Божиќно семејно интервју со Дафина Стојаноска: Добрите дела и зборови се најголемата молитва
За Дафина Стојаноска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, семејството е најважната алка од нејзиниот синџир, без која истиот би се искинал и не би имал никаква важност. Со сопругот Љупчо на 3 јануари одбележаа 32 години заедничка љубов, од кои 21 година и шест месеци се во брак. Вели дека нема поголема среќа од тоа да имате мирен брак и деца кои ја надополнуваат неговата хармонија.
Како и во изминативе години, Божик ќе го прослави во Гостивар, во домашен амбиент, со сопругот Љупчо, ќерката Пелагија (21) и синот Тома(16). За Стојаноска македонските обичаи и традицијата се од огромно значење. Се труди да ги пренесе во наследство и на своите деца, исто како што тоа и’ го пренеле нејзините родители. Се’ уште во ушите и’ одекнува и советот на нејзиниот татко дека скромноста е доблест. Гостиварци велат дека, и покрај јавната функција што ја извршува, Дафина е се’уште скромна и ненаметлива, подготвена секогаш да ги сослуша проблемите на своите сограѓани.
* Божик е празник кој обединува повеќе генерации на празничната софра. За жал, годинава поради пандемијата, ќе изостанува заедничката прослава на Христовото раѓање. Каде и како ќе го прославите празникот?
-Отсекогаш Божик сме го прославувале во домашен амбиент, со семејството, така што пандемијата нема воопшто да ни влијае на неговото одбележување. Со сопругот, ќерката и синот ќе бидеме дома, ќе празнуваме и ќе си посакаме само убавини, Пред се’, здравје за нас и за нашите драги и блиски личности. Во оваа пандемија, како и во се’ останато во животот, ја открив и позитивната страна, а таа е дека си посветивме многу време дома и на своите блиски. Нека биде ова првиот и последен Божик под вакви услови, ама да ја запаметиме пораката која короната ни ја испрати - да се грижиме најмногу за своето, но и за здравјето на сите останати.
* Се трудите ли да ги вратите и да им ги пренесете на децата нашите стари и прекрасни обичаи за овој празник? На што го ставате акцентот?
- За мене македонските обичаи и традицијата се од огромно значење. Се трудам да ги пренесам во наследство и на моите деца, како што тоа мене ми го пренеле мајка ми, бабите и свекрвата. Нема ништо поубаво од тоа да се пренесуваат семејните и традиционални обичаи на следните генерации. Нема ништо поубаво од тоа семејството секогаш да го има првото место во животот и заедно со него да се слават македонските празници. За мене најбитно е за Божик сите да сме дома, заедно да ручаме и да си посакаме многу здравје и среќа. Да им го честитаме на останатите ближни и да се почитуваме и помагаме сите меѓусебно. Јас, исто така, секогаш ја користам можноста, не само за Божик, туку и во останати денови, да запалам свеќа во гостиварскиот храм „Св. Богородица“, да им запалам свеќа и на моите драги починати луѓе, да се помолам за здравје на живите и за вечна слава на починатите.
ВО НАШИОТ ДОМ НЕМА ПОДЕЛБА НА МАШКИ И ЖЕНСКИ РАБОТИ
* Практикувате ли молитва и пост кои се подготовки за празникот?
- Со оглед на мојот динамичен начин на живот, постам само неколку денови во годината, а тоа се Бадник, Богојавление, трите Велики дена пред Велигден, Св. Никола. Во однос на оваа тема, ме потсетивте на пораката на мојата баба Ката која имала многу тешка судбина, Останала вдовица со четири деца и животот ја научил да биде борец и реалист, Таа секогаш ни велеше: „Не е многу важно што влегува во устата, односно дали се пости или не. Најважно е што излегува од неа, односно да се внимава на секој кажан збор“. Јас верувам дека добрите дела и зборови, направени и искажани кон вистинските луѓе и во вистинското време, се најголемата молитва.
* Божик кај сите ги буди спомените врзани за семејството. Може ли да се присетите на прославите на празникот во вашето детство и да одвоите по што најмногу го паметите?
- Секогаш со насмевка на лицето се присетувам на моето детство. Божик и кај моите родители се прославуваше во семејниот дом. Ја паметам мајка ми која секогаш беше во трка со времето да направи листа за пазарување, за која секогаш беше задолжен татко ми, да среди и подготви се’ на време. Јас и сестра ми и’ помагавме на мајка ми околу чистењето на станот и приготвувањето на домашните торти и колачи, кои мораше да ги има во што поголем број и задолжително со некоја новина од рецепти. Задолжителни на Божикното мени ни беа сарми, кифлички, руска салата, печено свинско месо, шеќерпариња, омилената Васина торта на татко ми. Ако треба да го опишам со само еден збор овој период од мојот живот, ќе го изберам зборот безгрижност. Никогаш повеќе и поголема безгрижност не сум чувствувала, отколку во времето на моето детство. Колку и понатаму животот да ви биде убав и среќен, сепак безгрижноста е привилегија само додека се живее при родителите во топлиот дом.
* Како изгледа вашата трпезата за Бадник и Божик и кој ја подготвува? Дали во вашиот дом има женски и машки работи?
- Трпезата за Бадник е секако посна. На неа има гравче, риба, варени суви црвени пиперки со лукче, масло и оцет, салата со праз и маслинки, компир-салата, лепче, баклави, ореви, костени, кикирики и слично. За Божик тука се сармите, свинското месо, свежите салати, благо, подготвено или купено, во зависност од слободното време. Инаку, во нашиот дом не постојат машки и женски работи. Типичен пример и ексклузивно за Вашиот сајт ќе споделам еден интересен настан од летен одмор во Маврово пред 16 години, кога јас на една страна цепев дрва, а сопругот месеше домашен леб. Со сопругот можам слободно да признаам дека веќе подолг период наназад ја губам „битката“ во кујната, затоа што тој е ресторатер со традиција. Исто така, тој е и човек кој многу ми помага, не само во домашните работи, туку комплетно на секое поле. Тој е мојот прв и најискрен критичар кога имам настап во Собрание или на телевизија. Отсекогаш ја следел дневно-политичката сцена во Македонија, одличен познавач е на македонската и светската историја и секогаш го користи времето сето свое знаење да им го пренесе на нашите деца, мене, а и на оние кои сакаат да го сослушаат. Накратко би го завршила одговорот на ова прашање со тоа дека кај нас нема машки и женски работи, туку има работи кои ги завршува оној кој може и кој е слободен, притоа без никакви префрлања или условувања.
ЖЕНАТА ВО МАКЕДОНИЈА Е ПОДГОТВЕНА ЗА СИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ
* Во светот многу се зборува за тоа дека родовата рамноправност е клучна за економскиот напредок и за демократизацијата на општеството. Кои се според вас пречките во регионот за подобрување на положбата на жената?
- Моето мислење по ова прашање можеби ќе се разликува од повеќето мислења. Имено, колку што некои и најчесто за ова секогаш прво го вперуваат прстот во мажите, јас би била повеќе самокритична и би започнала прво од нас – жените. На жената местото во општеството треба и мора да и’ биде на исто рамниште со сите, не затоа што е жена, туку затоа што е образована, затоа што знае, затоа што може и затоа што умее. Положбата на жената во секое, па и во нашето општество, треба да се разгледува како и положбата на секој поединец. Не смееме, како жени, да дозволиме да бидеме ставени во подредена положба и да дозволуваме некој да не’ понижува или да врши насилство врз нас. Тоа што сме физички послаби од мажите, не значи дека сме послаби при искажување став, гласно говорење и останати општествени делувања. Машки и женски свет, како поими, за мене не постојат. За мене единствено постои свет за сите подеднакво и свет во кој треба да им се даде предност исклучиво на квалитетот и на способноста, без разлика дали нив ги поседува жена или маж. Заради тоа, сметам дека подобрувањето на положбата на жената во нашиот регион прво зависи од самата жена.
