ЧАДИКОВСКИ: Значајно е ЗНМ да биде фактор, но многу поважно е новинарството да биде силно!
Мојата кандидатура произлезе од разговорите со повеќемина колеги, некои од нив во самото ЗНМ. Работата е многу повеќе одговорна, одошто атрактивна, особено сега кога ЗНМ е силно здружение. Но, се прашувам дали е доволно само ЗНМ да биде силна организација. Не, мислам дека е многу поважно новинарството да биде силно, новинарската професија да си ја врати атрактивноста, вели Младен Чадиковски, кандидат за претседател на ЗНМ во интервјуто за Фактор.
Зошто се решивте да се кандидирате за претседател на ЗНМ, некои велат позицијата е атрактивна, но други велат, така ќе си создадете повеќе непријатели?
Чадиковски: Видете, навистина не знам дали позицијата е атрактивна или дали ќе имам повеќе непријатели. Друго е прашањето, што ние како фела можеме да направиме за подобрување на работите. Чувствувам дека можеме многу и дека сега е моментот. Да го вратиме новинарството на вистинските патеки, седма сила. Коректор на политиките што ги практикуваат властите…