Бремена бев во Сомалија на хумана мисија: Интервју со Мерсиха Смиловиќ

Добивај вести на Viber

Упорноста успешно да се балансира помеѓу семејството и сопствениот бизнис е карактеристика на Мерсиха Смиловиќ од Скопје, дипломиран правник и косопственичка на финансиско-правниот консалтинг „Нахла консалтинг“. Мерсиха е мајка на две деца и активистка која за време на својата прва бременост се решила на храбар чекор, да замине на хуманитарна мисија во Сомалија. Горда е на семејната бошњачка традиција која ја негува и изборот на традиционалната облека за кој вели дека е личен. Најголема поддршка ѝ е сопругот Јасмин, а по работниот ден кој ѝ е прилично динамичен најмногу ужива во детските игри со ќерките. Од 2006 година, нејзината работна позиција е правен консалтинг на преку 100 компании од Македонија и од странство. Во моментов, Мерсиха е на магистерски студии по меѓународно право. 

На работа сум до 16 часот, имам некој ангажман на некој семинар, конференција или друга активност, и потоа се враќам дома кај семејството, каде им ги средувам косичките на ќерките за во школо и градинка.- Мерсиха Смиловиќ

* Интересна, женска екипа имате во вашата компанија, какова е работната атмосфера кај вас?

- Нашата комапнија има идеална работна атмосфера, зошто е сочинета од 6 жени. Целосно сме посветени кон градење родово сензитивни политки, со цел, ние како жени да можеме да се посветиме на работата но, а притоа да не ги занемаруваме нашите улоги и обврски кои доаѓаат од биолошки предодредените функции, како мајчинството. Нашата фирма нуди книговодствени и правни услуги на домашни и странски компании, како и зашитата на правата од индустриска сопственост. 

* Кога решивте дека е време да основате свој бизнис?

- Додека бев при крајот на моите студии, со мојата тогашна пријателка Селма, која е диломиран економист решивме да започнеме сопствена компанија. Бевме поттикнати од наша драга пријателка, која имаше своја компанија. Таткото на Селма со задоволство ни излезе во пресрет давајќи ни ја неговата канцеларија која имаше локација во Старата Скопска Чаршија. Желбата за сопствен бизнис беше голема, заради можноста сама да го креирам работниот ден, бидејќи многу сум посветена на волонтерскиот ангажман во нашето општество. Тогаш бев активна во женски организации но и во хуманитарни организации. Знаев ако работам во некоја компанија, работното време ќе ми биде фиксно без можност самата да ги планирам обврските а посебно да направам баланс кон работата и волонтерскиот ангажман. 

* Се плашевте ли од неуспех и што мислите дека е пресудно за вашиот успех?

- Неуспехот во нашата работа, значи дека си пропуштил да имплементираш некоја законска одредба од сферата на даноците или должничко-довирителските односи, што би значело одредена глоба за компанијата. Не смеевме да грешиме иако бевме почетнички во таа професија, затоа многу читавме, учевме, се советувавме со колегите и колешките. Размислувавме за неуспехот но не се плашевме од него, туку, размислувавме како да бидеме поефикасни и поуспешни. Храбро чекоревме иако бевме едни од помладите кои започнуваат свој бизнис во овој сектор. Но истрајноста и зацртените цели кои ги имавме од самиот почеток, допринесоа да денес сметаме дека сме мала успешна компанија. Имавме јасна визија каква компанија сакаме да градиме, и ја градевме, полека но сигурно. 

* Колку ви тешко како жена и мајка да се организирате помеѓу семејството, домашните обврски и работата? 

- Кај мене слободно додајте го и општествениот ангажман, кој ми битен колку и семејството и работата. Што значи дека тешко оди организирањето. Но, најбитно е дека не сум сама во сите овие обврски. Сопругот, Јасмин со кој сум во брак скоро 9 години, работи во невладиниот сектор, и ми е голема поддршка во сите активности, дали во домашните обврски, дали во организирањето на врмето околу нашите две ќерки, Далија која има 6 години и Амелија која има 3 години. Во еден работен ден сосема е нормално да сум на работа до 16 часот, потоа да имам некој ангажман на некој семинар, конференција или друга активност, и потоа се враќам дома кај семејството, каде им ги средувам косичките на ќерките за во школо и градинка, ги облекуваме куклите, читаме приказни... Во еден работен ден имам активности кои се дијаметрално спротивни, но, кои ми пружаат задоволство и ме исполнуваат. Јас себе си се доживувам со сите тие улоги, сопруга, мајка, ќерка, правничка, активистка, феминистка, борка.. И сосема ми е нормално и очекувано секоја од овие функции со себе да ми носи обврски, но, тие се дел од моето битие и не размислувам за тешкотиите. 

* Дали сте се чувствувала инфериорно како жена во однос на мажите кои условно речено сѐ уште важат за посилен пол?

- Јас не ги доживувам мажите како посилен пол. Некои мажи имаат биолошки предиспозиции и се посилни, но, има и жени кои се посилни од мажите. Оддтаму, јас покрај мажите не се чувствувам инфериорно заради полот кој сум. Доволно сум силна, па во својата прва бременост отидов на хуманитарна мисија во Сомалија а со втората бременост, до денот на пораѓањето им помагав на бегалците низ Македонија. И сето тоа додека професионално работев. Но, секако живееме во општество во кое мажите имаат повеќе привилегии кои им следат без никаква заслуга. Битно е дека жените треба да знаат дека нивната јачина доаѓа од нивните особини кои ги имаат како жени,  а кои не служат да ги слабеат. Емпатијата и сочувствителноста која доминира кај жените е благодет во овој суров свет. 