* На кој начин се соочувате со тоа што сте жена во политиката на македонската политичка сцена?
- Како што посочив и на претходното прашање – не чувствувам никаква разлика. Политиката се води со зборови и дела. Не гледам каде тука би можело жената да се разликува од мажот. Апсолутно никаде. Оваа, но и секоја останата професија, може подеднакво да ја сработи секоја жена во Македонија. Навредите, понижувањата, ниските удари и сите останати работи во мојата професија ги прифаќам најнормално и пред се’, како човек, а не како жена. Смело се спротивставувам на секоја невистина и никогаш не сум побарала било каква привилегија или попуштање, само затоа што сум жена. Напротив, со мојот личен пример сакам на сите да им докажам и покажам дека жената во Македонија е силна, способна, умна и подготвена за сите предизвици.
ЗА МЕНЕ СЕ БИТНИ МАЛИТЕ НЕШТА
* Велат дека зад секој успешен маж стои жена. А зад секоја успешна жена стои мажот или можеби родителите?
- Во мојот случај, зад мене стојат мојот маж, моите деца, родителите и моите сестра и внука. Тие се мојата најсилна и најголема поддршка. Без нивната несебична поддршка и помош, било физичка или психичка, навистина не би можела да бидам толку исполнителна, одговорна и присутна. Убаво ми е кога дома ќе се вратам и ќе видам дека мојот сопруг се погрижил за куќата и за децата и дека е насмеан и расположен за едно заедничко кафе. Убаво ми е кога ќе се слушнам по телефон со мојата мајка и ќе ми каже дека е добра, дека ме гледала на телевизија и дека се гордее со мене. Убаво ми е кога ќе го видам мојот свекор како на прозор чека да се вратам во доцните часови, ќе ми мавне за поздрав и ќе отиде да си легне спокојно. Убаво ми е кога синот и ќерката ќе ми кажат дека успешно поминале на училиште, односно на на факултет. И убаво ми е кога, во слободно време, ќе прошетам со сестра ми и внука ми покрај кејот на Вардар. За мене малите нешта се битни за убавата целина. Семејството е најважната алка од мојот синџир, без која истиот би се искинал и не би имал никаква важност. Со мојот сопруг Љупчо токму пред Божик или поточно на 3 јануари одбележуваме 32 години заедничка љубов, од кои 21 и пол година во брак. Нема поголема среќа од тоа да имате мирен брак и деца кои ја надополнуваат неговата хармонија.
* Доброто воспитание е најголемото богатство што може да им го оставиме на децата. Потекнувате од видно гостиварско семејство. Вашиот покоен татко беше врвен стоматолог, а мајка ви професорка по француски јазик. Кои совети најмногу ги паметите?
- Се согласувам во потполност со Вас дека воспитанието е најголемото богатство и само би додала дека од него зависат многу работи во иднината на секој човек. Имав привилегија да бидам ќерка на др. Стево и проф. Јелена. Од татко ми најмногу и се’уште ми одекнува во ушите неговиот совет дека скромноста е доблест. Тој беше навистина таков и секогаш не’ учеше мене и сестра ми да останеме во средината и во ништо да не се истакнуваме над или пред останатите. Мајка ми, иако е веќе пензионирана, се’уште ја има онаа иста амбициозност со која не’ советуваше мене и сестра ми да учиме и само да учиме. И денес, таа со нејзината амбициозност знае во кој ден, кој од нејзините внуци има тест или испит и никако не заборава да ги праша како поминале. Имав прекрасни родители во секој поглед и се надевам и посакувам и јас да успеам во тоа моите деца еден ден да станат самостојни и воспитани личности. Веќе се на половина пат до таму, но сепак можам да кажам дека досега сум презадоволна од нив. Ќерката е одлична на студии, а исто и синот кој е одличен гимназијалец. Никој не знаеме што ни носи утрешниот ден, но затоа мора да се присетуваме на изминатиот и од него да ги продолжиме добрите, а да ги поправиме лошите нешта. Ова е и една моја кратка животна филозофија, која во суштина многу кажува, односно дека немаме иднина без минато и дека корените се многу важни за здраво стебло.
