат конзервациско значење. Во НП Пелистер до сега се регистрирани 1307 таксони виши растенија, од кои секако за пошироката јавност е најпознат петоигличестиот бор молика Pinus peuce, балкански ендемит, за науката опишан од истражувањата направени на Пелистер. Покрај моликата, во Паркот се среќаваат уште 17 субендемити, а 32 таксони се меѓународно значајни видови (4 се на додатоците на Директивата за живеалишта).

Во паркот е потврдено присуство на најмалку 47 видови цицачи, меѓу кои и балканскиот рис Lynx lynx balcanicus, за кој не е потврдено репродуктивно јадро. Значајна е и популацијата на кафеавата мечка Ursus arctos. Регистрирани се 116 видови птици (5 веќе исчезнати), од кои 98 видови се од меѓународно значење за заштита, а регистрирани се и 18 видови од Додатокот 1 на Директивата за диви птици. Идентификувани се 12 видови водоземци кои имаат меѓународно значење за заштита и 16 видови влекачи. Познати се само 2 вида риби, но двата се ендемични видови пастрмки – пелистерската и пелагониската.

Во Паркот се евидентирани дури 63 таксони без'рбетници кои се на некој начин ендемични (или познати единствено од Пелистер, или се регионални или балкански ендемити). Меѓу значајните безрбетници можат да се издвојат 14 видови дневни пеперутки, 3 видови вилински коњчиња, два вида тркачи, 93 вида правокрилци, 41 водни безрбетници и 31 вид од останатите групи на копнени безрбетници (полжави, тврдокрилци и др.). Утврдено е присуство и на таксони (дијатомејски алги, 16) кои сè уште не се познати за науката и не се формално опишани.

Кога се зборува за живеалиштата, регистрирани се две живеалишта на високопланински грмушки и пет шумски живеалишта според класификацијата на живеалишта од Директивата за живеалишта. Дополнително, идентификувани се четири типови слатководни живеалишта, шест типови природни и полуприродни тревести живеалишта, три типови тресетни блата, тресетишта и мочуришта и два карпести хабитати.

Може да се каже дека клучните вредности на НП Пелистер се состојат од камени реки (едни од најмаркантните геолошки формации од овој тип на Балканскиот Полуостров) и литиците со камењари (пределни вредности и карактеристични живеалишта за приоритетни видови според Европските директиви); потоа, од глацијални езера со нивните циркови и високопланински извори (карактеристични пејсажни вредности и центри на ендемизам за дијатомејски алги); и секако, моликовите шуми (пределни вредности, добро зачувани состоини и locus typicus на моликата и живеалиште на други приоритетни видови според Европските директиви;

Приоритетни типови на живеалишта според Европската директива за живеалишта се: 6230*: Тревни површини богати со видот Nardus, на силикатни подлоги во планински подрачја (во рамките на 62D0 - Оромезиски ацидофилни тревни површини), 7220*: Извори кои петрифицираат со формација на варовнички депозит/туф и 6220* Псеудостепи со треви и едногодишни растенија Thero-Brachypodietea (Pseudo-steppe with grasses and annuals of the Thero-Brachypodietea); потоа, ендемити (посебно меѓу безрбетниците) и субендемити, заради кои Паркот најверојатно ги исполнува критериумите B2 и B3 за идентификација на клучни подрачја за биолошката разновидност, и крупните цицачи, посебно кафеавата мечка, и потенцијалот за поддржување на други видови крупни цицачи (тревопасни – балканска дивокоза, ѕверови – балкански рис) и сл.

* Што се се направи во рамките на проектот?

- Во рамките на Проектот најнапред беше исполнето барањето за техничка поддршка од аспект на теренски возила, униформи, дрон за обично снимање и набљудување, и еден специјален дрон за противпожарно набљудување. Набавени беа повеќе двогледи и таблети за остварување на секојдневната активност на ренџерите и чуварите во заштитеното подрачје. Потоа, беа реализирани научните истражувања за растителниот и животинскиот свет од аспект на локалните и регионални ендемити, и беа изготвени протоколи за мониторинг и конзервација на тие ендемити.

