Чек да брцнам во ташнава: Не само мажите. И жените клекнуваат други жени на колена

Добивај вести на Viber

Никогаш до крај не си одговорив на дилемата дали рамноправноста која ја добивме со мажите баш ни требаше или ич не ни требаше нам жените!?

При тоа ама баш, ич не сум сигурна дали ја добивме, или е тоа нешто што нит се добива нит се губи. Борба со замислен противник. Со ветерници.

Не можеш да добиеш нешто што не ти е дадено, ниту пак да загубиш нешто што не ти е дадено. Нити тие, нити ние. Од Бога. Нешто како северен и јужен пол, нешто како ден и ноќ. Нешто што по сила на сите природни закони е наместено така, што секој си има свое место, свое време, своја природна поставеност, улога, своја функција. Сакам да речам нешто зададено со сите можни закони на физика, хемија, биологија… метафизика ако сакате… И сега вие, ние, сеедно кој сакаше, сака, сакаме, сакате од денот да направите ноќ, или од ноќта ден. Или да ги соедините, изедначите, поистоветите… едноставно да ги превртите работите наопаку. Колку е тоа само опасна работа! Играње со оган, играње со “природните ненумерирани космички кодови“. Се си мислам дека таму никој не требаше да чепка. Ах…!

Од каде ли дојде таа идеја за некакво си изедначување и рамноправност?

Ќе ме демантирате со некои епохи низ развојот на човештвото. Знам! Да речеме со времето во средниот век, кога жените биле спалувани на клада, или кога поради своите вештини и убавини со кои располагале биле третирани за вештерки, за неморални… Черечени, спалувани…

Не мислам дека таму “лежи зајакот“ за борбата за рамноправноста на жените. Таквите жени и денеска се “спалувани на клада“. Секоја малку поубава и поумна жена, точно знае за што зборувам. Ќе те распнат како на крст, прво жените покрај тебе, кои немаат тоа што имаш ти. Први тие ќе те издадат. Ќе те изедат. Ќе се здружат против тебе, така, како што на ниту една “машка екипа“ никогаш не би и паднало на памет. Кај нив, кај мажите работите се јасни. Ним може да им се допаѓаат твоите гради, твојот задник, да сакаат да имаат секс со тебе… Станува збор за страсти, понекогаш и ниски страсти, не велам не, со кои мажите исто така, не велам не, од позиција на моќ, ќе посакаат да ве клекнат на “сексуални колена“. Но што!? Зарем жена од позиција на моќ нема да ви го направи тоа!? Да не се лажеме. И тоа како ќе ви го направи. И ладно ќе ви го сервира. Без око да и тепне. Само затоа што нема таква бујна коса како вашата, ниту такви стопала, или на неа не воздивнуваат така мажите, како што да речеме воздивнуваат на вас. Така фино ќе скројат костум во кој ќе ве спакуваат, што додека да се завртите фатени сте во мрежата на жената “пријателка“ токму до вас. Каменот никогаш не доаѓа од далеку. Таквите и тие женски сензори, се во состојба да ги излажат и најмоќните полиграфи на ЦИА за да ја добијат војната жена-жена. Нема пострашно од тоа.

Така што, ако се боревме за војна и рамноправност со мажите, ич не сум сигурна дека ни е извојувана. Мислам дека си влеговме во војна со самите себе. Освен ако не мислите дека битката е добиена, така што жената ќе се разведе, ќе го распне машкиот род во себе, по сите шавови ќе го распара, ќе ги прогласи сите мажи за исти, ќе ги замрази од дното на душата, ќе ги стави сите во исти кош, ќе се откаже од нив за сите времиња и да извините на израз “ќе си ебе мајката“. 

Сама ќе се расправа со мајстори, сама ќе м’кне ќеси и торби од пазар, сама ќе ги носи децата по англиски и по разно-разни спортови, сама ќе трча ко улава натаму-наваму за ем да заработи, ем да стаса на кафе со другарките, ем да стаса на по две три родителски средби, да ги напише и научи сите лекции за домашно, за писмени и за испрашување, ем да заштеди некој денар за некаков си годишен одмор до овде-до онде и да зачува некој денар, за да си купи барем едни нови чизми и една ташна годишно.

И за на крај, знаете што!? Кога ќе пораснат децата така фино да си се завртат кон татковците, како никогаш да не сте ни постоеле. Сеедно дали се тоа синови, или ќерки.

Никогаш исто така не ми било јасно зошто е ова вака, ама ете просто така е. Дали се децата правични, па си имаат некои свои исто така од Бога дадени мерни единици, каде што правилно си ја мерат својата љубовна правдина кон родителите, или се само користољубиви “суштественциња“. Не се осмелувам да кажам. Оти не се осмелувам да кажам и дека сум била безгрешна “Мајка Тереза“ за син ми мене да ми се поклонува, а татко му да не сака да го види. Не! Никако. Ни под разно. Така што, да си ја оставевме работата така како што Господ ја создал, можеби и немаше до ова дереџе да стасаме.

Жената да си беше жена, мажот да си беше маж.

Таа со сите нишани, ко што треба, тој со сите нишани ко што треба.

Тој си беше ловец и војник, таа си беше дома жена и мајка спастрена, одморена, стокмена, со зготвен ручек, со спокојна насмевка и прегратка.

Тој иташе кон неа и кон домот, кој таа го создаваше и едвај чекаше да и се втурне во прегратките и да се испречи пред неа како витез со уловот кој со сета своја храброст го донел денес. А таа како мачка со изабени од љубов шепи да гребе по неговата храброст, моќ и љубов.  Да, за љубов зборувам тука. Само за љубов. Не за право на глас.

Впрочем да знаевеме дека за вакви Курто и Мурто и вакви Ојлевци Дојлевци ќе требаше да гласаме, ич не сум сигурна дека ќе си ја продадевме “господската женска“ од Бога дадена улога. Да бидеме нежна, тивка, питома, љубовна, мила, добра, љубимица на мажот и на децата. Наместо во вакви аждаи во кои се претворивме, сакајки да облечеме панталони. Извинете, ама ја до ден денес не можам ништо паметно да видам во оваа со векови војувана и никогаш не извојувана битка.

Патем да не се лажеме. Ние никогаш нема да знаеме така бучно и својски да пивнеме пиво, како што тоа знаат и умеат да го прават мажите.

А и не треба. Не, нè личи. Ако поштено правиме муабет..

Нас не личат еден куп други работи. Си знаеме ние жените кои.

Ете… сакав да напишам нешто во чест на празникот кој следи. Среќен 8ми март


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска