Часови од училиште на телевизија? 5-минутни видеа со одреден час да се емитуваат на Националниот сервис

– Пандемијата ја наметна потребата да согледаме зошто ни е потребен образовен систем во добра кондиција и дека посветено треба да работиме на негова дигитализација, реформа и подобрување. Прв пат создадовме единствена национална платформа за оналјн учење, што ја креиравме исклучиво со домашни ресурси и експерти. Ова не охрабрува и дава поттик за нејзино усовршување и прилагодување на потребите на секој ученик во нашата држава, рече на презентацијата премиерот Зоран Заев.

Инаку, Првата Национална онлајн платформа преку која во државава од 1 октомври ќе се одвива новата учебна година вчера беше презентирана пред јавноста. Следи период за прилагодување на наставниот кадар, учениците и родителите. Новата алатка, според надлежните, треба да биде значаен ресурс и по надминување на кризата со коронавирусот.

Платформата, според надлежните, е едноставна за користење и нуди учење на пет јазици. Ученикот преку компјутер или телефон ќе може да ја гледа училницата и наставникот и ќе може да ги користи сите поставени аудио и видеоматеријали на платформата и да ги изработува домашните задачи, а наставата нема да биде здодевна и ќе има брзи квизови, тестови и други иновативни содржини.

Според министерката за образование и наука Мила Царовска, платформата е првиот исчекор кон модернизација на образованието. Нова алатка, која сум убедена дека ќе биде значаен ресурс и по надминување на кризата со коронавирусот. Периодот што следи нема да биде лесен ниту за професорите, ниту за родителите, ниту за учениците. Промените се секогаш тешки и прилагодувањето бара огромна жртва од сите нас, изјави Царовска.

Се уште не е дефинирано како ќе се одвива целодневната настава за учениците од помалите одделенија кои ќе одат на училиште. За целодневната настава се прават дискусиии и со Комисијата за заразни болести и со Министерството за труд и социјална политика заради можноста децата да добијат одредена заштита по завршување на часовите.

Министерот за здравство Венко Филипче завчера истакна дека ако епидемиолошката слика е добра и стабилна, на почетокот на ноември ќе се даде дозвола уште некоја група од децата да оди со физичко присуство во училиштата.

Децата коишто немаат уреди за следење на онлајн настава во време на Ковид-19 ќе добијат можност за учење како и останатите деца. Министерството за образование и наука ја информира јавноста дека со Планот и Протоколите којшто се усвоени од Владата се предвидува успешно следње на наставата и за децата кои нема да бидат во можност да учат преку онлајн платформата, соопштуваат од Министерство за образование.

„За таа цел, детето има можност наставата да ја следи со физичко присуство на часовите во самите училници, додека наствниците предаваат на другите деца преку онлајн платформата. Исто така, за децата, чии родители се изјасниле дека не сакаат да ги пуштаат во училиште со физичко присутсво, а немаат уреди, во Планот е предвидена опција да добиваат печатени материјали. Овие материјали ќе се доставуваат на родителите од страна на наставниците според сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19“ наведуваат од МОН.

За да може секое дете да има пристап до наставниот материјал, МОН е во преговори 15-минутни видеа со одреден час да се емитуваат на Националниот сервис на посебни канали кои се обезбедени.

Исто така,  наставниците ќе имаат обврска редовно да комуницираат со децата и нивните семејства и да следат колку напредуваат во учењето.

„Приоритетната и најважната цел на Министертсвото за образование и наука е да обезбеди пристапност до наставата за секое девојче и момче во државата, без разлика каде живее. Нашата примарна цел е да создадеме образование достапно до секого и образовен процес којшто ќе ги постави темелите за развој на идни генерации кои ќе бидат движечката сила и умот на државата“ соопштуват од МОН.