Набавени беа и поставени 25 камери за мониторинг на животинскиот свет. Се спроведе едукација на персоналот, која се уште трае за некои активности, бидејќи се во тек обуки на персоналот за користење и употреба на ГИС систем. Во тек е изработка на тријазична веб-страна која е во последна фаза и наскоро ќе биде достапна за корисниците. Исто така, беше спроведено обновивање на дел од патеките за пешачење и велосипедизам, означување на дел од нив и реконструкција. Секако, значајна е и изработката на елементите на ботаничката градина – арборетумот, кој треба да биде иден извор на средства за самоодржување на Паркот.

Во тек е изработка на печатени материјали и табли за патеките во паркот и изработка на друг пропаганден материјал. Во рамките на проетот се работи проектна документација за изградба на Пречистителна станица, која ќе ги собира отпадните води од хотелот Молика и Детското одморалиште и ќе испушта само пречистени води кон селото Магарево. И секако, за нас исто така многу важно, се очекува и испорака на посебно против-пожарно возило за брза интервенција во случај на планински и шумски пожари.

Ботаничката градина

* Дали може да ни кажете нешто повеќе за ботаничката градина како дел од проектот?

- Арборетумот (Ботаничката градина) треба да се состои од ендемични и репрезентативни автохтони видови дрвја и поважни грмушести растенија карактеристични за НП Пелистер, од кои треба да бидат засадени 88 видови на дрвја кои ги има на Планината Баба. Ботаничка градина се наоѓа во непосредно опкружување на постојниот Инфоцентар на НП Пелистер, на локација која е лесно пристапна и  која има голем паркинг во случај на поголем број посетители.

Арборетумот би требало да исполнува повеќе функции меѓу кои: воспитно-образовна, научно-истражувачка, еколошка, санитарно-хигијенска и естетска функција. Секако најваѓна е воспитно-образовната функција ќе се исполнува преку запознавањето на посетителите со различните видови дрвја и грмушки, преку што тие ќе имаат повеќе информации за разновидноста и значењето на шумската растителност во НП Пелистер - Битола. Научно-истражувачката функција ќе се исполнува преку научни истражувања на видовите кои се содржат во арборетумот, како и реализација на различни научно-истражувачки проекти. Да споменеме и дека еколошката функција ќе се исполнува преку зачувување на автохтониот генофонд на сите видови дрвја и грмушки кои природно се распространети на територијата на НП Пелистер.

Ботаничка градина ќе биде отворена за пошироката заедница, а посебно интересна ќе биде за учениците, студентите и научните работници кои преку своите активности и едукација допринесуваат за зачувувањето на природните вредности. Автентичност, ја отсликува изворноста на природата и составот на автохотните видови дрвја и грмушки. А епрезентативност, ќе се изразува преку поединечната вредност на големите автохтони видови дрвја кои се наоѓаат во просторот предвиден за арборетум, нивната разновидност и природен изглед. Градината има оптимална големина со површина од 2,26 хектари и претставува компактен дел од просторот со разновидна и интересна природна структура, богата со постојни видови дрвја и грмушки.

Доминантен вид дрво во Градината е моликата Pinus peuce (Gris.), кој е балкански ендемит и терциерен реликт и тој всушност претставува еден од симболите и еден од најценетите видови во арборетумот. Се среќава единечно, во група од неколку дрвја и во склопена шума. На релативно мал простор во арборетумот може да се сретнат дрвја од молика со различна старост, различен хабитус и различен надворешен изглед.

Со значително учество во просторот е и елата Abies alba (Mill).  Покрај овие видови се среќава дивата цреша Cerasus avium (Moench.), евлата Alnus glutinosa (Geartn.), горската врба Salix caprea (L.), леската Corylu savellana (L.), горскиот јавор Acer pseudoplatanus (L.), џанка Prunus cerasifera (Ehrh.), диво јаболко Malus silvestris (Mill.) и дива круша Pirus piraster (L.).

Ова се само дел од она што посетителите ќе можат да го виидат при посетата на Ботаничката градина, која наскоро треба да биде целосно оспособена за прием на посетители, секако со доосмислување на елементите на понудата.