* Кажете ми малку повеќе за вашето семејство и потекло, и кој е најважниот совет кој сте го научиле од вашата мајка, баба?

- Јас имам големо семејство, инаку сум средно дете на моите родители. Имам постара сестра Сабина, и помал брат Сенад. Дури мојот борбен карактер честопати се припишува на синдромот „средно дете“. Инаку, тоа е моето потесно семејство, но, ние растевме во доживување на семејството во широка смисла. Поради тоа, многу бев поврзана со мојата баба, која е почината веќе 6 години, но, нејзините совети и дејствувања во животот ден денес се вмрежани во мојот карактер. Таа и дедо ми со своите деца дошле во 50-тите години во Скопје од Нови Пазар, Србија. Желбата нејзините деца да бидат успешни, работливи и образовани ѝ била клучна мисија. Баба ми и дедо ми, самите започнале да градат свој дом. Двајцата работеле и заработувале за нивните деца да можат да се образуваат. Желбата и љубовта за образованието и семејството, баба ми ни го вродила на сите внучиња, и затоа од нас вкупно 15, скоро сите сме со високо образование и работливи. Многу сум поврзана со братучедите од двете страни и од мајчина и од таткова страна, иако сме низ цел свет, сепак редовно се слушаме, се дружиме и се посетуваме. Таа поврзаност и љубов меѓу нас најмногу им го должиме на нашите баби и дедовци. Не сметам дека сме биле воспитувани во традиционален дух, моите родители повеќе се труделе да ни вградат општоприфатени норми и вредности, но сме горди припадници на Бошњачкиот народ и дома го говориме босанскиот јазик и си го негуваме тој идентитет и култура.

Живееме во општество во кое мажите имаат повеќе привилегии кои им следат без никаква заслуга

* Во средина во која постојат предрасуди, сте имале ли пречки во успехот поради облеката која ја носите, верата и традициите кои ги негувате ?

- Во нашето општество постојат многу поделби, мислам дека на дневна основа наоѓаме причина да се поделиме во уште повеќе групи. И за жал сите тие поделби доаѓаат од непознавањето на нашиот комшија, колега, соработник. Живееме едни покрај други како странци. И секако дека предрасудите во таква средина само се јакнат. Со предрасуди често се соочувам, но, истите ги доживувам како прилика на луѓето да им говорам за мојата религија, Исламот, како религија која на мене ми дала право да ги постигнам сите успеси кои денес си ги препишувам. Облеката која ја носам, е мој личен избор кој сум го направила пред 15 години. И до сега, ниту еднаш, не ми било ограничено ниту едно право само заради мојата верска и етничка припадност. Напротив, јас сум растена со чувството дека Македонија е моја земја и во неа слободно можам да се развивам како муслиманка и како Бошњачка. И сега во моите 34 години, можам да кажам и признаам дека тоа што сум како личност никогаш не ми било пречка во животот. 

* Како изгледа еден ваш обичен ден? 

Ретко имам обични денови, секогаш се необични, хахаха. Станувам рано и ја подготувам постарата ќерка за училиште, потоа ја водам помалата ќерка во градинка од каде продолжувам на работа. Дома доаѓам околу 16 часот, каде децата и сопругот се веќе пристигнати. По ручекот, со сопругот ги планираме активностите. Еден од нас е покрај децата ако другиот има активности во вечерните часови. Имаме среќа што децата се сѐ уште мали, па немаат многу училишни обврски. Откако децата ќе заспијат, тогаш доцна до ноќта работам на својот компјутер. Одговарам на мејлови, разработувам проекти, учам за магистерските студии, активна сум на социјалните медиуми, или едноставно читам некој роман кој ме опушта со својата содржина. Ваквите денови се почести, но, има и денови кога од работа веднаш заминувам на некој настан или активност и дома се враќам навреме да вечерам со децата, да им прочитам приказна за лек ноќ и повторно компјутерот.

* Имате ли време за женски ритуали, посета на салон, кафе со пријателки, викенд?

- Порано не си пружав многу задоволства во својот секојдневен живот, повеќе уживав еден час на компјутер отколу во салон или на масажа. Но, годините си носат стрес со кој тешко се соочувам и затоа сега си посветувам повеќе грижа на себе си. Кафето со пријателите не го занемарувам, иако понекогаш истото е во игротека, сепак се трудам тој круг да го одржувам. Неретко патувам вон градот и државата на конференции или семинари, сама, па така го користам времето да уживам во нови средини. Еден дел од активностите ми е поврзан со жени, па, и обична обука која ја одржувам или присуствувам си го сметам како ритуал кој ми го разубавува секојдневието.

* Кои се целите во оваа година кои би сакале да ги остварите?

- Цел ми е да се одржам на патеката која сум ја трасирала. 2018-та со себе донесе многу пријатни и непријатни прилики поради кои сакав да се повлечам од многу работи, но, ете со поддршка од семесјтвото и пријателите успеав да се одржувам на истата патека. Целта би ми била да направам подобар баланс во обрските и конечно да започнам да се занимавам со некоја спортска активност, па можеби и учество на спортски маратон напролет не ја исклучувам.

Милица Џаровска