Бројот на помладите пациенти се зголемува, најтешко ми е кога пред мои очи ја губат битката со короната: Д-р Катерина Спасовска, Клиника за инфективни болести
Изборот на професијата мора да произлезе од себе, од желба и од љубов. А да се биде лекар според Катерина Спасовска, дел од тимот на одделот за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести, значи да се има многу желба и многу љубов да се помогне на секој пациент.
Емпатијата мора да е карактеристика на секој здравствен работник бидејќи секогаш лекот не во форма на апче. Д-р Спасовска нагласува дека и разговорот и ведрината, веројатно и насмевката, често знаат да помогнат, да го охрабрат болниот, да му дадат сила да издржи. Борбата со короната е заедничка и само ако сме заедно може да бидеме победници.
* Каква е состојбата на инфективната клиника? Се зголемува ли бројот на пациенти, особено на помладите?
-Од почетокот на пандемијата на КОВИД-19, Клиниката за инфективни болести е речиси цело време со исполнети капацитети за болничко лекување. Главно пациенти со тешка форма на болест, со потреба за кислород и интензивно лекување. Голем е бројот и на пациентите кои секојдневно се прегледуваат во амбулантите, особено при т.н бранови, кога за кратко време расте бројот на КОВИД-19 позитивни случаи и значаен дел од пациентите имаат потреба од преглед, проценка и препорака за понатамошен третман. Особено последниов бран, гледаме значајна засегнатост и на помладата популација. За жал, дел од пациентите имаат потреба за болничко лекување заради брза прогресија и развој на тешка форма на болест, со неизвесен исход.
*Имунизацијата е најголем лек за борбата против короната. Но, се повеќе се зголемува и смртноста на вакцинираните. Од досегашното искуство која вакцина се покажа неефикасна против делта сојот?
- Досегашното искуство ни покажа дека не може да се издвои било која вакцина според ефикасноста, туку дека кај секој човек комплетно имунизиран, односно вакциниран со две дози од било која вакцина, различно трае стекнатиот имунитет, што ја налага потребата за негово зајакнување со дополнителна, бустер доза. Иако гледаме дека дел од инфицираните се вакцинирани, мора да се истакне дека кај најголем дел од нив, иако се позитивни на вирусот, сепак не развиваат потешка форма и релативно лесно ја поминуваат болеста. Затоа мора да се истакне неопходноста лицата да се вакцинираат со цел да се заштитат пред се себе, особено од тешка форма па и смрт од КОВИД-19
Пет месеци не можев да ги видам и бакнам внуците
*Нов вирус, непозната болест, тешко болни и луѓе кои умираат. Како се соочивте и научивте да живеете со оваа ситуација на почетокот на пандемијата?
-На почетокот КОВИД-19 ни изгледаше некако далеку, дека ќе се ограничи на еден дел од светот и дека ќе се елиминира како некои досега слични вирусни заболувања кои не ги завземаа овие размери. Но, како се прошири вирусот во Италија и се појави првиот случај кај нас, КОВИД-19 стана и наша реалност. И тогаш како Клиника бевме подготвени и организациски и просторно и со лична заштитна опрема да одговориме на предизвикот. Но, особено на почетокот постоеше надеж дека епидемијата бргу ќе стивне и ќе се вратиме на нормално функционирање. Секако постоеше и страв од непознатото, можност некој од нас да се зарази, да почине. Можност да се пренесе дома. Особено тогаш, сите од Клиниката поминувавме низ исклучително тежок период, кој бараше изолација од најблиските. Период без лични контакти со саканите, родителите и пријателите, со кои комунициравме само по телефон или преку социјалните мрежи. Период во кој покрај тежината на работата ја носевме и тежината на лична изолација. Сепак најтешка беше разделбата од внуците кои ги немав видено ни бакнато повеќе од пет месеци, кои ми пееја и дуваа свеќички за роденден по вибер, со кои игравме онлајн игри за да си недостигаме помалку. Тие се оние кои во најтешкото ми ја даваа и се уште ми ја даваат најголемата утеха и кои се мојата причина да ја надминам секоја животна препрека.
*Може ли да ни опишете дел од атмосферата во вашата клиника во тој период? Кога ви беше најтешко?
-На почетокот атмосферата на Клиниката беше и стресна и тешка. Многу часови поминувавме во скафандери и заштитна опрема, смените беа долги и напорни. Се соочивме одеднаш со многу тешко болни, кои се гушат и се борат за воздух, на кои им се влошуваше состојбата и умираа пред нашите очи. Беше навистина тешко и емотивно и физички. Најтешко беше кога губевме млади животи за кои не можевме да направиме повеќе, кога пред очи гледавме како ја губиме битката. Тешко е за лекар да нема опции да помогне, да нема лек, да се чувствува немоќно, а за оваа болест за жал тоа чувство се уште е присутно. Но, и покрај стресот и уморот, секогаш успеваме да си даваме меѓусебна поддршка. Нè држи и ентузијазам и надеж и енергија да се надмине и најтешкото.