* Во кои мигови најмногу ви недостасува вашиот татко? Тргнавте професионално по неговиот пат, дали ангажманот во политиката значи и продолжување на неговите идеали?
- Нема да претерам ако кажам дека не постои миг во кој не ми недостасува. Беше навистина редок човек. За тоа и денес сведочат многу мои сограѓани. Прочитав еднаш една убава мисла на Тацит: „Вистинскиот гроб се наоѓа во срцето на живите“. Имавме многу планови со мојот татко, но за жал не се исполнија. Можеби, да останеше жив, немаше да влезам во политиката, туку заедно со него ќе работевме во ординацијата која беше неговиот сон. За жал, почина една година после неговото остварување. Тогаш се срушија и многу мои сништа. Сепак, животот мора да продолжи, колку и да боли. Од оваа гледна точка, сигурна сум дека татко ми би се гордеел со мене и како политичарка, особено затоа што цврсто ги бранам македонските национални вредности. Зашто, во неговото време, кога сите плачеа по Тито, тој мене ми раскажуваше за маките на Ченто. Почивај во мир, татко мој, и биди спокоен, зашто јас одам секогаш по твоите чекори и по патот кој заедно со тебе сум го започнала.
САМА ПЛЕТАМ ИНТЕРЕСНИ МОДНИ ДЕТАЛИ
* Кога не сте на јавниот политички ринг, кои се полињата на кои сакате да „владеете“ приватно?
- Приватно, сакам спокој и мигови поминати со блиски пријатели и со семејството или едноставно, сакам да бидам опкружена со позитивна енергија. Во ретките слободни часови читам книги, решавам судоку, некогаш знам и да сплетам некое парче интересен моден детал (наследен ген за плетење од баба ми Јелица). Сакам да пропешачам, да вдишам длабоко и да размислувам пополека. Во снежните зимски денови, доколку ми се отвори можност, одам на скијање во Маврово. Следам исто така и спорт: кошарка, тенис, скијање, фудбал и ракомет. Да не испуштам да напоменам дека сум и крводарител, со повеќе од 10 пати дарувана крв и истото топло им го препорачувам на сите, како начин да се направи хумано дело и да се помогне на било кој што е во опасност. Изминатиов месец ни пристигна една нова радост во домот, а тоа е кучето Ахил. Не верував дека едно малечко кутре толку многу може да ве насмее и да ви покаже љубов. Сега и Ахил е уште едно засилување на мојот „полнач на батерии“.
* За крај, што посакувате да ви донесе 2021 година професионално и приватно и која е вашата порака за нашите читатели?
- На професионален план посакувам победа на следните избори, без разлика дали тоа ќе бидат локални или парламентарни. Посакувам да видам повеќе насмевки на лицата на луѓето, конечно да заврши корона-пандемијата и да се стави крај на тажните и расплакани лица. Приватно, посакувам само здравје на моите блиски, зашто короната сите не’ потсети дека здравјето не служи само за поздравување, туку е најбитниот предуслов за секој човек да биде среќен и успешен. Мојата порака до Вашите читатели е секогаш да се борат за своите идеали и никогаш да не се откажуваат. Некогаш борбата е тешка и долга, ама никогаш нема да дознаат дали ќе победат, доколку се откажат од истата. Всушност, и човечкиот живот е една борба. Битките во неа се само епизоди, некогаш со среќен, а некогаш со тажен крај. Да веруваме во среќен крај и да се бориме за него. Затоа, никогаш нека нема откажување!
Соња Алексоска Неделковска