Цели 20 години ја чувал влезницата од првиот концерт: Пере од „Нокаут“ со емотивни сеќавања пред настапот во петок

Добивај вести на Viber

Дваесет години по првиот концерт кој се одржа во 1998 година, бендот „Нокаут“ во петок се враќа на истото место, во СРЦ Кале во Скопје. „Нокаут“ ќе одржат славенички концерт задутре, од 21 часот.

И секако дека емоциите се силни затоа што бевме заедно ние првите четворица, сите живи и здрави со многу планови.- Првата постава на „Нокаут“: Пере, Франц, Кире и Конга  

„ Иако поминаа дури 20 години, како вчера се сеќавам на еуфоријата, тремата и адреналинот што го имавме пред да излеземе на сцена. Тоа беше навистина голем настан за нас, бидејќи за прв пат излегувавме на самостоен концерт. Можеби е клише муабет, ама навистина тремата исчезна кога излеговме на сцена. Кога се уверивме дека тие 4.000 луѓе се дојдени таму за нас, заедно да испишеме историја и да размениме емоции. И секогаш со драго срце се сеќавам на тие моменти, затоа што тоа чувство нема да се повтори“, носталгично се присети на првиот концерт Никола Перевски-Пере, фронтменот на „Нокаут“. Симпатичната четворка која на крајот од деведесетите пишуваше историја како поп-рок атракција ја сочинуваа Пере, Владимир Крстевски-Франц, Кирил Колемишевски и покојниот Ацо Боградновски-Конга. 

„ Од тогаш сум имал безброј настапи, но само еден е првиот концерт. Тоа беше некое друго време, други околности. И секако дека емоциите се силни затоа што бевме заедно ние првите четворица, сите живи и здрави со многу планови. Тогаш на сцената бевме придружувани од Blue funky individuals или повеќе познат како бендот на Тоше, на кои исто така им беше прв поголем концерт. Од тогаш помина многу време, но чувствата не бледеат“, се сеќавањата на Пере од нивната „временска машина“.

Сега, 20 години подоцна, тој вели дека повторно има трема, затоа што багажот и одговорноста се поголеми. 

„Нокаут“ е со друга постава, други планови и визии, но љубовта е иста и кај овие момци со кои свирам речиси 15 години Фото: Стефан Рахјл 

„ Нокаут е со друга постава, други планови и визии, но љубовта е иста и кај овие момци со кои свирам речиси 15 години. А она што можам да ѝ го ветам на публиката е дека ќе излеземе со подеднакво голема еуфорија како и првиот пат. Им ветуваме вечер на која со радост ќе се сеќаваат и по 20 години, како нашиот фан кој не изненади со фотографија од картата од првиот концерт која со гордост ја чувал цели две децении“, ни раскажа Перевски. 

Минатиот месец „Нокаут“ ја промовираа новата песна  „Кога ме сакаш ти“, чиј автор на музиката е Дарко Димитров, а стиховите се на Огнен Неделковски, со кого бендот соработува за прв пат. Пере и Димитров се заеднички автори на аранжманот. На концертот во петок, ќе се слави уште еден јубилеј, 25 години од опсновањето на „Авалон“ продукција кои се се организатори на овој концерт, а беа и на првиот. 

Фото: Стефан Рахјл 

Како гости се најавени двајца стари пријатели на „Нокаут“, Игор Џамбазов и музичарот Игор Атанасовски, познат како Гуру Харе. Билетите се во продажба преку мрежата на Купи карти за се, онлајн на avalon.mk и во „Југотон“ по цена од 500 и 800 денари. 

Милица Џаровска