* Дали ренџерите се луѓе од областа кои добро ја познаваат и ја сакаат природата?

- Во најголем дел да, бидејќи повеќето од нив подолг период ја обавуваат оваа работа. Кај постарите постои големо познавање на теренот, но е потребна доедукација, кога е во прашање користењето на странските јазици. Кај помладите познавањето на странски јазик е помал проблем, но е потребна доедукација заради полесно искажување на сознанијата за теренот, деталите за растителниот и животинскиот свет и бројните приказни и легенди, кои обично посетителите сакаат да ги чујат при нивната посета во паркот.

Предност кај ренџерите и чуварите на заштитеното подрачје е тоа што тие се дел од локалното население и добро ја познаваат околината во која работат. Во поглед на љубовта кон природата, секако дека нема сомнеж, бидејќи тие најголемиот дел од работното време го поминуваат низ планинскиот и шумскиот простор, со грижа да нема криволов и дрвокрадци и со постојана комуникација со планинари и други посетители, на кои најчесто, ако ги среќаваат прв пат, треба да им посочат дека не е дозволено кампување, палење на оган, и секако, дека е забранета галама и фрлање на отпадоци. Најчесто им ги појаснуваат рутите и патеките и каде има место за одмор.

* Кажете ни нешто повеќе за планот за следење на големи месојади?  Дали фото станиците досега забележаа животни кои среќно живеат тука?

- Карактеристично е тоа што камерите најчесто покажуваат како природно се одвива животот во планината, бидејќи го регистрираат движењето на шивотните и дење и ноќе. На определени места ние имаме поставено прихрана за животните, најчесто во зима, но за одредени соли и минерали кои им се потребни на животните, тие кај солиштата доаѓаат независно од годишното време. Дел од камерите се поставени на такви локации, па од снимките може да се види колку срните, срндаците, верверичките, некои птици, па често и мечката, волкот, лисицата и дивата свиња се чувствуваа релаксирано во својот дом, шумата на Пелистер.

Мирното пасење и честото проаѓање и доаѓање на иста локација е доказ дека тие се чувствуваат сигурно и дека од нивна страна се чувствуваат веројатно и среќни во природното опкружување. Во поглед на следењето на големите месојади, може да се каже дека на камерите доста често се појавува мечката, поретко волкот, но почесто лисицата. Рисот на Пелистер беше снимен на камера само еднаш, во ноќни услови во 2013 година. И покрај сите наши обиди, друга снимка со рис оттогаш не е направена. 

* Станува збор за првиот национален парк во земјава. Дали овој проект направи да се зголеми посетеноста?

- Популарноста на Пелистер како национален парк е перманентна, но последните години отсуствуваат поголеми и помасовни организирани посети. Во принцип најчести посетители на Пелистер се битолчани и жителите на Ресен, Крушево, Демир Хисар и Прилеп. Додека работеше Детското одморалиште (сега не функционира, и е во обид за приватизација, а припаѓа на Министерството за труд и социјала), заради децата кои таму летуваа, некои по 7-10 дена, во посета доаѓаа и нивните родители па бројката на посетители беше поголема. Исто така, додека во хотелот Молика доаѓаа на рехабилитација работници од електро-стопанството, почести и помасовни беа посетите.

Сега, особено во летниот период, најчести посетители се гостите кои од странство доаѓаа во Охрид на летување, или нашите иселеници кои се вратиле на посета на родниот крај (околината на Битола). Редовни посетители во жешките летни денови се граѓаните на Битола, а најредовни се планинарите и љубителите на планината од Битола и нивни пријатели, кои за среќа, ги има доста. Според годишните евиденции за посетители, зависно од годината или туристичката сезона, Пелистер го посетуваат 28-32 илјади посетители.

Со реновирањето на дел од патеките, со довршувањето и пуштање во работа на Ботаничката градина, со доопремување на Информатривнио центар, изработката на нови информативни и промотивни материјали, во најголем дел придобивки од овој проект, очекуваме во наредниот период и бројот на посетители значително да биде зголемен.

Д.Караташова