*Постои страв од зараза со корона вирусот, кој е оправдан поради смртниот исход и тоа е човечки. Колку тој беше присутен во вашиот оддел?
-Нормално е да постои страв кога човек е изложен на нешто непознато, нешто што може да му го загрози животот. Така и кај нас кои сме директно изложени на вирусот, стравот беше неминовно чувство особено на почетокот, кога многу работи за болеста беа недоволно познати, а во исто време слушавме за заразени и починати медицински лица во светот. Јас лично како дел од тимот на одделот за интензивна нега на клиниката, се соочував со едно непријатно чувство не би рекла на страв, но секако немир во ситуации кога требаше да интубираме пациент за да ставиме на механичка вентилација, процедура која е меѓу оние со највисок ризик да се пренесе болеста на персоналот. Но, свесни сме за ризиците кои ги носи нашата професија, особено како лица кои работиме со заразни заболувања. Така и сега, стравот само ни потврди дека секогаш треба да се заштитуваме кога сме во контакт со болните, а тогаш тој или исчезнува или се потиснува од желбата да се помогне и да се спаси човечки живот.
* Како успеавте да се заштите од короната?
-Познавањето на начинот на пренос на вирусот и користењето на опремата за лична заштита, на почетокот ми беа едниствен начин да се заштитам од болеста во тек на работата, а вон клиника секако со почитување на мерките кои важеа за сите. По воведување на вакцината, бев меѓу првите кои ја примија, веќе примив и трета доза, така што досега ниту се инфицирав себеси ниту блиските. Ниту имав прекин во работата и успеав цело ова време да бидам посветена на болните, за заедничко добивање на оваа битка.
Насмевката и разговорот ги охрабрува пациентите
*Емпатијата може да биде дополнителен мотив за оздравување. Велат дека кај вас таа е застапена во големи дози. Како ги мотивирате вашите пациенти?
-Благодарност за убавите зборови. Изборот на професија мора да произлезе од себе, од желба и од љубов, а да се биде лекар значи да се има многу желба и многу љубов да се помогне секому кому му е потребно. Емпатијата мора да е карактеристика на секој здравствен работник бидејќи секогаш лекот не во форма на апче. И разговорот и ведрината, веројатно и насмевката често знаат да помогнат, да го охрабрат болниот, да му дадат сила да издржи. Мора да знаат дека битката е заедничка и дека само заедно може да бидеме победници.
*Кога пациентите ќе завршат интубирани на механичка вентилација, смртноста е висока, пишува во литературата. Но, литературата е едно, а секојдневното умирање пред вашите очи, е нешто сосема друго. Се случува ли да се расплачете?
-Како лекар кој со години работи со најтешките болни на Клиниката, за жал смртта не ми е непозната. И не е само смртта тешка за поднесување, туку и соочувањето и сочувствувањето со блиските кои загубиле сакана личност. А тоа е нашето секојдневие. И не еднаш, но често му доаѓа на човек и да се расплаче, особено кога се губи млад човек .Тежината која ја носиме е навистина огромна и искрено треба сила да се издржи, но оваа професија е личен избор, а мене лично желбата да ја работам во ниеден момент не ме напуштила и е поголема од сите предизвици кои ги носи работата на одделот за интензивната нега.
*Кога ќе дојдете дома успевате ли да се посветите на приватноста? Како ви минува слободното време?
-Во ова време кога речиси сите се засегнати од Ковид, скоро и да немам време за приватен живот. Често и по работа продолжуваат консултации, совети, препораки дал по телефон или преку некоја од социјалните мрежи. А не може човек да остане рамнодушен, особено затоа што оваа болест покрај другото направи и една глобална паника и страв кај луѓето, и колку и да нема основа, сепак им значи кажан совет или информација па макар и само да се смират. Така што во овој период можеби ова е најретко наоѓам време за себе, а и тогаш најмногу ми треба одмор. Би сакала да можев да патувам и да одам на концерти, за "полнење батерии", но за жал нема можност за тоа задоволство. Сепак, секогаш убаво доаѓа средба со фамилијата и со најблиските пријатели, кои за цело време ми се безрезервна поддршка и кои успешно ме отргнуваат од Ковид секојдневието.
*Која е вашата порака?
Колку и да звучи веќе кажано, навистина од она што секојдневно го гледам, имам само една порака, да се заштитуваат, да носат маска и да одржуваат дистанца и да се вакцинираат. Нема лек, а од КОВИД се умира, така што во моментов нема друго решение. Само така ќе придонесат како за себе така и за општото добро и конечно само така побрзо ќе се стави крај на пандемија.
Соња Алексоска Неделковска