Цените се поволни, интересот слаб: Пропаднаа осмомартовските понуди на туристичките агенции

Со оглед дека оваа година, од веќе јасни причини, е многу поинаква од другите, нема туристичка агенција во земјава која би можела да се пофали со успешна осмомартовска реализација на аранжмани, како што било случај претходните години кога се полнеле автобуси и авионски групи за многу дестинации. 

Иако, за Меѓународниот ден на жената, кој симболизира прослави, масовни собири, патувања - во чест на жените и нивната борба за социјална, економска и политичка рамноправност со мажите, порано акцентот беше на организирани осмомартовски прослави во ресторани, изминативе години фокусот е на осмомартовските патувања, кои се сѐ поактуелни. Или, барем беа сѐ поактуелни, сѐ додека не зафати пандемијава.

Понуди има, но заинтересираност нема, велат од туристичките агенции кои ги исконтактиравме.

-Традиционално, за 8-ми март, се одело на пократки, и претежно автобуски патувања во земјите од регионот, европските градови. Но, заради бројните рестрикции кај нас и во другите држави, а особено во Европските метрополи, оваа година овие групни патувања се многу ретки - вели Андреј Сирачевски директор на туристичката агенција Аурора Турс и додава дека тоа не значи дека нема интерес за патувања, напротив, меѓутоа како што понудата е помала така и интересот е намален, но и начинот на патување малку променет. 

Без ПЦР тест може да одиме само во Албанија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина. Со негативен ПЦР тест, патникот може да оди во Турција, Египет, Емирати (Дубаи), Малдиви... Додека пак во повеќето земји во светот, вклучувајќи ги и земјите во Европа не ни е дозволен влезот дури и ако поседувате негативен ПЦР тест.

Поради пандемијата, ретко кој се одлучува да патува, и покрај протоколите и сигурноста кои ги нудат агенциите.

Интересот за патување за 8-ми Март оваа година е послаб и во туристичката агенција Савана, истакна Ана Богоевска - менаџер за резервации.
-Како најпогодени (секторот туризам воопшто) се соочуваме со вистински предизвици да истраеме во намерата и да воведеме сигурни патувања за нашите патници. Дополнително отежнување во нашата реализација се и многу затворени граници, потенцира таа и вели „останува да се надеваме дека набрзо сѐ ќе помине и ќе можеме послободно да се движиме и патуваме“.

Од туристичката агенција Нехар Травел велат топ три дестинации за кои имале најголема заинтересираност се Истанбул, Кападокија и Јадран, а цените кај нив почнуваат од 79 евра по програма.
И покрај големата заинтересираност за понудите во Турција, многу од нив се откажале поради задолжителниот негативен ПЦР тест за влез во земјата.
Од друга страна, иако за Србија не е потребен тест, од Нехар Травел велат дека заинтересираноста е доста мала, покрај тоа не органзирале ни групни осмомартовски патувања.
Сепак надеж имаат во големата побарувачка за велигденски понуди, кои се надеваат дека ќе се остварат.

Во Савана во моментов најбарани се индивидуални патувања од одредена група патници кои патуваат за Анталија, Дубаи, Малдиви, Египет.
Додека пак за групните автобуски патувања, интересот е послаб, така што иако цените се навистина се поволни, останува веројатно стравот од групирање да е пресуден во одлуката, истакнува Ана Богоевска.

Најевтини понуди кои ги имаат во Савана за 8-ми Март се групните патувања со автобус како на пример: Будва 79 евра (2 ноќевања со појадок), Нови Сад и Сараево по 89 евра (исто така две ноќевања со појадок), во сите цени секако се вклучени: превозот со автобус, хотел 3* со појадок, организирани разгледи со локални водичи, како и придружник на патувањето од агенцијата Савана.

Андреј Сирачевски од Аурора исто така забележува дека она што може да се истакне овој период е дека патниците се повеќе се нафаќаат да одат на индивидуални патувања, сакаат вистински да се одморат од стресните околности во кои неизбежно живееме. Во Аурора Турс, периодов најактуелни патувања се токму овие индивидуални и малку подалечни патувања, претежно во топли краишта, за кои може да се резервира по многу примамливи услови:

-Египет – Хургада и Црвено море овој период имаат многу пристапни цени и се особено атрактивни за патниците. Климата е пријатно топла и за релативно ниски цени може да се помине убав одмор на плажа.

-Малдивски Острови – Егзотични како ниту една друга дестинација. Се повеќе луѓе одлучуваат да ги посетат и да искористат време за одмор и опуштање од целата ситуација во овој изолиран тропски рај. Оваа пролет цените за Малдивите се поатрактивни од било кога.

-Дубаи – Најубавиот период за посета е токму сега.

За сите овие дестинации потребен е негативен ПЦР тест за влез, потенцира директорот на Аурора и додава:
„Но во последно време ПЦР тестовите некако веќе станаа дел од секојдневието и пракса која се применува речиси секаде и повеќето патници се навикнати на тоа. Впрочем, многу малку се местата кои можеме да ги посетиме без ПЦР тест.“

Доста погодени, односно меѓу најпогодените воопшто од пандемијата, се туристичките агенции кои одвај врзуваат крај со крај, а многу од нив ставија и клуч на врата поради затворените граници и задолжителните ПЦР тестови кои се воведени во некои од земјите.


*Љ. Иванова